Неколку европски земји како Италија, Шпанија и Холандија избраа да го легализираат или декриминализираат канабисот за лична употреба, но една земја на континентот постапи поинаку, а тоа е Португалија. Во последните 20 години Португалија декриминализираше не само канабис туку и кокаин, хероин и сите останати дроги.
Португалските власти сметаат дека употребата и зависноста од дрога е нешто што може да се лекува и да се третира, а не треба да биде кривично дело за кое треба да се казнува.
Во 1974 година, кога диктатурата која владеела со децении дошла до својот крај, Португалија станала срцето на трговија со дрога во Европа, а локалното население почнало нагло да користи дрога. За 30 години, 1% од португалските граѓани биле зависни од хероин, а земјата имала најголема стапка на инфекции со ХИВ на континентот. Проблемот станал толку распространет што повеќето семејства од средна и повисока класа имале најмалку еден корисник на дроги.
Во 2001 година, употребата на дрога престанала да се казнува со парични казни и со затвор. Владата се ангажирала активно да им помага на корисниците на дроги да одат на бесплатни третмани. Луѓето кои се фатени незаконски да консумираат дроги, одат на проценка кај локалните комисии составени од медицински и правни експерти кои одлучуваат како најдобро да им помогнат, за да имаат здраво закрепнување.
Оттогаш, смртните случаи поврзани со СИДА опаднале, а новите ХИВ инфекции се намалени за повеќе од половина помеѓу 1999 и 2016 година. Меѓу новите инфекции во 2016 година, само 1,5% биле поврзани со употреба на лекови според СЗО, додека тие случаи биле мнозинство од нив пред да бидат донесени законите за реформа на дрогата во Португалија.
Додека некои луѓе стравуваат дека декриминализираните дроги ќе го натераат населението да консумира повеќе, се покажа токму спротивното. Во 2015 година, откриено е дека Португалија е една од земјите со најмалку смртни случаи предизвикани од дрога и најниски стапки на употреба на канабис во Европската унија.
Во Европа, Естонија има најголем број смртни случаи поврзани со дрога, со 126 случаи на милион жители. Во САД во 2017 година се забележале неверојатни 70.237 смртни случаи од предозирање со дроги, или 215 смртни случаи на милион луѓе. За споредба, Португалија (оја ги декриминализираше сите дроги имала само три смртни случаи поврзани со дрога на милиони жители во 2015 година. Исто така, додека португалските граѓани можат да консумираат канабис без правни реперкусии, студиите во 2015 година откриле дека само 5,1% од португалската младина консумирала канабис во изминатата година, додека 32,2% од младите Американци консумирале канабис во иста временска рамка.
Таканаречената Американска „војна против дрогата“ чини повеќе од трилиони долари и уништила стотици илјади животи, пренесува Асошиејтед Прес. Скоро половина од сите затвореници во сојузните затвори во САД се таму за престапи со дрога. Затворањето на некого во федерален затвор чини во просек 35,000 американски долари годишно. Кое е оправдувањето за трошење толку многу пари за да се затворат луѓето наместо да им се помогне да се подобрат?