Едно од прашањата, кои често ги користам додека работам психотераписка сеанса со луѓе кои во минатото користеле дрога, е токму тоа. Што те прави среќен/-а? Навидум е едноставно прашање и би требало одговорот да се појави спонтано, со изразено задоволство во фацијалната експресија и да поттикне свесност за моментите на среќа. Но, луѓето често се збунети и не знаат што треба да кажат. Среќата е водилка во успешноста на човекот, му ја дава потребната сила и мотив да поставува цели и да се движи понатаму во животот.
Поттикната од овој увид, дека луѓето не се свесни за малите нешта кои ги прават среќни и задоволството го бараат во некои нереални цели, одлучив да напишам текст за несвесниот план кој нè води низ секојдневниот живот.
Уште во раното детство човекот е подложен на најразлични влијанија, има модели на идентификација и рани искуства кои се основна подлога за градење на емотивниот живот, когнитивната шема, вредносниот систем, но и за сликата за себе и за светот во кој живее. Влијанието на тие искуства може да предизвика пријатни и непријатни доживувања кои претставуваат база за формирање на несвесниот животен план, односно животно сценарио кое ги води луѓето во сите аспекти од живеењето. Животното сценарио може да биде конструктивно, деструктивно или здодевно, односно победничко, губитничко или банално.
Што значи да бидеш победник?
Победник е оној кој тоа што ќе го посака го остварува, а притоа е среќен. Може да се случи да погреши, но секогаш има смислено втор план. Свесен е дека вистинскиот пат не е најкраткиот, туку оној со најмалку препреки. Во победничкото сценарио човекот ги постигнува своите цели кои си ги поставил сам, но притоа ниту на себе ниту на другите не предизвикува штета. Кога ќе стигне до целта се чувствува среќно и задоволно, а целите можат да бидат најразлични. Некој ќе си постави цел да биде богат, друг ќе сака да биде осамен и изолиран, трет ќе има цел да стане познат уметник и сл. Луѓето кои го имаат ваквиот несвесен план знаат како да го одржат.
Губитничко животно сценарио
Губитничкото животно сценарио е карактеристично за луѓе кои не ја постигнуваат својата цел. Несвесно го бираат најтешкиот пат, со најмногу пречки. Без разлика дали некогаш ќе ја постигнат целта, самото патување е макотрпно и на крај изостанува уживањето во успехот. Многу луѓе не се свесни за своето губитничко сценарио. Кога животот ќе стане исклучително тежок тие почнуваат да се жалат и да бараат начин како да излезат од него. Преземањето на нови активности и инволвирањето на други луѓе само ќе им помогне полесно да ги поднесат негативните аспекти, но не и да доживеат автентично задоволство бидејќи едноставно не знаат како се прави тоа.

За разлика од претходните две, постојат луѓе кои животот го живеат без победи и без порази, незанимливо и здодевно, односно го живеат своето банално животно сценарио. Плашејќи се од губитоци и трагедии, ваквите луѓе не преземаат активности за постигнување на среќа и задоволство, туку едноставно чекаат услови и прилика да победат. Без разлика дали некогаш ќе ги дочекаат тие услови, немаат храброст да го направат првиот чекор кон остварување на своите цели. Можеби некогаш ќе победат, некогаш ќе изгубат, но никогаш тоа нема да се случи со полно задоволство бидејќи не сакаат да го преземат ризикот доколку работите појдат во несакан правец.
Животни сценарија кај луѓето кои употребуваат дроги
Најчесто најголем број луѓе имаат мешаница од губитнички, победнички и банални елементи во сопственото животно сценарио. Одлуките во детството можат да бидат донесени во однос на работата, па таму да биде победник, во однос на личните контакти да биде губитник, во однос на телесните активности може да биде баналец итн. Затоа е добро ваквата анализа, низ оваа психолошка теорија, да ја разбереме релативно бидејќи секоја индивидуа си има свои лични критериуми за среќа.
Низ мојата пракса како психотерапевт во Центарот за ресоцијализација и рехабилитација на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот, успеав, низ одредени случаи, да потврдам дека деструктивното сценарио на луѓето кои користат дроги може да се промени. Единствен предуслов е свесност на личноста дека постои, за тоа кои се неговите содржини и процеси, но и за подрачјата во кои влијае. Покрај свесноста, индивидуата е потребно да сака да направи промена бидејќи никој не може да биде променет доколку не го посака тоа самиот. За излез се потребни нови одлуки, специфични вештини и активности. Токму улогата на психотерапевтот кој работи со луѓе кои во минатото користеле дрога е да го зголеми нивото на свесност и да даде соодветен начин за изградба на новото сценарио. Иако често се случува да се премине од едно губитничко сценарио во друго, од банално сценарио во губитничко сценарио, па дури и од победничко сценарио во губитничко сценарио, во процесот на рехабилитација искуството покажува дека преку анализа на ваквото несвесно дејствување со истрајна и правилна поддршка од страна на стручното лице кое работи со корисникот, како и со неговото семејство, на крајот може да се очекува доживување на успех, задоволство и среќа на повеќе животни аспекти.
Иако моето искуство, низ примена на психолошката теорија на трансакциската анализа, во работата со луѓе кои користеле дрога е релативно кратко за да можам да понудам конкретни примери, сепак, кај тие кои редовно доаѓаат на закажаните средби и активно работат на себе се видливи позитивни промени во поглед на справување со животните предизвици.
