Има многу митови околу сексуалната работа и сексуалната индустрија. Меѓутоа, најголемиот дел од нив не добиваат потврда кога фактички ќе се испитаат.
Мит: Нема никаква добра причина за некој да започне или да продолжи со сексуална работа.
Факт: За многу луѓе, сексуалната работа е нивна најдобра или дури и единствена можност за да заработат доволно за да ги прехранат своите семејства. Како и сите други луѓе, на сексуалните работници им е потребна поддршка за осамостојување преку пристап до здраствена заштита, обука за работа, образование, ставање крај на дискриминацијата, како и добивање на можност за заработување за живот на повеќе од еден начин. Тие исто така се соочуваат со општествено жигосување кое може да го попречи нивното преминување и вклучување во други видови на работа.
Мит: Мнозинството сексуални работници се занимаваат со оваа професија под закана на сила или принуда.
Факт: Нема никакви докази кои би го поткрепиле ова тврдење. Милиони луѓе се занимаваат со сексуална работа во светски рамки. Сексуалните работници се поединци чии причини за започнување со сексуална работа – и напуштање на истата – се од лична, економска и социјална природа – и се исто толку сложени како и причините за избор на било кој друг за занимавање со некаков друг вид на работа.
Мит: Дозволувањето на вршењето на сексуалната работа без таа да се криминализира ќе ја поттикне трговијата со луѓе и присилното регрутирање во сексуалната индустрија.
Факт: Давањето на поголеми права на сексуалните работници најверојатно ќе го обесхрабри влучувањето во сексуалната работа преку трговијата со луѓе. Во Тајланд, на пример, многумина го поддржуваат давањето на работнички права и право на социјална заштита на сексуалните работници со аргумент дека со таквата политика ќе се воведат мерките за заштита на нивното здравје и безбедност, ќе се овозможи унапредување на работните услови преку синдикално организирање, како и ќе се помогне да се открие и намали бројот и на принудно вклучените и малолетните сексуални работници. Во Индија, членовите на Комитетот за незапирлива синтеза на жените (DMSC, група на организирани сексуални работници) вршат идентификација на малолетните лица и лицата жртви на нелегална трговија во тамошните јавни куќи и бараат помош за нив.
Мит: Побарувачката за сексуална работа лежи зад трговијата со луѓе.
Факт: Луѓето се подложни на лагите и измамите на трговците со луѓе бидејќи се обидуваат да дојдат до подобра живеачка, сакаат да најдат излез од сиромаштијата, невработеноста и дискриминацијата. Иако бројките не се целосно веродостојни, Меѓународната организација на трудот проценува дека од 2,45 милионите луѓе кои се жртви на трговија со луѓе во меѓународни и локални рамки. Во периодот помеѓу 1995 и 2004 година, мнозинството биле присилени на недоброволна работа во земјоделието, домаќинствата, рестораните, фабриките, итн. Во околу 43% од случаите имаше појава на давање на присилни комерцијални сексуални услуги.
Мит: Фокусирањето на напорите на органите за спроведување на законите врз клиентите на сексуалните работници ќе помогне да се запре комерцијалната сексуална трговија.
Факт: Не зависи од бројот на клиентите, туку од економските трендови и општествените услови како што се невработеноста и недостатокот на можности за заработка на личен доход се условите кои во секој момент влијаат врз бројката на сексуалните работници. Решавањето на прашањето на основните човечки потреби за образование, еднакви можности и реален спектар на економски опции би помогнало да се осигура дека ниедно лице кое се занимава со сексуална работа нема тоа тоа да го направи како последица на измама или присила. Истражувањата на шведскиот закон од 1998 г. со кој се криминализираа клиентите утврдија дека тој придонесе за потиснување на сексуалните работници во подземјето, каде што тие станаа невидливи за законот, изложени на далеку понасилни ситуации и далеку повеќе изложени да бидат продадени на црниот пазар.
Мит: Сексуалните работници претставуваат опасност за општото население поради тоа што повеќето од нив се носители на болести – тие се преносители на ХИВ/СИДА и други сексуално преносливи зарази.
Факт: Сексуалните работници најчесто имаат поголеми познавања за сексуалното здравје – и почесто практикуваат безбеден секс – отколку општото население. Тие многу често имаат улога на едукатори за сексуалното здравје на своите клиенти и заради тоа треба да се мобилизираат, а не демонизираат, во борбата за контролирање на ХИВ/СИДА. Во ситуациите каде што сексуалните работници не се третираат како отпадници или криминалци, тие се во можност да користат здравствена заштита која нема да ги направи предмет на осуда или да ги загрози нивните човекови права. Кога сексуалните работници се свесни дека нивните човекови права ќе бидат спроведувани и почитувани, тогаш тие не само што имаат можност, туку и навистина бараат здравствена заштита и ја поттикнуваат употребата на кондоми од страна на клиентите, а се залагаат за побезбедни услови на работа и заштита од насилство. Меѓутоа, таму каде што се жигосуваат, понижуваат, притвораат и присилуваат во илегала, тие живеат притаено без здравствена или правна заштита, во постојана закана од злоупотреба и насилство.
Мит: Полициските рации на јавните куќи и јавните простории каде што се нудат сексуални услуги се најдобар начин да им се помогне на сексуалните работници жртви на незаконска трговија
Факт: Полициските рации на јавните куќи вообичаено водат кон апсења, притворања, затворања и депортација на фатените лица. Во многу земји, многу е поголема веројатност лицата кои се уапсени во рации на јавни куќи наместо да им се помогне, да бидат малтретирани од страна на властите. Најголемиот дел од ваквите „спасувачки“ акции се водат под претпоставка дека сите сексуални работници се жртви на нелегална трговија. Вклучувањето и овозможувањето на сексуалните работници да учествуваат во идентификацијата и помагањето на лицата кои биле присилени да даваат сексуални услуги претставува најефикасен начин за борба против присилното вклучување во сексуалната работа преку нелегалната трговија со луѓе. Справувањето со нелегалната трговија со луѓе подразбира сложени решенија. Едноставното отстранување на лицата од јавните куќи не помага тие да се „спасат“, ниту да се „избават“. Здруженијата на граѓани треба да ги насочат своите напори кон факторите кои овозможуваат луѓето да бидат вовлечени во нелегалната трговија со луѓе.