Оваа недела во Луксембург се одржува состанок на Европскиот граѓански форум за ХИВ, хепатит и туберкулоза. Ова советодаво тело формирано од Европската комисија го сочинуваат 40 организации од ЕУ и соседството и има мисија да придонесе за овозможување на универзален пристап до оптимални здравствени и социјални услуги за оние на кои им се потребни. Форумот го советува Европскиот комесаријат за здравје и безбедност на храна за стратегии и политики за надминување на социјалната исклученост и здравствените нееднаквости, а со цел унапредување на јавно-здравствените системи низ Европа и добросостојбата на сите граѓани.
Помеѓу темите дискутирани на тековната средба се и пристапот до ефективни мерки за превенција, рано откривање и современ третман, посебно за групите ранливи на трите инфекции. Со посебен фокус се разговара за достапноста на пре-експозиционата профилакса (ПрЕП) за ХИВ, надминување на легалните и административните бариери за превенција и тестирање базирани во заедниците, како и одржливоста на услугите кои се докажано ефикасни.
ХОПС членува во Европскиот граѓански форум од 2014 година.