Основниот граѓански суд Скопје утврди дека приватна компанија извршила директна дискриминација врз основа на здравствен статус врз лице кое подолго време се лекува од зависност од дроги. Дискриминацијата е извршена со непродолжување на договор за вработување на лицето откако работодавачот дознал за здравствениот статус на вработениот. Состојбата на опијатна зависност е долгорочна хронична болест која слично како и другите хронични болести бараат долгорочно и сеопфатно лекување. Вработениот совесно, професионално и навремено ги извршувал своите работни задачи, а неговата здравствена состојба воопшто не го попречувала во извршувањето на работата. Предрасудите на работодавецот кон луѓето кои употребуваат дроги биле пресудни за непродолжувањето на договорот за вработување.
Употребата на дроги е силен извор на стигма кон луѓето кои употребуваат дроги поради што тие често се соочуваат со дискриминација. Ова не е изолиран случај на дискриминација во пристапот до вработување и остварување на права од работен однос на луѓето кои се лекуваат од зависност. Во минатото сме документирале слични случаи на дискриминација при вработувањето. Дополнително, истражувањето на ХОПС спроведено во 2016 година за правните проблеми и потреби на луѓето кои употребуваат дроги покажа дека вработувањето и работните односи се областа во која најчесто им се прекршуваат правата на луѓето кои употребуваат дроги.
Здружението ХОПС повеќе од две децении работи на елиминирање на предрасудите кон луѓето кои употребуваат дроги и кон луѓето кои се лекуваат од зависност и затоа ја поздравуваме одлуката на судот со која утврдил дискриминација. Истовремено, ги повикуваме работодавачите да се воздржат од дискриминаторско постапување кон работници и работата на вработени да ја оценуваат и вреднуваат согласно нивниот ангажман и посветеност, а не врз лични предрасуди кон луѓето кои употребуваат или се лекуваат од зависност од дроги.