На 17 декември 2017 година се одбележа Меѓународниот ден за прекинување на насилството врз сексуалните работници. Четиринаесет години, сексуалните работници ширум светот на овој ден ја истакнуваат потребата за ставање крај на насилството врз нив. Прашањата со кои се соочуваат сексуалните работници често се разликуваат од регион до регион, поради различните закони, социјални и културни контексти, но едно заедничко прашање со кое се соочуваат е нивната ранливост и искуството со насилство.
Тие се подложни на насилство поради криминализацијата и законското угнетување на сексуалната работа, дополнително со стигмата и дискриминацијата. Оваа ранливост кон насилство е зголемена за сексуалните работници кои живеат со ХИВ, сексуалните работници кои користат дроги, трансродовите сексуални работници, сексуалните работници- мигранти и сексуалните работници кои се дел од другите маргинализирани групи. Според SWAN, во 2017 година се гледаат континуирани прекршувања на правата на сексуалните работници ширум светот, што доведува до поголема појава на насилство.
Во Скопје на 16 ти декември се одржа „Скопје ред лајт дистрикт“ кој беше перформанс со цел да го отслика шармот на улицата на црвените фенери со бордели во Амстердам. Улицата на црвените светла претставува симбол на слободниот и толерантен став кон најстарата професија на светот. Додека на 17-ти декември со почетна точка на улица „Македонија“, по десетти пат се одржа маршот на црвените чадори, во рамки на меѓународниот ден „Стоп за насилството врз сексуалните работници“, во организација на Граѓанската иницијатива за заштита на правата на сексуалните работници „Стар-стар“. Во Македонија има од 3.000 до 5.000 сексуални работници, кои секојдневно се изложени на насилство не само од клинетите, туку и од полицијата од која бараат заштита.
Галеријата од „Скопје ред лајт дистрикт“ на Ванчо Џамбаски можете да ја погледнете ОВДЕ.