Во светот сè повеќе се актуелни дебатите за рекреативна наспроти медицинска употреба на канабисот. Всушност, и темата на овој број на магазинот е токму рекреативната употреба на дрогите. Во овој кус текст ќе се обидам да го образложам мојот став дека секоја употреба на канабисот е всушност медицинска употреба.
Најпрво, не постои ниедна медицинска установа во светот која го дефинира канабисот како лек. Сè што имаме досега се медицински студии кои го испитуваат влијанието на канабисот врз здравјето на луѓето. Фармаколошката индустрија, пак, го препознава канабисот како лек и нуди за профит производи од канабис во вид на медикаменти. Државите се сега исправени пред предизвикот да дефинираат лек од канабисот за специфични состојби или болести.
Мојот став е дека секоја употреба на канабис дава бенефит за здравјето на луѓето. Проблемот во дефинирање на медицинска наспроти рекреативната употреба е проблем на правење строга дистинкција меѓу физичкото и менталното здравје. Со други зборови, бенефитот од употребата на канабисот за менталното здравје на корисниците се занемарува и се преформулира како уживање, задоволство, односно рекреативна употреба. Корисниците на канабис без проблеми по физичкото здравје сепак чувствуваат бенефит поради олеснување на симптомите на анксиозност, стрес, несоница и слично, симптоми карактеристични за човекот на 21 век. Во нашето опкружување секој знае барем еден човек кој рекол дека консумирањето канабис му помага за опуштање. А што е опуштањето ако не намалување на симптоми на анксиозност, особено социјална анксиозност или стрес? Конечно, што е здрав, а што болен човек? Дали за здрав човек се смета човек кој живее без заболување или за здравјето на човекот треба да размислуваме во пошироки рамки?
Јас сметам дека приоритет во овој процес на регулација на употребата на оваа супстанција треба да биде безбедниот пристап до канабисот за сите луѓе, а работа на сите нас како чинители во општеството е да промовираме одговорна наспроти неодговорна употреба на канабис наместо медицинска наспроти рекреативна.
Автор:
Филип Достовски (Зелена алтернатива)
