Во моето 21-годишно искуство на работа во Центарот за превенција и третман на злоупотреба и зависност од дрога и други психоактивни супстанции не сретнав толку многу млади кои експериментираат со дрога или кои употребуваат марихуана колку што сретнав во првите 6 месеци од постоењето на Советувалиштето за превенција од употреба на дрога, а и потоа. Размислував зошто во центрите за третман на злоупотреба и зависност од дрога нема толку многу млади клиенти и претпоставив две причини, едната е затоа што младите немаат толку проблеми поврзани со психоактивни супстанции, а другата затоа што тие програми не се атрактивни за нив. Сепак со почетокот на работата на Советувалиштето сфатив дека младите имаат проблеми кои сакаат да ги споделат и да ги решаваат со помош на стручно лице, но сè до отворањето на Советувалиштето за млади за превенција од употреба на дроги немале каде. Младите не ги посетуваат постоечките програми за превенција и за третман на зависност од дрога од едноставна причина што тие не се креирани според нивните потреби, па затоа и не се атрактивни за нив. Особено значајно за моите клиенти во Советувалиштето беше анонимноста и доверливоста. На почетокот имав клиенти кои не сакаа да споделат со мене ни колку се стари, ни во кое училиште учат, ни која година се затоа што се плашеа да не бидат споделени информациите во училиштето. Ни возрасните не се разликуваа многу од децата или ако сакате и обратно, децата не се разликуваа од нивните родители, имаше родители кои исто така беа многу претпазливи во разговорите, да не споделат случајно некој податок со кој ќе бидат идентификувани. Имаше и случаи кога не можев да им ја видам ни бојата на косата затоа што носеа капи, но набрзо по 2/3 средби се чувствуваа сигурни и безбедни во Советувалиштето, па го откриваа својот идентитет, иако тоа никој не го бараше од нив. Беше многу едноставно да се сфати дека многу од младите и нивните родители ја почувствувале стигматизацијата поврзана со употреба на дрога, па за да ја избегнат се подготвени дури и да се лишат од каков било третман на нивниот проблем само за да не си го откријат идентитетот.
Советувалиштето за превенција од употреба на дрога и други психоактивни супстанции меѓу учениците од средните училишта во Скопје започна со својата работа во септември 2012 година. Ова е само дел од напорите за превенција од употреба на дрога и други психоактивни супстанции меѓу учениците од средните училишта во Скопје, поддржани од Градот Скопје, а ги спроведува Здружението ХЕРА ‒ Асоцијација за здравствена едукација и истражување (Health Education and Research Association). Овие активности се содржани и во Локалната стратегија за дроги на Град Скопје. На почетокот Советувалиштето работеше два дена во неделата по два часа. По една година од функционирањето на Советувалиштето, поради зголемена побарувачка на овој вид сервис, Советувалиштето почна да работи три дена во неделата по три часа, но подоцна поради рестрикција на финансиски средства работните часови на Советувалиштето беа намалени на двапати неделно по три часа. Во текот на 2015 година имаше и ненадеен прекин на Советувалиштето од 2 месеци поради ненавремено обезбедени средства, што се одрази и на подоцнежната посетеност на Советувалиштето, односно „губење” на дел од клиентите кои ја посетуваа програмата во континуитет. Необезбедената одржливост е сериозна закана и ненадејни прекини во иднина мора да се превенираат. Актуелно, Советувалиштето работи два дена во неделата (понеделник и среда) по 3 часа, и тоа во понеделник од 14,30 до 17,30 часот, а во среда од 16 до 19 часот. Во Советувалиштето за млади за превенција од употреба на дрога и други психоактивни супстанции, во 2015 година за 10 месеци се реализирани 242 посети од страна на 207 клиенти од кои нови биле 141 клиент (млади, нивни родители, партнери и стручни лица). Еден дел од клиентите имаат потреба од повеќе посети и континуирана работа и следење, друг дел имаат потреба од информација и од психоедукација, и тие еднократно го посетуваат Советувалиштето, а трет и најмал дел од клиентите се препраќаат во друга институција. Кај младите кои се јавуваат во Советувалиштето најчесто употребувани супстанции се марихуана, алкохол и седативи, многу поретко наркотични аналгетици и опијати, а дел од нив не употребуваат супстанции.
