Дроги – Политики и практики
Тема на бројот – Млади и дроги
С О Д Р Ж И Н А
Воведен збор / Млади и дроги
Да, вистина е дека постојат млади луѓе кои употребуваат дроги. И вистина е дека многумина пробуваат дроги пред полнолетството. А исто така е вистина дека во Македонија старосната граница е сè пониска и затоа не е чудно што деца помлади од дванаесет години употребуваат дроги. Но, она што е навистина чудно и жално е што надлежните институции замижуваат пред оваа појава и се однесуваат како да не постои. Но, игнорантскиот однос на институциите не ги решава проблемите. Напротив, проблемите нараснуваат и се мултиплицираат. Залудни се и предупредувањата на здруженијата на граѓани со години до надлежните институции за потребата за итно воведување мерки за лекување на зависности од дроги наменети за деца и за млади. Во недостаток на институционални мерки единствената поддршка за децата и за младите кои употребуваат дроги е овозможена од здруженијата на граѓани, онолку колку што им дозволуваат законските ограничувања. А токму во законските ограничувања најмногу се одразува целосната незаинтересираност на институциите за заштита на психофизичкото здравје на децата и на младите кои употребуваат дроги. Со усогласување на законите со потребите на децата и на младите кои употребуваат дроги значително ќе се олеснат можностите за воведување мерки за заштита на нивното психофизичко здравје. Затоа овој број го посветуваме на децата и на младите кои употребуваат дроги, надевајќи се дека ќе придонесеме за засилување на напорите за нивна заштита.
И јас имам право на третман и хуман однос
Поради недостатокот на програми за третман, четири од децата кои тимот на ХОПС ги сретна во својата работа се починати како последица на употребата на дрога. Дополнително ХОПС има документирано 3 случаи на деца кои употребуваат дроги, а во неколку од нив се преземани конкретни дејствија за овозможување пристап до третман кој на крај не е добиен. Авторка: Воскре Наумоска – Илиева
„Млади во акција за дроги“ (Youth Organization for Drug Action (YODA)) е мрежа на организации и поединци основана во 2011 година со цел да се одговори на потребите на младите активисти и професионалци кои се лишени од глас во однос на одредувањето на политиките за дроги, а сепак се меѓу најзасегнатите од дрогите и законите за дрогите. Интервју: Јан Стола
Водич за третман и грижа на децата кои употребуваат дроги
Водичот е наменет, пред сè, за професионалците вклучени во третманот и кои се грижат за децата кои употребуваат дроги, но исто така има цел да даде насоки за креирање на политиките поврзани со третманот и со грижата на децата кои употребуваат дроги, па затоа него можат да го користат и носителите на одлуки. Автор: Влатко Деков
Поддршка за децата кои употребуваат дроги
Најголем број деца со кои контактираме како теренски тим се деца на улица. Тоа е така затоа што тие деца се видливи и ги забележуваме како се движат низ градските улици и како питачат. Она што досега го имам забележано кај нив е тоа дека се плашат од професионали кадри, од институции и од полиција, а најмногу ме боли тоа што се плашат од социјалните работници. Авторка: Ивана Шалевска
Советувалиштето за превенција од употреба на дрога и други психоактивни супстанции меѓу учениците од средните училишта во Скопје започна со својата работа во септември 2012 година. Ова е само дел од напорите за превенција од употреба на дрога и други психоактивни супстанции меѓу учениците од средните училишта во Скопје, поддржани од Градот Скопје, а ги спроведува Здружението ХЕРА ‒ Асоцијација за здравствена едукација и истражување (Health Education and Research Association). Авторка: Лилјана Игњатова
Најчесто користени психостимуланси
Некои од овие психоактивни супстанции се наоѓаат природно во некои растителни култури, а со развојот на фармакологијата кон крајот на 19 век, а особено во 20 век се откриваат и нови супстанции кои дејствуваат стимулативно на ЦНС. Она што е спорно е тоа што некои од нив се легални во слободна продажба и се користат масовно во светот, додека некои други се контролирани или забранети (илегални) супстанции или пак се пропишуваат на рецепт од лекар. Автор: Давор Смиланов
Средбата на магионичарот и децата
Ова е приказна за успехот на еден магионичар кој ги разбранува детските срца! Секако, кога текстов би бил филм, сигурно на почетокот ќе стоеше наслов „се работи за вистинска приказна“. Затоа ова е приказна за детската радост! Авторка: Елеонора Чичевска
Десет години Здружение на граѓани „Опција“ од Охрид
На 8.10.2015 година, во малата сала на Општина Охрид, Здружението на граѓани „Опција“ од Охрид одржа состанок со локалните донесувачи на одлуки на кој присуствуваа речиси сите поканети претставници од партнерските државни установи и здруженијата на граѓани. Значајно е тоа што истиот ден „Опција“ од Охрид прослави 10 години активно постоење и спроведување на проектот „Одржување ниска ХИВ преваленца во РМ“ на територија на Охрид и на Струга, сето тоа дополнето со мини-коктел и медиумски експонирано. И да, тој ден направивме ретроспектива на нашите постигнувања и навистина бевме горди. Авторка: Јулијана Настоска