Ова е приказна за успехот на еден магионичар кој ги разбранува детските срца! Секако, кога текстов би бил филм, сигурно на почетокот ќе стоеше наслов „се работи за вистинска приказна“. Затоа ова е приказна за детската радост!
Можеби некому му изгледа необично кога наместо Дедо Мраз новогодишните пакетчиња ги дели магионичар, но ние не би биле тоа што сме ако не направиме нешто поразлично. Нема човек кој не ужива во добри трикови. Илузионистичките трикови предизвикуваат возбуда, насмевка и воодушевување кај целата публика. Па, можеби оттука произлегува и желбата на повеќето дечиња кога ќе пораснат да бидат магионичари или пак некогаш во животот одблиску да го видат волшебникот кој прави неверојатни работи. Всушност, тоа се и скриените желби на децата, невозможните работи да ги направат возможни, односно лошите работи да ги направат убави, да го направат светот да биде исполнет со радост, а солзите да ги преточат во насмевки.
Искрената желба на децата да живеат во светот на бајките или пак приближно да им го доловиме нивниот замислен свет е наша мисија која низ работните години гледаме успешно да ја оствариме со децата чии родители се корисници на дрога.
Понекогаш и малите нешта можат да придонесат за голема насмевка. Еден ден на вратата на нашиот Центар за ресоцијализација и рехабилитација се појави човекот кој донесе голема среќа и воодушевување кај овие дечиња – тоа беше магионичарот. Средбата на децата со магионичарот е нешто што секој од нас би посакал да го доживее! Средба исполнета со преголема радост во детските очиња, широка насмевка на нивните лица, срца исполнети со многу емоции, разиграни мисли кои го прават детскиот свет реалност! Зарем ова не е најубавиот подарок што може да си го посака секој од нас?
Никој не останува рамнодушен кога ќе ги слушне овие детски зборови. „Многу бев среќен кога дојде магионичарот и ни даваше пакетчиња.“
Децата и магионичарот заедно правеа трикови, заедно детските фантазии ги преточија во реалност! Невозможното за момент го направија да биде возможно! Сè беше толку волшебно, што за момент изгледаше како сон од кој никој не сакаше да се разбуди.
„Тука ми е многу убаво, понекогаш учиме, понекогаш си играме. Многу ми се допаѓаат книгите што ги имаме тука, особено најмногу ја сакам книгата за рибите!“
Затоа се среќни овие дечиња! Затоа што некој едноставно одлучил да им посвети внимание, ефективно да го искористи времето поминато заедно и победнички да ги насочи во иднината. Тоа се нивните скромни желби и барања кои ги бараат од нас возрасните! Заедно да поминеме дел од денот, кој ќе биде исполнет со игра, учење и дружење.
Затоа ја сакаме нашата работа во Центарот за ресоцијализација и рехабилитација. Ваквите искуства нè мотивираат да продолжиме понатаму, да организираме настани, да вклучуваме уметници, да посетуваме различни места за на овие деца да им го овозможиме она што го заслужуваат и го имаат како нивно загарантирано право – право на среќно детство.
Елеонора Чичевска