Сеќавајќи се на сите кои низ годините ги загубивме како резултат на предозирање и длабоко сочуствувајќи со нивните блиски, на денешниот Меѓународен ден за подигнување на свеста против предозирање со дроги, Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Универзитетска клиника за токсикологија и Здружението на токсиколози на Македонија го издаваат следното соопштение:
Секоја година околу 200.000 луѓе во светот се жртви на предозирање. Во Македонија, само на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје во периодот од јануари 2016 до јуни 2018 година се забележани 82 случаи на предозирање, од кои 11 жени и еден адолесцент. 36 од случаите се резултат на предозирање со хероин, а 46 со метадон.
Реалната бројка со сигурност е многу поголема бидејќи во Македонија тие не се евидентираат соодветно, поради што и сѐ уште немаме ефикасни програми за спречување и брза интервенција во случаите на предозирање. Во нашата држава, за жал, политиките и практиките поврзани со употребата на дроги продолжуваат да се базираат на идеолошки убедувања кои резултираат со дискриминација, наместо на научни факти и вреднување на секој човечки живот.
СЕЧИЈ ЖИВОТ Е ВАЖЕН и не смееме да дозволиме продолжување на ваквата небрежност! Затоа апелираме:
- Службите за итна медицинска помош, дежурните медицински служби и Ургентните центри да одржуваат соодветни резерви на Налоксон и да го користат и при најмал сомнеж за предозирање со опијати. Налоксонот е ефтин и безбеден лек чија навремена употреба може да биде животоспасувачка! Секоја екипа мора да биде обучена за препознавање и правилно постапување во случаи на предозирање со опијати или други дроги.
- Министерството за здравство, во соработка со јавните и приватните установи за лекување на зависности и граѓанските организации, да изнајде начин Налоксонот да стане достапен во заедниците кои употребуваат опијатни дроги.
- Фармацевтските компании кои произведуваат Налоксон и нивните законски застапници да го регистрираат лекот, а Министерството за здравство да дозволи слободен промет на истиот без рецепт. На овој начин Налоксонот ќе стане достапен во аптеките низ Македонија, слично на праксата во многу други земји.
- Министерството за правда да изнајде решение за прекинување на праксата на отпуштање на затвореници без соодветна документација, која е сѐ поприсутна во изминативе години. Ваквата пракса ги оневозможува лицата кои издржувале затворска казна да продолжат со лекувањето на зависноста веднаш по излегувањето на слобода, што ги става во особен ризик од предозирање.
- Клубовите и сите организатори на музички или други масовни настани да воспостават мерки за заштита на здравјето и животот на посетителите. Ова, меѓу другото, подразбира и осигурување на непречен пристап на итна медицинска помош до подиумите, бесплатна вода на настаните, како и присуство на обучени тимови за намалување на штети на секој настан.
- Граѓанските организации кои спроведуваат програми за намалување на штети и здравствените установи за лекување на зависности да ги унапредат напорите за едуцирање на заедниците за спречување, препознавање и постапување во случаи на предозирање.
- Надлежните институции да воспостават ефикасен систем за евидентирање на случаите на предозирање. Тоа ќе овозможи соодветно планирање на идни интервенции и следење на нивната успешност.
- Луѓето кои имаат намера да користат било каква дрога да имаат предвид дека секоја употреба на дроги може да биде штетна. Затоа, пред употребата, треба да се информираат за начинот на дејство, можните последици, како и начините за намалување на штетите.
- Сите граѓани, во случај на сомнение за предозирање со дроги во нивната околина веднаш да укажат прва помош и да повикаат итна медицинска помош
Истовремено, ги повикуваме сите граѓани да се придружат на денешната кампањата за солидарост преку постирање на посвети во сеќавање на жртвите на предозирање, како и споделување на искуства, ставови и мислења на ивентот Не сме сами! Посвети за луѓето кои ги загубивме од предозирање.
Повеќе информации за постапување во случаи на предозирање може да се најдат во овојВОДИЧ.
НИКОГАШ ПОВЕЌЕ ДА НЕ ЗАГУБИМЕ ЖИВОТ ПОРАДИ ПРЕДОЗИРАЊЕ!