Оваа анализа претставува дел од континуираните заложби на Здружението ХОПС − Опции за здрав живот Скопје за изнаоѓање на средства во буџетот на државава со кои ќе може да се обезбеди континуитет во спроведувањето на програмите за намалување на штети од употреба на дроги кои ги спроведуваат граѓанските организации.
Анализата има цел преку мониторинг на средствата кои ги прибира државава преку наплата на акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари врз основа на член 16, став 1 од Законот за здравствена заштита1 и средствата кои ги прибира државава преку наплата на даноци на промет во земјава и давачки за увоз и извоз на канабис и на производи од канабис да се идентификуваат расположливите средства кои не се искористени за унапредување на здравјето на граѓаните, а можат во целост да се алоцираат за обезбедување на долгорочна финансиска одржливост на програмите за намалување на штети од употреба на дроги кои ги спроведуваат граѓанските организации.
Анализата дава приказ на трендовите во расположливоста и искористувањето на средствата од акцизите со кои располага Министерството за здравство за периодот од 2013 до 20212 година, како и приказ на расположливите средства прибрани преку производство и ставање во промет, увоз и извоз на канабис и на производи од канабис во период на 2021 година. Наодите во оваа анализа се базираат на податоци и на информации содржани во Буџетот на Република Северна Македонија (РСМ), буџетот на самофинансирачки активности на Министерството за здравство3, Завршната сметка на Буџетот на РСМ и податоци добиени од Министерството за здравство, Царинската управа на РСМ и Управата за јавни приходи на РСМ во постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Здружението ХОПС − Опции за здрав живот Скопје изразува особена благодарност до сите лица кои се вклучија во подготовка на овој документ кој ги содржи резултатите од спроведената анализа на начинот на прибирање, на трошење, на распределба и на дистрибуција на средствата кои ги префрлила Царинската управа на сметката на самофинансирачки активности на Министерството за здравство од наплата на акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари во 2013 до 2020 година, како и резултатите од анализата на начинот на прибирање и користење на средствата од промет и производство на продукти од канабис. Посебна благодарност упатуваме до Царинската управа и Управата за јавни приходи на Република Северна Македонија кои, во рамките на постапката за слободен пристап до информации од јавен карактер, обезбедија податоци кои понатаму беа анализирани, а чии резултати се презентирани во оваа анализа. Оваа анализа беше овозможена со финансиска поддршка од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.
Прочитајте ја Анализата ТУКА