Егзекуциите нема да стават крај на криминалот поврзан со дрогата во Шри Ланка, објавил Амнести интернешенел во новиот брифинг, повикувајќи ја владата на Шри Ланка да ги прекине плановите за продолжување на егзекуцијата по повеќе од четири децении.
На брифингот, Шри Ланка: Запирање на подготовките за продолжување на егзекуциите, било истакнато како смртната казна се користила во услови кои ги кршеле меѓународното право и стандарди.
“Нема докази дека спроведувањето на смртната казна ќе стави крај на криминалот поврзан со дрога. Егзекуциите никогаш не се решение. Всушност, тие можат да резултираат со смрт на луѓе кои што биле неправедно осудени. Смртната казна е исто така казна што непропорционално ги погодува луѓето од помалку привилегирани социо-економски потекла “, изјавил Бираж Патнаик, директор на Амнести интернешнл во Јужна Азија.
Брифингот на Амнести интернешнал го нагласил недостатокот на докази дека смртната казна имала уникатен ефект на превенција од криминал. Статистиката од земјите кои ја укинале смртната казна покажале дека отсуството на егзекуции не резултирало со зголемување на злосторствата, претходно подложени на смртна казна.
На брифингот биле нагласени земјите кои ја укинале смртната казна или ги измениле законите за дрога, вклучувајќи го и Иран, каде што неодамнешните законски измени резултирале со значително намалување на егзекуциите на лицата осудени за прекршоци поврзани со дрога. Слично на тоа, во Малезија, владата објавила мораториум на егзекуции и преглед на законите за смртната казна во земјата, откако вовела одредена дискреција за казнување за прекршок за шверц со дрога во 2017 година.
Амнести интернешенел исто така нагласил како судењата на оние кои се соочуваат со смртна казна би можеле да не ги исполнат меѓународните стандарди за фер судење, поради мачењето и принудните “признанија” што биле рутински практикувани во системот на кривичната правда во Шри Ланка, како што било наведено од Националната комисија за човекови права на Шри Ланка и експерти на ОН.
Исто така, на брифингот било нагласено дека доказите од други земји покажале дека обвинетите од помалку привилегирани социоекономски средини, кои припаѓаат на расни, етнички или религиозни малцинства, се непропорционално ранливи на смртна казна.
Амнести интернешнал ја повикал владата на Шри Ланка да ги прекине своите сегашни планови за егзекуција и да воспостави официјален мораториум за спроведување на смртните казни, со цел целосно да се укине смртната казна.
“Ниту еден кривично-правен систем не е способен да одлучува праведно кој треба да живее или кој треба да умре. Шри Ланка не ја спроведе оваа сурова, понижувачка и нечовечка казна повеќе од четири децении. Треба да продолжи да ја почитува традицијата што избира живот наместо одмазда “, изјавил Бирај Патнајк.