Добрата грижа за сексуалното и репродуктивното здравје, меѓу другото подразбира и:
- уживање во сопствената сексуалност и почитување на туѓата,
- добра информираност за сопственото здравје и права,
- безбедно сексуално однесување,
- свесно планирање на семејството,
- редовни прегледи на гинеколог/уролог/кожен лекар – најмалку еднаш годишно, како и
- препознавање и пријавување на сите форми на дискриминација, насилство и злоупотреба.
Во деловите кои следат можеш да добиеш основни информации и совети за добра грижа за
ствоето сексуално и репродуктивно здравје и права.
Сексуалноста е централен аспект на човековото искуство низ животот и го опфаќа полот, родовиот идентитет и родовите улоги, сексуалната ориентација, еротицизмот, задоволството, интимноста и репродукцијата. |
Сексуалноста се доживува и изразува низ мисли, фантазии, желби, верувања, ставови, вредности, однесувања, улоги и врски. Иако сексуалноста може да ги содржи сите овие димензии, не сите се доживуваат и изразуваат секогаш. Сексуалноста е под влијание на интеракцијата меѓу бројни биолошки, психолошки, социјални, економски, политички, етички, законодавни, историски, религиски и духовни фактори.
Сексуалното здравје, пак, се дефинира како „состојба на потполна физичка, емоционална, психичка и социјална благосостојба поврзана со сексуалноста, а не само отсуство на болест или онеспособеност“. |
За добро сексуално здравје неопходен е позитивен пристап кон сексуалноста и сексуалните врски и постоење на можност за задоволувачки и безбедни сексуални искуства без дискриминација, присила или насилство. За да се достигне и одржи сексуалното здравје, мора да се почитуваат, заштитат и исполнат сексуалните права на сите лица.
Репродуктивното здравје е состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба […] поврзана со функционирањето на репродуктивниот систем. |
Репродуктивното здравје подразбира дека луѓето имаат задоволувачки и безбеден сексуален живот, способни се да остават потомство, но имаат слобода да одлучат дали, кога и колку често ќе имаат деца. За мажите и жените да можат слободно да одлучат [дали, кога и колку често ќе имаат деца], тие треба да се информирани за постоењето на безбедни, ефективни, ефтини и прифатливи методи за планирање на семејство по нивни избор и да имаат легален пристап до истите. Исто така, треба да имаат и пристап до соодветни здравствени услуги кои ќе им овозможат на жените безбедна бременост, породување и оставање на здраво потомство.
[/accordion] [/accordions] [accordions] [accordion title=”СЕКСУАЛНО ПРЕНОСЛИВИ ИНФЕКЦИИ (или СПИ)” load=”hide”]СПИ се група на инфекции кои можат да се пренесат преку сексуален однос без соодветна заштита. Дел од нив се пренесуваат исклучително по сексуален пат, додека некои имаат и други начини на пренос (на пример преку крв, од мајка на дете и сл.). Во оваа група спаѓаат голем број инфекции кои се разликуваат според симптомите што можат да ги дадат, нивната сериозност, можноста за лекување, како и последиците по општото здравје и плодноста (способноста за оставање на потомство).
И покрај овие разлики, СПИ имаат неколку заеднички карактеристики. Голем дел од нив долго време не даваат никакви симптоми/знаци кои би побудиле сомнеж за настанатата инфекција и би поттикнале барање медицинска помош. Токму поради тоа, многу СПИ често остануваат неоткриени навремено и поради задоцнетото лекување можат да доведат до трајни последици. Истовремено, инфицираното лице несвесно продолжува да ги пренесува на своите сексуални партнери/-ки, а како резултат, СПИ се доста распространети во светот и кај нас.
Грижата за сопственото сексуално здравје преку користење на кондом при СЕКОЈ сексуален однос, како и редовните прегледи кај гинеколог/уролог/кожен лекар најмалку еднаш годишно, се меѓу најефикасните методи за заштита, рано откривање и навремено лекување на СПИ. Доколку забележиш било кој од симптомите на СПИ, веднаш побарај стручна помош! |
Во случаите кога СПИ даваат симптоми, тие се некарактеристични и може да вклучат:
- неспецифилен исцедок од гениталните органи (пенис, вагина) или анусот, со невообичаена количина, боја, густина и мирис,
- чешање, пецкање, осип или црвенило во генито-аналната регија,
- непријатно чувство или болка во долниот дел од стомакот или половите органи,
- зачестено мокрење, често проследено со пецкање или болка,
- нерегуларни крварења,
- непријатност или болка при сексуален однос.
