26 јуни е меѓународниот ден за борба против дрогата. Имено, на овој ден сите влади во светот ја информираат јавноста за успесите кои тие ги постигнале во решавањето на прашањата поврзани со употребата на дроги.
Граѓанскиот сектор ширум светот на истиот ден ја организира кампањата Поддржи, не казнувај преку која ги потенцира клучните проблеми во однос на националните политики за дроги.
ХОПС – Опции за здрав живот Скопје веќе 5 години е дел од оваа кампања и оваа година главен фокус на кампањата е проблемот со лекувањето на зависности. Веќе подолг период сме сведоци на протести на граѓаните во Скопје во однос на селењето и наоѓањето на нова локација за постоечкиот Центар за зависности Кисела Вода. И после 6 месеци решение сеуште нема.
Во насока на решавање на оваа ситуација ХОПС- Опции за здрав живот Скопје најпрво направи кратко истражување за состојбата со лекувањето на зависностите во Скопје, Охрид и Штип. Целта на истражувањето беше да добиеме подетална слика за актуелниот квалитет на програмите за лекување на опиоидна зависност со супституциско одржување во Македонија. И покрај многуте бенефити од програмите, овде ќе ги презентираме само постоечките слабости со цел да бидат јасно препознаени и адресирани.
Употребата на дроги не е новост ниту реткост во Македонија. Речиси 9 % од македонските граѓани пробале нелегални дроги во текот на животот, што е случај за речиси 19 % од младите од 15- до 24-годишна возраст. Околу 1,1 % од граѓаните во Македонија пробале опиоидни дроги, а бројот на лица кои ги употребуваат со инјектирање се проценува на околу 6 800.
Супституциското лекување за опијатна зависност во Психијатриската болница Скопје датира од раните осумдесетти години на 20 век, додека почнувајќи од 2005 г. со поддршка од Глобалниот фонд лекувањето беше дисперзирано во уште 9 градови и во овој момент во државава функционираат вкупно 12 Центри за лекување на зависности.
Програмите за лекување на зависности во Македонија се предоминантно ориентирани кон лекување на опијатна зависност со супституциска терапија со метадон и со бупренорфин.
Други пристапи во лекувањето не се достапни во рамките на јавноздравствените установи, а не постојат ниту програми за лекување на неопијатни зависности, освен за зависност од алкохол.
Само 27 % од луѓето кои инјектираат дроги во Македонија се вклучени во програмите за лекување на зависности, што е многу под европскиот просек кој изнесува 50 %.
Не е јасно на што се должи нискиот опфат бидејќи програмите се отворени, но како можни причини може да се претпостават ограничениот избор на пристапи за лекување, можноста за лекување само во 10 поголеми градови, нискиот квалитет на програмите или, пак, на стигмата развиена во заедницата и од опкружувањето на луѓето кои се лекуваат од зависност.
На речиси сите локации има пациенти кои треба да патуваат и по неколку часа за да подигнат терапија, а трошоците за патувањето најчесто ги покриваат сами.
За поголема достапност на лекувањето, потребна е дисперзија на програмите на пристапни локации низ Скопје и во други градови (Кичево, Прилеп), но и развивање модели за вклучување на лекарите од примарното здравство во третманот на зависности.
Центрите за лекување работат само во прва смена и издаваат терапија не подоцна од 14 часот.
Ова создава сериозни предизвици за луѓето на третман кои се вработени и го попречува вработувањето на оние кои бараат работа.
Лекувањето се спроведува во супстандардни просторни и хигиенски услови, а луѓето со посебни потреби и старите лица со отежнато движење немаат пристап до центрите за лекување. Простории за чекање, социјални и групни активности и тоалети за пациенти нема на речиси ниедна локација.
Ваквите услови се косат со основните права на пациентите и човековата достоинственост.
Постои сериозен дефицит на кадар со соодветна стручна подготовка, особено на психијатри, во програмите за лекување низ целава држава.
Во вакви услови не е можно следење на резултатите од лекувањето индивидуално за секој пациент, ниту пак препознавање и справување со психијатриските коморбидитети.
Психосоцијалната поддршка, рехабилитацијата и ресоцијализацијата се занемарени.
Психоедукацијата, индивидуалната, групната и семејната психотерапија, како и работна терапија се реткост, а интегрираните модели за лекување, рехабилитацијата и ресоцијализацијата кои постоеја претходно, сега се затворени.
Во Македонија не постои ниедна засебна програма за лекување на зависности за подгрупи на пациенти со специфични потреби.
Освен тоа, во постоечките програми не се прават напори за прилагодување на третманот и дизајнирање на посебни интервенции во пресрет на потребите на жените и на бремените жени, на адолесцентите, на младите и постарите пациенти, на етничките малцинства, на бездомниците и на другите подгрупи.
Дискриминацијата кон луѓето кои се лекуваат од опијатна зависност го попречува нивниот пристап до здравствени услуги воопшто.
Забележувањето на дијагностичката шифра F11 во здравствените книшки на пациентите само ги стимулира дискриминаторските практики во здравствените установи. Постојат предизвици во достапноста на бупренорфин во затворите. Нема унифициран меѓусекторски пристап, па дел од пациентите кои се лекувале со овој супститут од слобода немаат можност да го продолжат третманот во текот на издржување на затворската казна.
1.Отварање на центри за лекување на зависности во сите градови во Македонија.
3. Воведување на психотерапија и активности за ресоцијализација и реинтеграција во рамките на сите центри за лекување на зависности во Македонија.