Во Советувалиштето се нудат повеќе видови услуги – советување, поддршка и третман за млади лица како главна целна група, но и за партнери, за родители и за стручни лица од образовниот систем исто така. Пристапот е сеопфатен и нуди поддршка за лицата кои имаат проблем, но и на потесната заедница исто така.
Од особено значење за мене беа посетите од млади од средните училишта кои доаѓаа во Советувалиштето заедно со стручни лица или наставници, иако имаше и случај кога стручно лице бараше совет за да се отстрани ученик поради притисок од родителите на другите ученици. Особено силен впечаток оставија сензибилните и емпатични наставници кои со или без родителите доаѓаа во Советувалиштето заедно со својот ученик или ученици.
Советувалиштето за превенција од употреба на дрога и други психоактивни супстанции е дел од Советувалиштето за млади „Сакам да знам” кое нуди доверливи и бесплатни услуги за сексуално и за репродуктивно здравје. Ова Советувалиште работи од 2005 година и низ годините пријателскиот пристап кон младите, пристап без осудување, пристап без морализирање, со емпатија, со разбирање и со сензибилност кон проблемот покажа дека таквиот пристап е многу ефективен и функционален за здравствена грижа за младите луѓе. Тоа беше причината зошто Советувалиштето за превенција од употреба на дрога и други психоактивни супстанции беше формирано како дел од Советувалиштето за млади „Сакам да знам”. Покрај тоа корисно за сите клиенти е и тоа што на едно место тие можат да добијат повеќе услуги како што се: советување за превенција од употреба на психоактивни супстанции од психијатар и доверливи услуги за сексуално и за репродуктивно здравје, од гинеколог и од дерматовенеролог.
Младите и нивните родители или партнери во Советувалиштето најчесто доаѓаат поради: притисок од врсниците за употреба на психоактивни супстанции, понудена дрога, пријателство со врсник кој употребува дрога, партнер кој употребува дрога, страв да не започнат со употреба на дрога, сомневање на родителите дека нивните деца употребуваат дрога, слаб успех во училиштето, пронајдена психоактивна супстанција од страна на родител, страв да не им „ставиле дрога” без нивна согласност, експериментирање со психоактивни супстанции, штетна употреба, психички состојби предизвикани од употреба на психоактивни супстанции, одржување на апстиненција. Советувалиштето го посетуваат и групи на млади од „Детско село“, ученици од средните училишта во Град Скопје, членови на здруженија на граѓани за информирање, едукација за превенција и техники на одбивање.
Најчести услуги кои се даваат од психијатар се: советување, психоедукација на родители, партнери и млади, супортивна терапија, мотивациско интервју, техника на одбивање, превенција на рецидиви и др. Психоедукацијата е особено важна не само за младите туку и за нивните родители или партнери за да можат подобро да ги разберат, да ги прифатат, да не ги осудуваат и со тоа да им ги ослабнуваат силите на младите кои треба да се борат со проблемот. Иако, искрено кажано, има многу тврдокорни родители/партнери со кои целиот процес трае многу долго и може да биде фрустирачки. Поддршката кон клиентот во такви ситуации е многу корисна. Поддршката и на родителите кои се исплашени и збунети, исто така, е корисна затоа што стресот и стравот кај родителите можат да направат поголема штета во домот од самото експериментирање со супстанција. Психоедукацијата за психоактивните супстанции се реализира преку видеоигри за легални и за илегални психоактивни супстанции со кои се опфатени сите аспекти (законски, принудено нудење сексуални услуги, соматски и психички нарушувања), преку разни ликови и нивни животи, водичи за дроги (изглед, ефекти, ризици, законски аспекти), учење како да одговорат на понуда за дрога, испитување на ставовите за дрога, информации дека понуденото е илегално да се поседува и дека содржината на понуденото не е позната.