Предизвикувачите на СПИ се (микро)организми, како вируси, бактерии, габи и паразити. Сите имаат заеднички карактеристики, но и свои специфики.
Во вирусни причинители на СПИ спаѓаат: хуманиот имунодефициентен вирус (ХИВ), хуманиот папилома вирус (ХПВ), дел од причинителите на жолтици (хепатит Б и Ц), како и гениталниот херпес.
Карактеристично за нив е што се хронични и долготрајни инфекции, долго време не даваат симптоми, и што медицината сѐ уште нема најдено одговор за нивен дефинитивен третман, односно постоечките лекови само ги ублажуваат/успоруваат симптомите, но не го отстрануваат причинителот од човековиот организам.
Хламидија, сифилис (луес) и гонореа (трипер) се СПИ предизвикани од бактерии. Ако навремено се откријат, многу лесно се лекуваат со соодветни антибиотици.
Кандидата е чест габичен причинител на СПИ, исто како и паразитите трихомонас и генитални вошки (пицајзли). Нивна карактеристика е отпорноста на влијанија од надворешната средина, што води до лесен пренос кој не секогаш побарува директен сексуален контакт.
Редовните прегледи и консултации со гинеколог/уролог/кожен лекар се многу важни и имаат за цел рано откривање на СПИ. Во најголем дел од случаите, ако СПИ се откријат на време, лекувањето е возможно и дава поволни и долгорочни резултати! Обично е потребно истовремено лекување на двајцата редовни сексуални партнери, со цел превенирање на понатамошен меѓусебен пренос (т.н. пинг-понг инфекција). Прегледи и (доколку има потреба) навремено лекување се препорачуваат кога се планира потомство, а особено е важно кај сите веќе бремени девојки/жени за да се спречи пренесувањето на инфекциите на плодот и можните тешки последици. Постоењето на некоја СПИ го олеснува и пренесувањето на ХИВ при небезбедно сексуално однесување (секс без кондом). |
Деловите кои следат ќе се обидат да доловат некои од спецификите на секоја сексуално преносива инфекција.
За ХИВ (Хуман имунодефициентен вирус) можеш да се информираш во посебното поглавје во истиов текст.
Хуман папилома вирус (ХПВ) е еден од најчестите причинители на СПИ. Постојат над 100 подтипови на овој вирус,од кои 30-40 се пренесуваат по сексуален пат. Голем дел од нив не предизвикуваат никакви промени. Но некои подтипови предизвикуваат генитални брадавички (кондиломи), додека подтиповите 16 и 18 може да предизвикаат рак на грлото на матката, пенисот или анусот.
Гениталните брадавички (кондиломи) лесно се пренесуваат при директен контакт на кожа со кожа (не мора да постои пенетративен секусален однос) и се манифестираат со безболни и нерамни кожни издигнувања или брадавички во генито-аналниот регион, слични на оние кои се јавуваат на останатите делови од телото и кои често се групираат при растот. Понекогаш, брадавичките исчезнуваат сами од себе, но често е потребна и медицинска интервенција – горење со течен азот (криотерапија) или горење со струја (електрокаутеризација). Подтиповите на ХПВ кои предизвикуваат брадавички обично не водат до посериозни пореметувања (значи не предизвикуваат рак), но може да се појават повторно и покрај третманот.
Подтиповите на ХПВ 16 и 18 не даваат никакви надворешни симптоми, но предизвикуваат промени од кои може да се развие рак на грлото на матката, пенисот или анусот. Доколку овие промени не се откријат и лекуваат навремено, брзо напредуваат и можат да завршат фатално. Кај девојките и жените, раните промени предизвикани од ХПВ се отктиваат со рутински ПАП (Папаниколау) брисеви, кои матичниот гинеколог е должен да ги направи најмалку еднаш во годината. Во нашата земја, секоја девојка/жена има право на еден бесплатен ПАП тест секоја година. Постојат и аналогни тестови за момчињата и мажите, кои се во надлежност на уролозите и кожните лекари. Рутинските тестови водат до рано откривање на сомнителните промени, кога третманот е можен и дава солидни резултати, меѓу кои и трајно излекување.
