Објавен е четиринаесеттиот број на списанието Дроги – Политики и практики. Овој број го посветивме на „Стимуланси“.
Додека пиеме кафе со цигара не размислуваме на тоа дека користиме стимуланси. Некои од нас ги користат прекумерно. Иако станува актуелна стигматизацијата на корисниците на некои од легалните стимуланси, преку паролите за опасностите што ги носи пушењето тутун на пример, сепак таа е неспоредлива со стигматизацијата на корисниците на нелегалните стимуланси.
Тие, пак, стануваат сè поактуелни, односно може да се каже дека стимулансите веројатно стануваат дрога на денешницата. Нивната употреба се распространува преку границите на одредени општествени групи или категории на граѓани на кои стереотипите им наметнуваат типична за нив употреба на одредена супстанција. Употребата на стимулансите ја илустрира порозноста на овие „граници“.
Корисниците на стимуланси ја разнишуваат и стереотипната слика за „зависниците“ зашто тие не мора на ниеден начин да бидат забележливи или да отскокнуваат од она што е определено како прифатливо или што е нормирано од страна на општеството. Актуелноста на стимулансите може да биде и индикација за истражување на современите општествени околности. Се чини дека централниот нервен систем има потреба да биде постојано стимулиран за да може спремно да одговори на барањата што ги поставува современиот начин на живот. Во оваа смисла се наметнуваат низа нови истражувачки прашања кои може да помогнат во градењето стратегии за справување со евентуални ризици и последици од употребата на стимуланси.
[button link=”https://hops.org.mk/wp-content/uploads/2020/07/DPP-X4_WEB-11-03-2020-1.pdf ” color=”default”]ПДФ издание[/button] [button link= “https://hops.org.mk/stimulansi-2/#” color=”default”]ОНЛАЈН издание[/button]