На 23 мај 2017 година ХОПС имаше чест да прими триесет и осум студенти од Холандија кои се на студиско патување во Македонија, Србија и Косово. Студентите по антропологија од Универзитетот во Лајден, Холандија претходно изразија желба да се запознаат со мисијата на ХОПС, а нам ни претставуваше чест да ги поканиме и да ги запознаеме со нашата работа, но и да размениме знаење и искуства со нив.
Како што самите се изразија, навистина беа воодушевени од работата на ХОПС и од услугите што ги нуди за сексуалните работници и за луѓето кои употребуваат дроги.
„Навистина ми се допаѓа ова што го работите. Вие вршите навистина голема работа овде“, изјави една студентка.
Нејзина колешка додаде: „Она што особено ми се допаѓа е што немате осудувачки став кон луѓето на кои им помагате, затоа што, знаете, луѓето обучно се осудувачки настроени кон оние кои употребуваат дроги и кон оние кои се занимаваат со сексуална работа“.
Од останатите теми, посетителите беа особено заинтересирани за политиките за дроги и за сексуална работа во Македонија, но и за законската регулатива за канабис за медицинска употреба. Како студенти по антропологија се интересираа и за истражувањата за дроги и за сексуална работа на ХОПС.