Поради широката распространетост на ХПВ и сериозните последици што може да ги остави, ХПВ вакцината е влезена во задолжителниот календар за вакцинација за девојчињата на 12 годишна возраст.
Хепатит Б И Ц се вирусни жолтици кои се пренесуваат по сексуален и крвен пат. Споделувањето на игли и шприцеви при инјектирање на дроги, но и тетовирањето, пирсањето и акупунктурата со претходно употребувана опрема и во студија без соодветна лиценца, се најчестите начини на пренос на овие жолтици. Сексуалното пренесување е исто така можно. Овие вируси предизвикуваат акутна и/или хронична инфекција на црниот дроб, која долго (со години, па и децении за хепатит Ц) не дава никакви симптоми. Во подоцнежните стадиуми може да се појави чешање и пожолтување на кожата и белките од очите (покрај променет апетит, гадење, болки, благо покачена температура и темна урина) Инфекцијата со хепатит Б вирусот е обично полесна и поретко дава трајни последици, додека онаа со хепатит Ц има потежок тек и често води до посериозни компликации. Овие вируси го оштетуваат црниот дроб и може да доведат до цироза (трајно нарушување на црнодробната функција), која сама по себе е опасна по животот, а може и да доведе до рак на црниот дроб.
Постоечката терапија за хепатит Б и Ц ги лекува симптомите, го намалува разможувањето на вирусите (но не ги елиминира од организмот) и, доколку се спроведе навремено, може да го одложи или спречи настанувањето на трајни оштетувања на црниот дроб. Науката сѐ уште нема развиено вакцина за хепатит Ц, но вакцина постои за хепатит Б, која во Македонија е во задолжителниот календар за вакцинација на сите новородени од 2012 година. Повозрасните можат да се вакцинираат на свое барање.
Гениталниот херпес е СПИ најчесто предизвикана од тип 2 на вирусот наречен herpes simplex. Тип 1 од истиот вирус предизвикува херпес на устата, но може да се пренесе и на гениталните органи при орален секс (и обратно, гениталниот херпес може да се пренесе на устата). Еднаш добиен херпес опстојува доживотно, со периоди на изразени симптоми и нивно повлекување. Симптомите почнуваат со локализирано пецкање, за по неколку дена да се појават група меурчиња исполнети со течност. Меурчињата пукаат и оставаат мали болни ранички кои спонтано заздравуваат за една до две недели. Инфекцијата може да се пренесе само во периодите со симптоми, почнувајќи од пецкањето и се до заздравувањето. Не постои вакцина за херпес, а лековите кои се користат само ги ублажуваат симтомите. Заштитата од херпес е со користење на дентална гума или кондом, при што женскиот кондом нуди поголема заштита бидејќи покрива поголема површина.
Хламидија е една од најраспространетите СПИ во светот и Македонија. Предизвикана е од бактерија и најчесто не дава никакви симптоми. Ако се јават симптоми, тие се општи и неспецифични (променет исцедок, пецкање и болка при мокрење, болка при секс и сл.). При рано откривање, многу лесно се лекува со еднонеделна терапија со соодветен антибиотик. Но кај нас често се открива многу доцна, дури откако ќе предизвика последици, вообичаено кога млади брачни парови се обидуваат да имаат деца и се соочуваат со неплодност. Нелекуваната инфекција може да се прошири и на соседните органи, да предизвика спонтани абортуси и вонматкина бременост која е ризична по живот.
Гонореа (Трипер) е исто така бактериска СПИ која најчесто не дава симптоми. Кај девојките/жените може да предизвика променет исцедок од вагината, болки во стомакот, болки при секс или невообичаени крварења, а кај мажите/момчињата пецкање при мокрење или појава на „утринска капка“ (исцедок, најчесто проѕирен) на врвот од пенисот. Може да се излечи со соодветни лекарства, но доколку навремено не се открие може да се прошири на соседните органи, да предизвика неплодност или вонматкина бременост.
