Меѓународниот ден на сексуалните работници се одбележува секоја година на 2-ри јуни во Европа и низ целиот свет. Овој ден се смета за симболично раѓање на активистичкото движење на сексуалните работници во борбата за почитување на нивните права.
Како повод за одбележување на овој ден претставува акцијата во 1975 година, кога на 2-ри јуни се собрале околу 100 сексуални работници кои ја окупирале црквата Св. Низиер во Лион, Франција, со цел да го изразат својот гнев за нивните дискриминирани и експлоатирани услови за живеење и работење. На 10-ти јуни, во 5 часот црквата била брутално нападната од страна на полицијата. Оваа нивна протестна акција претставува почеток на меѓународното движење на сексуалните работници кои се залагаат за своите права.
По тој повод, СТАР-СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот ќе организира ОТВОРЕН ДЕН за посета во своите простории на 06.06.2019 година (четврток), во времетраење од 12:00 до 17:00 часот. Во просториите на СТАР-СТАР се предвидени разновидни презентации на активностите и проектите на СТАР-СТАР, истражувања, публикации, списанија, резултати од теренска работа како и споделување на корисни информации за моменталната состојба на сексуалните работници и влијанието на движењето на сексуалните работници кај нас и во светот. Посетителите ќе имаат можност непосредно во разговор со нашиот тим да се запознаат со мисијата, визијата, вредностите и активностите на СТАР-СТАР, како и повеќе од 10 годишното делување на заедницата на сексуални работници во Северна Македонија.
Денот е наменет за студентите во Р. Северна Македонија, но исто така претставува убава можност за сите оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за програмите и активностите развиени и реализирани од самите сексуални работници.
Се надеваме дека на сите посетители ќе можеме да им ја пренесеме нашата цврста верба во градење на едно отворено и солидарно општество, во кое се почитуваат различностите.
Вашето присуство на Отворениот Ден по повод одбележувањето на Меѓународен ден на сексуалните работници за нас ќе претставува особена чест.
Ве молиме, за повеќе информации и регистрација на посетителите обратете се на следнава електронска адреса: star.contact@yahoo.com