Според сознанијата на СЗО, ХИВ останува главен проблем на јавното здравје кој погодува повеќе од 2 милиони луѓе во Европскиот регион на СЗО.
Иако е постигнат значителен напредок во изминатите неколку децении, важните цели поставени за 2020 година не беа исполнети.
Поделеноста, нееднаквоста и непочитувањето на човековите права, се меѓу неуспесите што дозволија ХИВ да стане глобална здравствена криза и закана и да остане таква.
Сега, СОВИД-19 ги влошува нееднаквостите и нарушувањата на услугите, што ги прави животите на многу луѓе кои живеат со ХИВ попредизвикувачки.
Темата на Светскиот ден за борба против СИДА за 2021 година е „Крај на нееднаквостите, крај на СИДА-та“, ставајќи посебен фокус на контактите на луѓето кои се оставени.
СЗО и нејзините партнери ги истакнуваат растечките нееднаквости во пристапот до основните услуги за ХИВ.
На 1 декември 2021 година, СЗО ги повикува лидерите и граѓаните да се соберат за да се соочат со нееднаквостите што ја поттикнуваат СИДА-та и да допрат до оние кои моментално не добиваат основни услуги за ХИВ.
Во светски рамки состојбата со ХИВ/СИДА е следна:
- Возрасни и деца кои живеат со ХИВ се 37 700 000 во 2020 година.
- Возрасни и деца новоинфицирани со ХИВ се 1 500 000 во 2020 година.
- Смртните случаи на возрасни и деца поради СИДА се 680 000 во 2020 година.
- Луѓе кои живеат со ХИВ кои се на АРТ се 27 500 000.
- Процент од луѓето кои живеат со ХИВ, кои се на АРТ 73%.
- Луѓе кои живеат со ХИВ кои го потиснале вирусното оптоварување 24 900 000.
- Процент од луѓето кои живеат со ХИВ кои го потиснале вирусното оптоварување 66%.
Светот постигна значителен напредок од крајот на 90-тите години на минатиот век, но ХИВ останува главно глобално јавно здравствено прашање.
Како и многу други големи здравствени проблеми, се соочува со дополнителни предизвици за време на пандемијата КОВИД-19.
Службите за превенција, тестирање, лекување и нега на ХИВ се нарушени особено во земјите со кревки системи на здравјето.
Намалувањето на основните услуги за ХИВ како резултат на КОВИД-19 претставува закана за животот.
Секое забавување на обезбедувањето на овие услуги ќе остави многу ранливи популации под поголем ризик од ХИВ инфекција и смртни случаи поврзани со СИДА. Како и да е, низ целиот свет, здравствените работници и претставниците на заедницата прават се’ за да ги одржат услугите, усвојувајќи иновативни начини за надминување на нарушувањата во услугите предизвикани од КОВИД-19.
Во текот на 2021 година до 30 ноември регистрирани се вкупно 42 нови лица со потврдена ХИВ/СИДА-инфекција.
Табела 1. Според возраста, новодијагностицираните припаѓаат на следниве возрасни групи:
Возрасна група | Вкупно |
20-24 години | 3 |
25-29 години | 11 |
30-34 години | 7 |
35-39 години | 13 |
40-44 години | 3 |
45-49 години | 3 |
50-54 години | 2 |
Табела 2. Според место на живеење на лица со ХИВ/СИДА
Место на живеење на лица со ХИВ/СИДА | Вкупно |
Битола | 4 |
Демир Капија | 1 |
Гевгелија | 1 |
Гостивар | 1 |
Кавадарци | 2 |
Кратово | 1 |
Куманово | 1 |
Охрид | 1 |
Прилеп | 3 |
Скопје | 17 |
Штип | 2 |
Струмица | 3 |
Тетово | 2 |
Велес | 3 |
Вкупно | 42 |
Табела 3. Според дијагноз, лица со ХИВ/СИДА
Дијагноза | Вкупно |
ХИВ | 36 |
СИДА | 6 |
Вкупно | 42 |
Сите новодијагностицирани се од машки пол, додека според начинот на пренос, кај 37 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи што имаат секс со мажи, а 5 лица се изјасниле како хетеросексуалци.
Четири лица починале во 2021 година.
Половина од новодијагностицираните ХИВ-тестот го направиле во сервисите коишто нудат бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање и советување – во невладините организации и во рамките на институциите.
На сите пациенти им се нуди стручна психосоцијална поддршка во врска со започнувањето на антиретровирусната терапија со цел да се осигури правилно и редовно земање на лековите и да се избегнат евентуални несакани ефекти.
Пациентите имаат постојана достапност на тимот кој дава медицинска и психосоцијална поддршка. Во услови на КОВИД-19 се остварува зачестена телефонска комуникација со пациентите, особено со оние кои неодамна се вклучиле во лекувањето.
Програмски податоци за спроведувањето на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2021 година
Оваа година, поради пандемијата со КОВИД-19, целата програма се спроведува во вонредна состојба којашто директно влијае во обемот на работата што ја спроведуваат организациите, но сепак се постигнати значајни резултати.
Платформата на граѓански организации ангажирани во имплементацијата на ХИВ програмата на почетокот на пандемијата подготви протокол за работа во време на вонредната состојба, кој е во согласност со насоките на Министерството за здравство, запазувајќи ги сите потребни заштитни мерки при нудење на услугите.
Истовремено, дадени беа насоки опфатените клиенти од сите граѓански организации да бидат информирани за КОВИД-19 и мерките што треба да ги почитуваат со цел нивна лична заштита и заштита на нивните семејства и блиски.
Скопје
01.12.2021
Оддел за епидемиологија на заразни заболувања
Одделение за превенција и контрола на заразни заболувања