Сифилисот (Луес) е една од посериозните бактериски СПИ. Симптомите и кај момчињата и кај девојките се развиваат во три фази. На почетокот се појавува безболна раничка во гениталната регија која спонтано поминува за 3-6 недели и може да остане незабележана. Подоцна се јавува црвено кафен исип по слузокожите и кожата (најчесто дланките и стапалата) без чешање, а може да е проследен со повисока температура или потечени лимфни јазли. Исипот може да се повлече и спонтано за неколку недели. Лекувањето во овие две фази е едноставно, но доколку сифилисот не се лекува, кај дел од инфицираните ќе се развие третата фаза по 10-20 години, со тешки оштетувања на органите и телото. Инфицираните мајки можат да ја пренесат инфекцијата на плодот, што резултира со тешки последици.
Кандидата е нормален габичен жител во човековото тело и во вообичаени услови му помага во функционирањето. Но понекогаш се размножува премногу и предизвикува кандидијаза. Ова може да се случи при носење на синтетичка или тесна долна облека, неодржување на хигиена, претерана употреба на сапуни, но и при намалување на имунитетот и користење на антибиотици на своја рака. Ова значи дека не мора да постои сексуален однос за појава на кандидијаза, но сепак сексуалниот пренос е можен. Симптомите вклучуваат црвенило, оток и болка во гениталната регија (вулва, вагина, главата на пенисот), променет исцедок, често со белкаста боја и специфичен мирис, пецкање, чешкање, а поретко и бели наслаги. Многу лесно се лекува со локални средства.
Трихомонијаза е СПИ која многу лесно се пренесува. Причинителот (протозоа) е многу отпорен и може да опстане и да се пренесе преку влажни крпи па дури и во јавни тоалети (школки или рачки од врата), а не само со незаштитен секс. Затоа се препорачува миење на раце и пред и по употреба на тоалет, како и користење на сопствени средства за хигиена. При инфекција со трихомонас, покрај општите симптоми за СПИ може да се појави и специфичен пенлив и жолтеникав исцедок со непријатен мирис. Многу лесно се третира со единечна доза [/accordion] [/accordions] [accordions] [accordion title=”ХИВ – ХУМАН ИНМУНОДЕФИЦИЕНТЕН ВИРУС” load=”hide”]
ХИВ е микроорганизам-вирус што се пренесува исклучиво од човек на човек и го ослабува имунитетот, односно способноста на организмот за одбрана од разни инфекции и болести. Во случаи на ненавремено откривање и лекување, предизвикува СИДА (Синдром на стекната имунодефициенција), состојба со бројни здравствени нарушувања како резултат на намалениот имунитет, која има фатален завршеток.
ХИВ се пренесува единствено на следниве три начини:
- Незаштитен орален, вагинален или анален секс (секс без кондом).
- Пренос преку крв.
- Од мајка на дете (во текот на бременоста, при породувањето или со доење).
Во светот и кај нас, ХИВ најчесто се пренесува по сексуален пат. Незаштитениот анален секс носи најголем ризик за инфицирање со ХИВ, додека незаштитениот вагинален сексуален однос е најраспространет начин на пренос. Оралниот секс, иако помалку ризичен, сепак носи можност за пренос на ХИВ доколку не се користи соодветна заштита. Правилната употреба на кондом при секој сексуален однос е најбезбедниот начин за заштита од инфекцијата со ХИВ.
Директниот контакт на неинфицирана со инфицирана крв носи највисок ризик за пренос на вирусот. Ова може да се случи при споделување на нестерилни/користени игли и шприцеви за инјектирање на дроги, пирсање и тетовирање со нестерилни инструменти и на места без соодветна лиценца за овие постапки, а теоретски и преку употреба на туѓ прибор за лична хигиена како на пример четка за заби, брич, депилатор и слично. Развивањето на програми за намалување на штети од употреба на дроги (во кои централен елемент е размената на веќе употребените игли и шприцови со нови/стерилни) е најзначаен сегмент во превенцијата на крвниот начин на пренос на ХИВ. Пренесувањето на вирусот преку трансфузија на крв и крвни деривати кај нас веќе станува минато, поради примената на строги скрининг методи на секоја дарувана единица крв. Ист е случајот и со медицинските и стоматолошките процедури.