Како психотерапевт многу ми е важно да направам добра проценка на животните аспекти во кои се појавува животното сценарио. Доколку лицето стане свесно дека има победничко сценарио и е успешно на одредено поле, тоа ќе му помогне успешната стратегија да ја примени и на останатите полиња. Луѓето кои во минатото користеле дрога најчесто имаат впечаток дека не се среќни и дека „водат тешка битка со животот“. Низ разговор успеваат да видат дека навистина има можност да се направи промена и цврсто да зачекорат кон победата и автентичното задоволство.
Луѓето кои доаѓаат во Центарот за рехабилитација и ресоцијализација, а во минатото користеле дрога, баналното животно сценарио го доживуваат како вистински атак врз себе. Навикнати да живеат во екстремности, ваквиот мирен начин на живот им претставува преживување, односно нетрпеливо очекување за следната фаза. Изборот на таа следна фаза може многу лесно повторно да биде губитнички, но токму работата на психотерапевтот е да даде целосна поддршка во изборот на позитивни одлуки што нема да нанесат штета ниту на личноста ниту на околината.
Лекување на зависноста или апстиненцијалниот период се фазите во кои луѓето кои користеле дрога имаат впечаток дека се крајно губитнички. Иако го направиле првиот чекор да излезат од едно деструктивно сценарио, позитивниот резултат и среќата ги доживуваат како недостижни. Процесот на рехабилитација и ресоцијализација сам по себе е победнички, но соочувајќи се со сите искушенија тие го доживуваат како тежок, напорен, неподнослив, губитнички. На психотераписките средби сами велат дека не го гледаат излезот, но набрзо согледуваат дека полесно поминува овој период кога активно се соочуваат со своите животни сценарија и притоа добро ја дефинираат целта. Мојата улога како психотерапевт е да ги водам низ процесот на развој на личноста и низ освестување на моментите кога деструктивно се однесуваат спрема себе и околината, но и да направат адекватна промена во однос на губитничкото животно сценарио.
За крај
Животот воден од несвесното сценарио е живот со непотребни ограничувања. Промената може да настане на два начина: ако се случи кардинален пресврт во облик на трагедија или голема среќа, или ако се работи на себе низ континуиран процес на психотерапија каде што би се освестиле животните сценарија со поддршка на искусен и посветен психотерапевт.
Вториот начин можеби е подолготраен, но со сигурност води кон позитивен развој, зајакнување на сопствените добри страни, доживување на автентично задоволство и личен успех и најбитно, постигнување на вистинска, лична среќа.

Водена од потребата да добијам некоја информација повеќе за светот на луѓето кои користат дрога, решив да купам книги, стручна литература или романи поврзани со темата. Со таа цел појдов на Плоштад Македонија кај жената со стари книги и се израдува кога и кажав што барам овојпат. Вели:
– Ти се верува ли дека вчера еден дечко дојде и донесе цело купче книги баш за дрога? Рече дека сите биле негови.
– Еј, супер! –реков.
Ги разгледав, десетина книги и решив да ги купам. Уште вечерта се мислев која прво да почнам да ја читам, па одлучив тоа да биде најстарото издание. Не беа многу сочувани, но не ми беше битно. Книгата издадена `88 година нудеше одличен, стручен опис за појавата на дрогите во тоа време. Набрзо забележав дека претходниот читател подвлекувал делови од книгата и допишувал од страна негови коментари. Беа подвлечени деловите за видови дроги и доживувањата кои ги нудат тие.
Нестрпливо ги отворав и следните книги. Во наредните неколку изданија ги имаше подвлечено пасусите кои се однесуваа на влијанието на користење дрога врз целокупниот семеен, професионален, емотивен итн. живот.
Потоа, претпоставувам за него последните книги кои ги читал за дрогите, имаше посветено повеќе внимание на тоа како може да се лекува зависноста и како да се помогне во ресоцијализација на корисникот.
Си направив моја слика за момчето. Не знам дали е точна, но не е битно. Во глава ми останаа две прашања:
– Дали книгите ги продал бидејќи завршил со таа „приказна“, па не сака ништо да го потсетува на тој период?! Или пак, „ја губи војната со зависноста“, се откажува, па не му се потребни тие книги?!
Спроведување психолошка анализа на виртуелен лик не е лесна, па дури и невозможна. Но, со цел да се објасни функцијата на нашите несвесни двигатели, се обидов тоа да го сторам низ овој пример на момче кое реално некаде постои.
Посакувајќи да направи промена во својот живот и да излезе од баналното сценарио кое воопшто не му е атрактивно, момчето, сосема случајно, навлегува во еден нов свет, во нова животна авантура каде што среќата и задоволството се секојдневје. Трагајќи по сè повозбудливи доживувања, ја губи целта додека ужива во „патувањето“. Се дружи, излегува, се информира преку книги за тоа што да „земе“ и што ќе почувствува следниот пат. По извесно време почнува да пропаѓа на другите полиња. Сфаќа дека не е победник оној кој само во еден одреден аспект е исполнет, а во останатите сè се урива. Врсниците „тераат сосема друг филм“. Додека тие читаат стручна литература од најразлични универзитетски области, тој чита како неговиот живот заминува во неодреден правец. Не му била таа целта кога сакал да избега од баналноста. Следниот чекор му е активна работа на себе, промена на сопствените критериуми за среќа, враќање на изгубеното и потрага по победата.
Не знам дали успева, но се надевам дека е така.
И за крај, останува отворена можноста дека ги продал своите драги книги за „роба“.
Деспина Стојановска
Психолог, психотерапевт. Работи во ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, со специјалност за третман на маргинализирани заедници и во Прв семеен центар на Град Скопје, како психотерапевт со жртви на семејно насилство. Работи според психолошката теорија на трансакциска анализа, интегративен пристап во психотерапијата.