На младите им се помага да станат свесни за притисокот што го вршат врсниците врз нив за да ги наведат на употреба на дрога. Им се помага да најдат начин да го издржат притисокот од врсниците, се вежбаат техники на одбивање и на избегнување. Многу често младите, иако не само тие, не знаат да кажат „не”. Во Советувалиштето учат и вежбаат како да кажат „не”, како да избегнат притисок. Тие се охрабруваат тоа да го применат во секојдневниот живот и секој успех на клиентот се наградува со афирмативни пораки кои поттикнуваат дополнителна мотивација за нивен понатамошен личен раст и развој. Еден наш клиент кој научи да биде асертивен, кој научи да одбие и да каже „не” подоцна го донесе и својот другар во Советувалиштето.
Во врска со употребата на повеќе супстанции во исто време, без разлика дали тие се легални или илегални, им се помага на младите да го сфатат ризикот од мешањето на супстанции, а се испитуваат и зошто употребуваат повеќе супстанции во исто време и сл.
Во врска со законските аспекти им се даваат информации и советување дека поседувањето и „дилањето” на дрога е казниво, дека казните за „дилање“ се повисоки и дека дури и купувањето за другар е „дилање”, им се помага да научат како да одговорат кога се бара од нив да сторат нешто нелегално и учат како да преговараат со врсниците.
Останатите услуги кои клиентите во Советувалиштето можат да ги добијат се: прегледи од гинеколог и од дерматовенеролог, тестови, советувања за бременост и за контрацепција, ХИВ тестирање и советување, и советување за сексуално преносливи инфекции.
Пријателскиот однос кон сите привлече млади не само од Скопје туку и од други градови кои беа прифатени и третирани подеднакво со младите од Скопје. Побарувачката на ваков вид услуги од младите од другите градови само ни кажува дека ваков вид сервиси се потребни и во другите градови во Република Македонија. Отвореноста и достапноста на ова Советувалиште за младите од другите градови не го решава во целост проблемот затоа што пристапноста и трошоците за пат за повеќе млади и нивните родители претставува сериозна бариера за ваква услуга. Градот Скопје и стручните лица би требало да дадат свој придонес во обука на кадри од другите градови за работа во вакви советувалишта, се разбира, доколку има потреба за тоа. Сепак најголемиот товар и одлуката за воспоставување вакви советувалишта во другите градови треба да биде на градовите, а со поддршка на МЗ, МОН и МТСП. Покрај младите од средните училишта, многу од клиентите се повозрасни адолесценти. Повремено се случува услуга да побараат и повозрасни лица, како на пример возрасна жена која поради непостоење специфични програми за жени побара помош во ова Советувалиште, иако тоа беше исклучителен случај. Таа беше закажана како дете на пријатели од мој колега, можеби мојот колега не знаел точно за кого се работи, како и да е, на мое изненадување во закажаниот термин дојде возрасна жена. Откако ја ислушав, немав друг избор освен да продолжам да работам со неа на нејзиниот проблем затоа што не знаев каде да ја упатам, а притоа да не направам поголема штета. Во текот на работата со неа таа ми даде податоци за млад член од нејзиното семејство кој има проблеми и затоа употребува седативи, кој подоцна исто така стана наш клиент. Сепак незаборавни се нејзината среќа и задоволство од пристапот и од третманот во ова Советувалиште за млади.
Лилјана Игњатова
Доцент д-р Лилјана Игњатова е раководителка на Центарот за превенција и третман на злоупотреба и зависност од дроги и други психоактивни супстанции при ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, Македонија, а работи и како доцентка по предметот Психијатрија и медицинска психологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Доц. д-р Игњатова е основачка и членка во Одборот на директори на Мрежата за лекување зависности на Југоисточна Европа и Јадранот, како и членка-основачка на Светската федерација за третман на опијатна зависност. Таа е постојана коресподентка за Групата Помпиду при Советот на Европа. Добитник е на наградата „SEE net Reflection Award” во 2015 година.