ХИВ инфицирана мајка може (но не мора!) да го пренесе вирусот на плодот, во текот на бременоста, при породувањето и со доење. Затоа е важно да се промовира доброволно ХИВ тестирање за бремените жени, со цел кај мајките кои живеат со ХИВ навремено да се спроведе соодветна заштита. Истата се состои од користење на антиретровирусна терапија во текот на бременоста, породување со царски рез и избегнување на доење. Доколку се преземат сите неопходни превентивни постапки, ризикот за пренос на вирусот на плодот/новороденото е практично непостоечки.
Ова се единствените три начини за инфекција со ХИВ, што се должи на фактот дека вирусот се излачува во концентрации доволни за пренесување само во следните телесни течности: крв, семена течност (сперма), пред-семена течност (pre-cum), вагинален секрет и мајчино млеко. Потребен е директен контакт помеѓу две од овие течности за да дојде до пренос на вирусот. Во практична смисла, ова значи дека која било друга активност со лице кое живее со ХИВ, на пример гушкање, бакнување, јадење со ист прибор, користење на јавни базени, тоалети и слично, не носи апсолутно никаков ризик за пренос на вирусот.
Доколку некое лице дојде во контакт со ХИВ на еден од претходно опишаните начини на пренос, тој/таа може да се инфицира со вирусот. Од моментот на инфицирање, вирусот постепено го намалува имунитетот, притоа не давајќи никакви знаци и симптоми кои би побудиле сомнеж за постоечката инфекција. Должината на ваквиотпериод без симптоми може да варира од 3 до +20 години (просечно 8-10), во кое време вирусот постепено се разможува и може (несвесно) понатаму да се пренесува. Во отсуство на какви било карактеристични знаци, единствениот начин за откривање на инфекцијата е правењето на ХИВ тест. Ова е специфичен тест на крвта (читај: не е рутински и не се спроведува при стандардното испитување на крвта) кој може да се направи само на барање или со дозвола на испитуваното лице. Тестот е индиректен и ги детектира антителата кои организмот ги создава како реакција на инфекцијата со ХИВ, што во практична смисла значи дека треба да помине извесен период по ризичниот контакт за да тестот биде релевантен (точен). Вообичаено се потребни 3-12 недели по контактот со вирусот за организмот да создаде доволна концентрација на антитела кои би се откриле со ХИВ тестот.
Мора да се напомене дека кај нас, како и во најголем дел од светот, тестирањето за ХИВ е бесплатно, доброволно, доверливо и проследено со советување од страна на соодветно обучени лица. Најновите генерации на тестови се многу брзи и даваат резултат за 20-тина минути.
Навремено откриената инфекција со ХИВ може успешно да се лекува! За да дознаеш каде најблиску можеш да направиш ХИВ тест, јави се во некој од центрите на ХОПС. |
Познавањето на својот ХИВ статус е од исклучителна важност поради достапноста на соодветен третман, кој е многу корисен при рано откривање на инфекцијата со ХИВ. Имено, медицината има развиено палета на лекови (антиретровируси, антиретровирусна терапија, АРТ) кои го успоруваат разможувањето на ХИВ, го спречуваат напредувањето кон СИДА и значително ја намалуваат можноста за понатамошен пренос на вирусот. Благодарение на антиретровирусната терапија, луѓето инфицирани со ХИВ можат да живеат долг, здрав и квалитетен живот, со можност за оставање на здраво потомство.
Доколку инфекцијата со ХИВ не се открие и третира своевремено, истата може да се развие во стадиум на СИДА. Тоа е состојба кога вирусот веќе го има уништено имунитеот, правејќи го организмот подложен на бројни респираторни, дигестивни, кожни, урогенитални и други инфекции и болести, кои со тек на време доведуваат до фатален крај. Во овој стадиум, антиретровирусниот третман е веќе неефикасен.
[/accordion] [/accordions] [accordions] [accordion title=”ПЛАНИРАЊЕ НА ПОТОМСТВОТО – БРЕМЕНОСТ, КОНТРАЦЕПЦИЈА, АБОРТУС” load=”hide”]Планирање на потомството/семејството е концепт кој го подразбира правото на која било индивудуа да донесе информирана одлука дали, кога, со кого, колку и во кој интервал ќе има деца. Одлуката за оставање на потомство зависи од многу фактори, меѓу кои: желбите на лицето/партнерите, нивната возраст, спремноста за грижа за деца, животните планови, социо-економската ситуација, здравствената состојба и слично.
