„Семејството е институција на која ѝ должиме со човечност затоа што не е познат друг начин на кој се создаваат човечки суштества, освен со воспитување во рамките на семејната заедница“ – Маргаред Мид. Семејството е основна социјална група и некои го нарекуваат основна клетка на општеството. Гледајќи го историскиот развој на семејството, од самите почетоци на цивилизацијата, почнувајќи од времето кога луѓето живееле во хорди, па до денес, семејството ги менува своите облици и функции во зависност од општите социјални законитости и од развојот на самото општество. Меѓутоа, задоволувајќи ги основните човекови потреби за живот, штитејќи ги или отфрлувајќи ги своите деца, многу често семејствата се соочуваат со проблем кој прераснува во болест. Болеста е отсуство на здравје, но кога станува збор за болест на зависност зборуваме за болест не на единка, туку на семејството.
Најзначаен заштитен фактор кој ја намалува можноста од злоупотреба на дроги се токму родителите кои, за жал, последни се соочуваат со зависноста, првин се јавува негирање, игнорирање, паника, неприфаќање на проблемот. Најчесто реакциите на семејството кога е во прашање злоупотреба на дроги и други психотропни супстанции се конструктивни и се неадекватни. Многу важно е родителите во таков случај да го препознаат проблемот, да реагираат навреме, да ги спречат и да ги намалат ризиците од натамошни штети поврзани со употреба на дроги.
Многу важно е да се истакне дека болеста на зависност е излечива, но хронична и рецидивна (повторувачка). За таа цел потребно е максимално вклучување во процесот на одржување и на намалување на ризикот од злоупотреба на дроги. Денес благодарение на современите центри, со суптитуциска терапија со метадон или со бупренофин е понудена општествена помош за долгиот и за трнливиот процес кога е во прашање лекувањето на зависности со понудени супститути за дрога, како и програми за детоксикација. Секој чекор на лекување е прв обид на излечување.
Кога се во прашања семејствата би сакала да истакнам дека според статистиката која јас ја направив во текот на 2015 година анамнезите на регистрираните лица кои веќе се вклучени на метадонски третман (податоци земени од Центарот за зависници во Куманово) укажуваат дека 90 % од клиентите потекнуваат од семејства на разведени родители, родители со веќе развиена зависност (најчесто алкохолизам), родители во судир со законот, родители со деца од повеќе бракови и сл. Сепак сметам дека генетиката е основен виновник за она какви сме и во какви прераснуваме, впрочем тоа го докажале и научниците кои работеле на докажување на феноменот на генетска поврзаност. Меѓу многуте од нив го истакнувам Томас Хант Морган кој дури во далечната 1910 година укажува дека гените се распоредени во хромозомите. Она на кое интензивно се работи, а сѐ уште не е во целост заживеано се групите за самопомош. Со редовна средба меѓу зависниците и апстинентите значително може да се подобри состојбата на лицата кои се справуваат со проблемот со дрогата. Исто така континуираната посета на психолог е особена важна бидејќи потребно е кај зависникот да се разбуди желбата и да се реагира на начин кој е најсоодветен за лекување и за излечување. Ќе истакнам како апел вклучување на семејствата во посебни групи за самопомош бидејќи само така можат да се видат одредени резултати кога е во прашање типично семејство кое се соочува со проблем – болест на зависност. Кога веќе е евидентен проблем од ваков вид, без разлика за какво семејство станува збор, општествените институции треба да го дадат својот максимум за да се намали процентот од злоупотреба на дроги, а со тоа и ресоцијализација на таквите лица.
Биљана Ивановска
Психолог во ЈЗУ Општа Болница Куманово и претседател на Здружението за умствен развој Браин Гинис Куманово.
Целосното списание во ПДФ формат