Како да зборуваме за простории за безбедна употреба на дроги, а да не ја споменеме „Систерс спејс“? Кога дознав за „Систерс спејс“ не можев да се воздржам, а да не побарам од нив повеќе информации. Разговорот со Џенис Абот, извршна директорка на здружението беше неворојатно инспиративен за мене. Од неа дознав толку многу работи за жените кои употребуваат дроги за кои никогаш претходно немав помислено дека воопшто можат да постојат.
„Систер спејс“ е првата безбедна соба за инјектирање дроги во светот која е исклучиво достапна само за жени, меѓу кои и транс-жени, квир-жени, небинарни луѓе и оние кои се идентификуваат како жени. Отворена е на 16 мај 2017 година во центарот на Истсајд во Ванкувер, Канада. Програмата ја води Друштвото за ресурси за жените „Атира“ (Atira Women’s Resource Society) во партнерство со Ванкувер даунтаун истсајд (Vancouver’s Downtown Eastside (DTES)), градот Ванкувер, Б. Ц. вдомување, Женската болница Б. Ц. (B.C. Women’s Hospital) и Провинциската единица за здравство на Британска Колумбија (Provincial Health).
Програмата обезбедува безбедна и поддржувачка средина за жени кои користат дроги. Овде жените можат слободно да користат психоактивни супстанции во присуство на здравствени работници кои се обучени за интервенција во случај на предозирање.
„Систерс спејс“ е отворена затоа што жените честопати се цел на насилство и злоупотреба од страна на мажите во просториите за безбедна употреба на дроги во кои нема политика за родова сензитивност. Најчести причини за ваквиот однос се сексизмот и мизогинијата. Во родово неприлагодените соби за безбедна употреба на дроги жените честопати се среќавале со мажи од кои во минатото биле силувани или со мажи на кои им должат пари или со мажи кои едноставно сакаат да им наштетат. Поради тоа тие избегнувале да ги посетуваат овие простории, иако декларативно требало да им овозможат безбедна употреба на дроги.
Во едно истражување во кое биле вклучени 11 жени кои доаѓале да ги употребуваат собите на „Систер спејс“, 80 % изјавиле дека безбедните соби за инјектирање наменети исклучиво за жени за нив се од големо значење поради тоа што се чувствуваат безбедно за разлика од местата каде што доминирале мажи.
Во „Систер спејс“ наоѓаат и емоционална сигурност. Деведесет проценти изјавиле дека се чувствуваат удобно и 100 % изјавиле дека ќе ги препорачаат безбедните соби за инјектирање опоиди на „Систер спејс“ на свои познанички.
Социјалната и емоционалната поддршка од другите жени и од работниците се идентификувани како главен фактор кој придонесува за чувството на безбедност на жените во „Систер спејс“.
Од супстанции кои најмногу се користат во безбедните соби на „Систер спејс“ се познати два термина, „down“, што по улиците е синоним за хероин или непознати опијати и „side“, што се однесува на непознат стимуланс или како синоним за „кристал мет“.
Во овие простории, освен примарната здравствена заштита, тие нудат храна, кафе, сок и можност за разговор. Воедно тука жените можат да добијат совети и насоки за вдомување и третман.
Џенис Абот исто така потенцира една интересна информација. Доколку некоја од жените не се појави подолго време во безбедните соби, менаџерот на програмата може да поднесе извештај за исчезнатo лицe. На овој начин им обезбедуваат дополнителна поддршка и сигурност на своите клиентки. И веќе имат поднесувано такви извештаи.
Во текот на првите три месеци, 115 жени ги искористиле услугите на „Систерс спејс“, што е значителен успех, особено кога се знае дека поради стигматизацијата жените кои употребуваат дроги се потешко достапни за службите за поддршка.
Жените во „Систер спејс“ имаат пристап до услугите за намалување на штети како стерилен прибор за безбедна употреба на дроги, кои им овозможуваат да го намалат ризикот од инфекции и васкуларни оштетувања.
Времето за престој во собата за употреба на дроги не е ограничено со што жените не си прават притисок да ја инјектираат дозата одеднаш. Вработените забележале дека многу жени го користат ова време за да инјектираат две помали дози наместо една голема доза, што го намалува ризикот од предозирање.
Во „Систер спејс“ работат само жени. Здравствените работници се обучени за давање прва помош при предозирање како што се: администрирање на налоксон, давање вештачко дишење и кардиопулмонална реанимација. Сепак и таму не е сѐ совршено. Тимот сè уште очекува да ги добие лентите за тестирање на дрога кои можат да го спасат животот на луѓето предозирани со фентанил.
Врсничките работници, т. е. работниците за поддршка се исто така жени кои имаат искуство со користење на дроги, а некои од нив сѐ уште ги користат и услугите на „Систер спејс“. Некои од нив имаат искуства како загуба на семејството и пријателите од предозирање, пристап до терапии со супстанции, хронични болести и тешкотии при пристапот до здравствениот систем, бездомништво и навредливи односи од страна на машки партнери, слично како и останатите клиентки. Овие споделени искуства го поттикнуваат формирањето на доверливи односи засновани на почитување и осободени од предрасуди меѓу врсничките работници и клиентките на „Систер спејс“.
Примерот на „Систер спејс“, иако за нас многу далечен, е одличен. Освен тоа што жените се чувствуваат безбедно, ги менуваат своите навики, се чувствуваат прифатено, некои од нив се мотивираат и почнуваат со третмани за зависност од дроги. Покрај овие постојат и други придобивки: намалување на трошоците за јавното здравство и за медицинската нега, како и за службата за итна помош, намалување на насилството врз жените, намалување на криминалот, намалување на ризикот од инфекции со ХИВ, хепатит и други крвно и сексуално преносливи инфекции.
Со ова се придонесува за поздрава животна средина каде што јавноста нема да биде изложена на допир со употребени игли. А се влијае на менување на културата со тоа што се намалува практиката за употреба на дроги на јавни места. Но, она што е клучно кај „Систер спејс“ е што отвораат простор за поголема грижа за здравјето на жените. Затоа секогаш ќе бидат инспирација, за секоја наредна отворена безбедна просторија за инјектирање дроги наменета исклучиво за жени.
Ирена Јовановска
Авторката e на магистерски студии по биологија на Универзитетот Лунд во Шведска. Од 2015 година работи на односи со јавноста и како менаџер на социјалните медиуми во Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Организатор е на кампањата Будење посветена на луѓето со ретки состојби. Ирена Јовановска е фотограф и активист за човекови права на маргинализираните заедници.