Настанување на бременоста
Бременоста е нормален, физиолшки, процес кој е неопходен за човековата репродукција.
Машки и женски репродуктивни органи
Нејзиното настанување или превенција се централни елементи на планирањето на семејство. Бременост може да настане само при нормална функција и на женскиот и на машкиот репродуктивен систем, со вагинален сексуален однос без заштита (без користење на кондом или други стредства за контрацепција), освен во случаите на асистиранo (in vitro) оплодување/ фертилизација. За да се разбере процесот на настанување на бременост, потребно е да се знае како функционираат машките и женските репородуктивни органи.
Машките полови жлезди (тестиси) создаваат машки полови клетки (сперматозоиди). При сексуален однос, тие се исфрлаат од машкиот полов орган (пенисот) во вид на семена течност (сперма) во акт наречен ејакулација (оргазам, свршување). Семената течност содржи милиони сперматозоиди, кои во поволни услови остануваат функционални околу 3-5 дена. Проѕирната предсемена течност (pre-cum), која се лачи во тек на сексуалниот однос и служи за подмачкување, може исто така да содржи сперматозоиди (што во практична смисла значи дека може да настане бременост доколку машкото „сврши надвор“). Во женските полови жлезди (овариуми), пак, се складирани и зреат женските полови клетки (јајце клетки, овуми). При еден менструален циклус (периодот од едно до друго менструално крварење) се создава само една (многу ретко две или повеќе) зрела јајце клетка. Околу средината на менструалниот циклус, еден од овариумите ја испушта созреаната јајце клетка кон јајцеводите во акт наречен овулација. Доколку јајце клетката не биде оплодена од сперматозоид во првите 24 часа, таа се исфрла при следното менструално крварење. Но доколку дојде до оплодување (фертилизација), настанува зачеток, или зигот. Зачетокот растејќи се движи од јајцеводите кон матката и се вгнездува во нејзиниот внатрешен слој, со што се оплодува и настанува бременост.
Доколку тоа се случи, на девојката/жената „ѝ доцни“ (следното очекувано менструално крварење не се појавува), а вгнездениот зачеток веќе почнува да создава специфичен хормон (хуман хорионгонадотропин – HCG). Постоењето на овој хормон во урината (мочката) е основа на тестовите за бременост.
Настанување на бременост
Брзите тестови за бременост може да се најдат во секоја аптека, релативно се ефтини и даваат резултат за 15-тина минути. Потребно е внимателно да се прочита и следи упатството за да се добијат ажурни резултати, но позитивните резултати мора да се потврдат со стандарни тестови во консултација со гинеколог. Бременоста обично трае 9 календарски (10 лунарни) месеци и завршува со породување по вагинален пат или со царски рез.
Тестови за бременост
Контрацепција – заштита од непланирана бременост
Поимот контрацепција опфаќа повеќе методи и техники за заштита од несакана бременост пред истата да настане. Контрацептивните методи варираат според начинот на делување и користење, нивната ефикасност, како и периодот/времетраењето во кое обезбедуваат заштита од бременост. Затоа, изборот на најсоодветното средсво ќе зависи од потребите, животните стилови, возраста и навиките на лицето/партнерите и најдобро е да се направи во консултација со здравствени професионалци кои можат да дадат соодветни упатства. Скоро сите контрацептивни методи штитат само од несакана бременост, но не и од сексуално преносливи инфекции.
Единственото средство кое истовремено нуди заштита и од бременост и од сексуални преносливи инфекции (вклучително и ХИВ) е кондомот. |
Хормонска контрацепција
Во оваа група спаѓаат низа методи чија функција се базира на женските полови хормони (естроген и/или прогестерон). Може да ги користат само девојки/жени на која било возраст, но за нивна употреба потребна е консултација со гинеколог.
