На 2 февруари оваа година поради предозирање со хероин почина актерот Филип Сејмоур Хофман. Уште еден смртен случај кој можел да се превенира.
Низ медиумите и социјалните мрежи преовладуваа морализаторски и осудувачки изјави критикувајќи го Филип и неговата употреба на дроги.
Но, ретко кој ја критикуваше и повика на одговорност владата на САД поради нејзината неморална политика кон дрогите и лицата кои употребуваат дроги. Веројатноста дека Филип денес сè уште ќе беше жив е правопропорционална со политиката за дроги базирана на човекови права што ја води земјата. Имено, во оние земји каде што се спроведуваат политики за дрогите и каде што акцентот се става на прохибицијата, улогата на полицијата и на казните наместо на програмите за превенција, лекување, ресоцијализација и намалување на штетите, ваквите смртни случаи се помногубројни отколку во земјите каде што проблемот со дрогата е здравствено и социјален приоритет. Затоа голема е веројатноста дека денес Филип ќе беше жив ако тој имаше можност да користи легални соби за инјектирање како во Австралија, Канада, Норвешка или Швајцарија, на пример, каде што предозирање со фатален исход е невозможно, или да имаше можност да биде на третман со медицински хероин како во Германија, Швајцарија, Данска итн. Исто така веројатноста ќе беше поголема ако имал можност да добие налоксон кое е ефикасно средство во случај на предозирање. Тој ги немал сите овие можности заради политиката на владата која не овозможила овие програми да бидат достапни. Ете затоа политиката на војна против дрогите е нехумана, не е ефикасна и само го зголемува страдањето на лицата кои употребуваат дроги и нивните семејства.
И уште една работа која се однесува на медиумите. Смртни случаи како овој се случуваат секој ден. Ве молам информирајте, пишувајте и за нив. Пишувајте не само за бројот на смртни случаи туку и за животните приказни како што пишувавте за Филип. Да, сите тие не се филмски ѕвезди, не се јавни личности, но само во Македонија околу 10.000 лица кои инјектираат дроги ја делат истата судбина како и Филип пред неговата смрт. Тие се наши сограѓани, соседи, браќа, сестри, пријатели, познаници. И во Македонија не постојат горенаведените програми, а налаксонот не е широко достапен. Зарем треба да чекаме да почине некој кој сите го знаеме, па да почнеме да зборуваме и да пишуваме за проблемите?
Влатко Деков