Соопштение до јавност – Поздрав за одлуката на Министерство за здравство за дисперзија на програмите за лекување на зависност

0

Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје ја поздравува одлуката на Министерството за здравство за почеток на дисперзија на програмите за лекување на зависност, односно децентрализација на третманот на повеќе локации во Скопје.

Базирано на нашето 20 годишно искуство и добрите примери од други земји, долго време препорачувавме дека дисперзија на лекувањето во секоја скопска општина најдобро ќе одговори на потребите на клиентите.

Повторуваме дека пристапот до лекување на зависности блиску до местото на живеење е право, а не привилегија, исто како и за секоја друга здравствена состојба. Очекуваме дека најавената дисперзија ќе придонесе кон промена на сликата која често се асоцира со програмите за лекување на зависности во кои се сконцентрирани неколкукратно повеќе пациенти од капацитетот на програмата. Намалување на бројот на пациенти на една локација ќе го подобри квалитетот на лекувањето, што е во интерес и за самите пациенти и за граѓаните.

Истовремено, упатуваме апел до надлежните да вложат напори за обезбедување на технички и кадровски капацитети за унапредување на психосоцијалната компонента од лекувањето која треба да стане неразделна од фармаколошкиот третман со супституциска терапија, а со цел успешна рехабилитација и ресоцијализација на луѓето кои се лекуваат од болести на зависност.

Се надеваме дека дисперзијата ќе биде направена согласно реалните потреби на пациентите и ќе бидат разгледани опции за овозможување на третман на зависности на дополнителни локации кои не се предвидени сега, според потребите. Очекуваме процесот да биде транспарентен, со вклученост на пациентите, здруженијата на граѓани кои работат на оваа проблематика и другите засегнати страни.

Share.

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.