Контрацептивни таблети (комбинирана орална контрацепција)
Таблети за орална контрацепција
Контрацептивните таблети се еден од најефикасните методи за заштита од несакана бременост. Составени се од варирачки количини на женски полови хормони кои всушност ги имитираат хормонските концентрации при нормалниот менструален циклус. Едно пакување соджи 28 таблети кои девојката/жената треба да ги зема секој ден, препорачливо во исто време, а по завршувањето на пакувањето веднаш се продолжува со ново. При нивна употреба менструалните крварења настануваат редовно (на точно 28 дена), карактеристика што може да се искористи за регулирање на циклусот и планирање на разни социјални активности (на пример одење на одмор). При користење на овие таблети, во тек на менструалниот цуклус не настанува овулација и затоа не постои никаква можност за настанување на бременост. Со тоа истовремено се чуваат и јајце клетките. Заштитата од бременост трае во текот на користењето, а плодноста се враќа многу брзо по прекинувањето (во наредните еден или два месеци). И покрај бројните митови поврзани со контрацептивните таблети, поновите генерации исклучително ретко даваат какви било несакани ефекти, освен можеби благи непријатности во првата недела од користењето. Паралелно со заштитата од несакана бременост, овие таблети помагаат и во воспоставувањето на регуларен менструален циклус и отстранувањето на низа непријатности поврзани со менструацијата и хормонскиот статус (како на пример пред-менструалниот синдром, болните менструации и појавата на акни), за чиј третман гинеколозите често ги препорачуваат. Оралните контрацептиви не се препорачуваат за девојки/жени кои имаат проблеми со крвна циркулација, сериозно зголемена телесна тежина и/или се повозрасни страствени пушачи.
Комбинираната употреба на контрацептивни таблети и кондом се нарекува двојна заштита, и претставува најсигурен начин за превенција на непланирана бременост. |
Итна/ургентна хормонска контрацепција – „утро потоа“
Ургентната контрацепција е резервирана за случаите кога веќе се случил сексуален однос без заштита поради која било причина (некористење на други методи за заштита од бременост, пукање или испаѓање на кондом, силување). Содржи високи дози на женски хормони во форма на таблети кои треба да се земат што е можно побрзо по незаштитениот секс, но најдоцна до 72 часа. Поради високите дози на хормони, таблетите „утро потоа“ може да дадат краткотрајни несакани ефекти (меѓу кои и повраќање на таблетата, со што се губи дејството), и затоа треба да се употребуваат само во консултација со гинеколог. Дејството на овој метод се базира на спречување на вгнездувањето на оплодената јајце клетка во матката.
Освен оралните, постојат и инјектибилни и имплантациони хормонски методи за контрацепција со подолготрајно дејство, но тие сѐ уште не се достапни во нашата земја. |
Спирала – интраутерична влошка
Спиралата е средство во облик на буквата Т, која гинекологот ја поставува во матката. Претставува метод за долготрајна заштита од бременост, чие дејство престанува (односно плодноста се враќа) брзо по отстранувањето. Препорачаното време на траење е од 3-10 години и зависи од составот (најчесто бакар, злато или бавно ослободувачки хормони), но гинекологот може да ја извади и порано. Делува на тој начин што го спречува или оплодувањето или вгнездувањето на зачетокот во матката. Може да се користи и како метод за итна контрацепција, доколку се постави во првите 5 дена по незаштитениот секс.
Стерилизација
Стерилизација кај жени и мажи
Претставува доживотно, трајно средство за заштита од бременост. Се прави хируршки, со подврзување на семеводите кај мажите (вазектомија) или јајцеводите кај жените. Стерилизацијата во Македонија не е законски регулирана, поради што и не е достапна како метод на избор.
Бариерни методи
Ова се група на методи кои поставувајќи бариера меѓу сперматозоидот и јајце клетката го спречуваат оплодувањето. Најчесто употребувани бариерни средства за контреацепција се дијафрагмата и кондомот.
Дијафрагма
Дијафрагмата има форма на капче и е изработена од силикон или латекс. Постојат различни димензии на дијафрагми и затоа треба да ја препише/препорача гинеколог. При употребата мора да се премачка со хемиски средства за контрацепција со спермицидно дејство (креми, пени, гелови). Со лесна техника, девојката/жената сама ја поставува дијафрагмата (преку вагината, за да налегне на грлото на матката) пред сексуалниот однос, а треба да ја извади најмалку 6 часа по последниот секс.
