Се одржа прес-конференција за регулација на медицинската употреба на канабис

0

Денес во 11 часот пред Собранието на Р.М се одржа прес – конференција по повод владиниот предлог за регулација на медицинската употреба на канабис.

На крајот на минатата година Министерството за здравство бомбастично најави “легализација на марихуаната за медицинска употреба”. Кратко потоа, со предлог Закон за измени и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции предложи регулирање на медицинската употреба на канабис.

Ваквиот начин на регулирање на ова прашање нема да придонесе за поголема достапност на канабисот и неговите деривати до оние на кои им е најмногу потребен, а тоа се луѓето со одредени медицински состојби.

Здружението ХОПС Опции за здрав живот Скопје иако не беше повикано да се вклучи во јавните расправи и да даде свој придонес како експертска организација која 20 години работи на полето на политки на дроги, во јавноста укажа на недоследностите на кое предлагачите на овие законски измени останаа глуви. Поради тоа ХОПС изготви Анализа на предложените измени и дополнувања на закон за измени и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.

Од оваа Анализа произлегоа следните заклучоци:

–    Иако  цел на предложените измени на Законот за контрола на дроги и психотропни супстанции е регулирање на медицинската употреба на конопот, произлезе дека предложените одредби не и служат во целост на најавената цел, туку напротив фаворизираат финансиски моќни правни лица кои ќе го контролираат пазарот со канабис и неговите деривати;

–    Поради предложените одредби со кои се уредува начинот на производство, чување и преработка на канабисот, со кои се става голем финасиски товар на правните лица кои би ја работеле оваа дејност, ОЧЕКУВАНО Е крајниот производ да биде со висока цена, а со тоа недостапен за најголемиот дел од луѓето на кои им е потребен. На пример за одгледување на канабис, законот предвидува строги безбедносни мерки кои не постојат за одгледувањето на афион  од кого се произведува хероин. Имено просторот на кој ќе се одледува канабисот треба да е ограден со ограда висока најмалку 4 метри и обиколена со три реда бодликава жица пред оградата. Дополнително оптеретување за правните лица кои треба да го организираат одгледувањето на канабисот е и обезбедување на видео надзор над целиот простор и физичко обезбедување 24 часа секојдневно. Правното лице треба да вработи најмалку четири луѓе од кои фармацевт со три години работно искуство и агроном насока полјоделство со три години работно искуство. Повторно, ваква обврска за вработување на конкретен профил на професионалци, законодавецот не предвидел за одгледувачите на афион.

–    Со предложените законски одредби се ограничува листата на болести односно состојби за кои би можело да се користи конопот во медицински цели,ограничувајќи ја можноста за препишување од само 4 специјалисти ( неврологија, онкологија и радиотерапија и инфективни болести).

–    Алармантен е предлогот за воведување на казнени одредби во овој закон, со кои се криминализира личната употреба на канабисот, што претставува дополнително регулирање на материја која веќе е регулирана со Кривичниот Законик на РМ, што е спротивно на Уставот на РМ и предизвикува правна несигурност на граѓаните на РМ;

–    Несоодветно е регулирање на медицинска употреба на канабисот како лек во Законот за дроги чии цели се контрола и производство на опојни дроги и психотропни супстанции, мерки за превентива на употребата и злоупотребата на опојни дроги, класификација на опојни дроги услови и надзор за одгледување и производство на опојни дроги и мерки за сузбивање на злоупотребата. Всушност регулирањето на лекови не треба да биде во овој закон туку со посебен закон или Законот за лекови.

–    Исто така во образложението на законот е наведено дека за неговата примена не е потребно обезбедување на финансиски средства ниту дека има фискални импликации врз буџетот на Република Македонија. Ова значи дека целиот товар за лековите ќе биде на граѓаните кои ќе го купуваат, а тие средства сигурно нема да бидат мали.

Имајќи ги предвид медицинските ефекти на канабисот, како и правото на пациентите за пристап до сите форми на лекување и позитивните искуства од многу земји, ХОПС смета дека треба да се донесе посебен закон со кој ќе се регулира медицинската употреба на канабисот во Македонија.  Истиот треба да озвозможи лесен пристап до евтини лекови, вклучително и масло од канабис, во аптеки или специјални продавници , но и можност за сопствено одгледување за оние пациенти кои не се во состојба да ги купуваат лековите или имаат желба сами да го подготвуваат сопствениот лек. Имајќи во предвид дека за различни здравствени состојби е потребно употреба на канабис на различни начини и  различни форми  тој треба да биде достапен во различни форми (за пушење, вапоризирање, во капсули, различни колачиња за јадење или во форма на масло од канабис). Исто така  употребата на канабисот за медицинска употреба не треба да биде условена со конвенционалната медицинска пракса.

Од овие причини бараме овој предлог Закон за измени и  дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции да се повлече од собраниска процедура, и во најбрз можен рок да се изработи посебен закон со кој ќе се регулира медицинската употреба на канабис, каде правата на пациентите и достапноста до сите на кои им е потребен ќе биде главна цел на истиот.

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.