Сексуална работничка во Нов Зеланд победи во значаен случај за сексуално вознемирување против сопственик на бизнис и ќе добие исплата од шест цифри за „емоционална штета и изгубена заработка“.
Мајкл Тиминс, директорот на Комисијата за човекови права во земјата, изјави дека случајот е “значаен потсетник за бизнисите во земјата”, а не само на сексуалните работници, дека секој има право на слобода од сексуално вознемирување.
“Сите работници, без оглед на видот на работата што ја вршат, имаат право на слобода од сексуално вознемирување на работното место. Ги охрабруваме сите сопственици на деловни активности и работодавци да се осигурат дека ги разбираат и почитуваат овие права”, рече во изјавата г-дин Тиминс, кој ја застапуваше сексуалната работничка.
Исплатата е дел од спогодбата за емоционалната штета претрпена од малтретирањето и е пофалена од активисти, кои ја поздравија како „пресвртница“ за правата на сексуалните работници.
Нов Зеланд ја декриминализира сексуалната работа во 2003 година, донесувајќи го Законот за реформа на проституцијата во Нов Зеланд (PRA). Законот им дозволуваше на граѓаните постари од 18 години да продаваат сексуални услуги и на борделите им беше дозволено да работат како легитимни деловни активности, барајќи од нив да обезбедат права за вработување на своите работници.
Трибуналот за преглед на човекови права претходно донесе одлука дека сексуалните работници се заштитени со Законот за човекови права од вознемирување на работа.
„Контекст е сè. Дури и во бордел, јазик со сексуална димензија може да се користи несоодветно во сугестивни, угнетувачки или навредливи околности “, рече Трибуналот.
Фотографија: (Getty Images)