Што значи да си млад човек кој употребува дроги и да дојдеш во контакт со полицијата? Дали таквиот контакт создава чувство на безбедност или дополнително ја продлабочува недовербата кон институциите?
Токму на овие прашања се обиде да даде одговор кратката онлајн анкета што ХОПС ја спроведе во јуни 2026 година, во рамки на кампањата Support. Don’t Punish. Во анкетата учествуваа 48 млади лица кои споделија лични искуства, ставови и перцепции за односот на полицијата кон лицата кои употребуваат дроги.
Иако анкетата не е репрезентативна за целата популација, резултатите отвораат важни прашања за начинот на кој полициските практики влијаат врз животот, здравјето и чувството на сигурност кај младите.
Контактот со полицијата е често искуство
Повеќе од половина од испитаниците (52,1%) изјавиле дека во последните 12 месеци биле запрени или приведени од полицијата. Кај оние кои имале контакт, најчесто станувало збор за повеќекратни запирања, а како најчести причини биле наведени претрес без конкретно образложение или претрес поради „сомнителен изглед“.
Низа сведоштва упатуваат дека дел од младите чувствуваат дека се профилирани според својот изглед или местата каде што се движат.
Еден учесник опишува:
„Ќе видат млади во парк или на МСУ и претресуваат, посебно ако се облекуваш или личиш алтернативно. Не ни мора да си корисник на супстанции.“
Друг учесник наведува:
„Моја пријателка која воопшто не користи дроги ја претресоа повеќе пати само затоа што изгледала алтернативно.“
Вербални закани, агресија и понижување
Меѓу испитаниците кои имале контакт со полицијата:
- 56% пријавиле вербална агресија;
- 44% закани;
- секој петти пријавил физичко насилство;
- само мал дел го оцениле однесувањето како коректно.
Во отворените одговори повеќе испитаници го опишуваат чувството дека уште при првиот контакт биле третирани како криминалци.
Еден од нив пишува:
„Те третираат како криминалец уште пред да кажеш здраво.“
Друг наведува:
„Ме направија да се чувствувам како најголем наркоман поради половина џоинт.“
Зошто ретко се пријавуваат полициски злоупотреби?
И покрај негативните искуства, 88% од испитаниците кои доживеале несоодветен третман не го пријавиле случајот.
Од нивните одговори произлегува дека главните причини се недовербата во институциите, стравот од дополнителни последици и уверувањето дека пријавувањето нема да доведе до промени.
Ова укажува дека проблемот не е само во конкретниот инцидент, туку и во чувството дека системот нема да обезбеди заштита.
Недовербата има последици и врз здравјето
Резултатите покажуваат дека стравот од полицијата директно влијае врз однесувањето на младите.
Речиси една четвртина од испитаниците изјавиле дека некогаш избегнале да побараат медицинска помош поради страв од полицијата. Сличен процент навеле дека поради истиот страв избегнале да ги посетат сервисите на ХОПС.
Дополнително:
- 43,8% избегнуваат да носат чист прибор за употреба;
- 58,3% употребуваат дроги на поскриени и поризични места поради страв од полициски контроли.
Овие резултати укажуваат дека казнениот пристап може директно да влијае врз здравјето и безбедноста на луѓето, наместо да ги охрабри да побараат поддршка.
Потребен е пристап заснован на човекови права
Анкетата покажува дека голем дел од испитаниците имаат ниска доверба во полицијата и сметаат дека лицата кои употребуваат дроги не се третираат еднакво и со почит.
Иако станува збор за прелиминарни наоди од ограничен примерок, тие се совпаѓаат со искуствата што ХОПС со години ги документира преку својата работа со заедницата. Затоа е неопходно да се вложува во политики и практики кои ќе ги стават во фокус човековите права, достоинството и пристапот до здравствени и социјални услуги, наместо стигмата и казнувањето.
ХОПС ќе продолжи да ги документира искуствата на младите, да обезбедува бесплатна правна и психосоцијална поддршка и да се залага за политики кои ги штитат човековите права и јавното здравје.