Поставување на дијафрагма премачкана со спермицид
Кондом
И кондомот спаѓа во бариерните средства за заштита од бременост и истовремено заштитува од сексуално преносливи инфекции и ХИВ. Прочитај повеќе во посебното поглавје во истиов текст.
Природни методи
Природните методи се група на непрецизни и несигурни техники и затоа не треба да се основа на намерите за заштита од бременост.
Прекинувањето на сексуалниот однос (coitus interruptus), или популарно наречен метод на „вадење“, претставува прекинување на сексот пред ејакулација/свршување, при што машкото свршува „надвор“. Иако со тоа се намалува можноста за забременување, сепак може да настане бременост поради тоа што и предсемената течност (која се исфрла и пред свршувањето) може да содржи сперматозоиди.
Определувањето на плодни и неплодни денови се прави со календарски (или други) методи. Овие техники се повеќе корисни за остварување на намерата за оставање на потомство, отколку за заштита од бременост. При календарскиот (ритмичен) метод, денот на овулација (ослободување на зрела јајце клетка) се пресметува со броење на 14 дена наназад од првиот ден на следната очекувана менструација. Со додавање на 5 дена пред и 5 дена после денот на овулација, се заокружува периодот на плодни денови кој трае 10-тина дена. Незаштитен секс (или пукање/испаѓање на кондом) во периодот на плодните денови може да доведе до бременост. Во таков случај, итните методи за контрацепција остануваат на располагање во следните неколку дена доколку девојката/партнерите не планираат да имаат деца во најблиска иднина.
[/accordion] [/accordions] [accordions] [accordion title=”ШТО Е КОНДОМ И КАКО СЕ УПОТРЕБУВА?” load=”hide”]Кондомот е популарно и еднинствено средство кое истовремено штити од несакана бременост и од сексуално преносливи инфекции и ХИВ. Изработен е од латекс или полиуретан, широко е достапен и лесно се употребува. Постојат машки и женски кондоми, но женските, за жал, ретко може да се најдат кај нас.
Женски кондом (фемидон) и начин на употреба
Според видот на секс за кои се наменети, има машки кондоми за орален, вагинален и анален секс. Разликата е во дебелината на латексот (најтенки се тие за орален, а најдебели тие за анален секс) и количината на подмачкувач/лубрикант (кондомите за орален секс не се подмачкани, додека оние за анален се повеќе).
Кондомите може да се најдат во скоро секој трговски објект, но пожелно е да се купуваат од аптеки или поголеми супермаркети каде што се соодветно складирани. Топлината и триењето лесно ги оштетуваат кондомите и затоа тие треба се чуваат на собна температура, не треба се носат во заден џеб, паричник или блиску до остри предмети, туку во џеб од палто или чанта.
|
Пред употребата мора да се провери рокот на траење и да се провери дали пакувањето е неоштетено (кондомот се потиснува на едната страна од пакувањето и треба да се почувствува меурче со воздух на спротивната страна). Со јагодиците од прстите, пакувањето лесно се отвора од назабената страна (не треба да се користат нокти или остри предмети) и се вади кондомот. Со благо дување се одредува правилната страна (резервоарот треба да излегува од внатрешната страна на прстенот од кондомот). Резервоарот се прифаќа со палецот и показалецот со цел да се истисне воздухот и кондомот се поставува на еректиран (дигнат) пенис пред каков било контакт со половите органи на партнерот/партнерката. Со благи движења од другата рака, кондомот се навлекува до коренот на пенисот истиснувајќи го воздухот од страните. Врз поставениот кондом може да се стави дополнителен лубрикант, кој мора да е на база на вода (не смее да се употребуваат подмачкувачи на база на масти, како креми, масти или вазелин, бидејќи ќе го оштетат латексот). По сексуалниот однос, кондомот се вади од полуеректиран/полу-спуштен пенис, внимавајќи да не се истури спермата. Употребениот кондом не треба да се врзува во чвор (што е честа пракса), туку треба само да се завитка во хартиено марамче и да се фрли во корпа за отпадоци.
Правилна употреба на кондом
Кондомот е за една употреба. Истовременото користење на два кондома (еден врз друг или машки и женски) не нуди поголема заштита туку напротив, може да доведе до оштетување на кондомите поради меѓусебното триење.
[/accordion] [/accordions]