Супституциската терапија со опиоди е начин на лекување на зависности од дроги со кој на луѓето кои се зависни од опијати им се дава лек кој е замена за дрогата која ја користат. Супституциските лекови се препишани и од лекар и се издаваат под надзор на овластени лица, најчесто во болничко опкружување. Најчесто применувани супституциски лекови се:
- Метадон. Се користи за опијатна/опиоидна зависност. Ги блокира еуфоричните и седативните дејства на опијатите. Ако се дозира правилно не предизвикува еуфорија, труење или поспаност. Ја намалува хроничната потреба за опијати. Ги спречува апстиненцијалните симптоми. Не ги нарушува моторните и менталните способности и не ја намалува работоспособноста или поточно, личноста може успешно да се ресоцијализира. Влијае на намалување на ризиците од пренесување на крвно и сексуално преносливи инфекции. Претставува ефикасно средство за заштита од ХИВ и од хепатит, за намалување на стапката на криминал, за успешна ресоцијализација.
- Бупренорфин. Опијат-блокатор што се користи за лекување на опијатна/опиоидна зависност кај лица повозрасни од 16 години. Бупренорфинот е делумно агонист што значи дека ги поттикнува опијатските рецептори во мозокот да делуваат, што му дава и поволно антидепресивно дејство, додека другиот дел е антагонист што значи дека ги блокира опијатските ефекти во мозокот, врзувајки ги рецепторите без да ги стимулира да дејствуваат. Повеќе за бупренорфин можете да прочитате во списанието Дроги – Политики и практики, бр. 1, стр. 14.
- Бавно ослободувачки морфиум или ЛААМ. ЛААМ (Levo-Alpha Acetyl Methadol) е алтернатива на терапијата со метадон. Се прима три пати седмично и затоа не мора секој ден да се оди до болницата. ЛААМ го блокира дејството на другите опијати и спречува појава на апстиненцијална криза, но не предизвикува чувство на вознесување (high). Се нарекува бавноослободувачки затоа што побавно се апсорбира во организмот и има подолготрајно дејство.
- Одржување со хероин. Се користи кај луѓе со долгогодишна зависност од опијати кај кои другите терапевтски методи не биле ефикасни.