Максим Осман-Николов (р. 1996) е дипломиран лабораториски биоинженер и магистер по лабораториска анализа и инженерство во фармацијата на Фармацевтскиот факултет при УКИМ. Има четиригодишно искуство во контрола на квалитет на фармацевтски производи и производи од канабис.
Микродозирање
Микродозирањето со психоделици е во значаен пораст во последниве години. Истражувањата кои го испитуваат позитивниот ефект на некои психоделици во справувањето или третманот на разни проблеми со менталното здравје и промената во перцепцијата на психоделиците доведе до поголем фокус на потенцијалните позитивни ефекти на овие супстанции.
Микродозирањето со психоделици и интересот за него како пракса е во значаен пораст во последниве години. Очекуваните подобрувања на сеопштото ментално здравје, искусувањето на уметничките дела, поттикот на имагинацијата и на креативноста, намалувањето на анксиозноста, се дел од позитивните ефекти кои би требало да ги предизвикаат овие супстанции кога се земаат во дози многу помали од оние кои би предизвикале видливи халуциногени или други нарушувања на вообичаената свесна состојба. Овие долготрајни промени на секојдневното искуство на свеста се смета дека се постигнуваат со редовно микродозирање следејќи различни планови. Од веќе досега споменатото може да насетиме неколку предизвици за научната евалуација на вистинитоста на овие тврдења кои се широко распространети меѓу онлајн заедниците посветени на оваа пракса врз основа на анегдотични, лични искуства. Постигнувањето на некои позитивни ефекти и следствено нивниот интензитет секако дека би зависел од самата примена доза. Варијациите во начините на дозирање во смисла на количината, на редовноста и на начинот на администрација на самите супстанции подразбира потреба од засебна проценка на секој од нив. Секако, ова заедно со легалните пречки во организацијата на сеопфатни контролирани истражувања со значаен број на учесници, како и прибавувањето на релевантни проверени информации од практичарите на терен го отежнува истражувањето на праксата и нејзините ефекти, а со тоа и изградбата на еден одговорен релевантен став за ова прашање.
Ова не значи дека трудовите чија тема на истражување е микродозирањето со психоделици не постојат или пак дека интересот за истражување на оваа тема е мал. Напротив, со порастот на сеопштиот интерес за оваа пракса во минативе години може да забележиме повеќе обиди за евалуација на способноста на псилоцибинот и на ЛСД како најпопуларни психоделици за микродозирање да предизвикаат значајна промена во когнитивните способности, емотивната состојба итн. Така, на пример, трудот на Жозеф М. Рутман и неколкумина други, насловен „Возрасните кои микродозираат со психоделици пријавуваат здравствени мотивации и намалена анксиозност и депресија споредено со оние кои не практикуваат микродозирање“ (2021), се обидува да дојде до поголем примерок на испитаници за проценка на ефектот на микродозирањето врз мотивацијата, анксиозноста и депресијата. Успехот на ова истражување да прибере податоци од дури 4 050 самопрогласени микродозери и 4 653 немикродозери се должи на анонимната природа на електронскиот прашалник за прибавување на информациите. Покрај имањето на значајно обемен примерок на индивидуи за проценка на самите ефекти од микродозирањето, едно од позначајните достигнувања на оваа студија е и прибавувањето на: демографски податоци за испитаниците и мотивите за нивното практикување. Најчестите мотиви за микродозирање кај лицата кои се идентификувале со женскиот род биле подобрување на расположението и намалување на анксиозноста, додека кај оние кои се идентификувале како мажи мотивација биле подобрувањето на способноста за учење, социјализацијата и намалувањето на злоупотребата на други супстанции. Конзистентноста на одговорите во однос на режимот на микродозирање и мотивот за тоа, во однос на резултатите добиени од други студии, оди во прилог на репрезентативноста на резултатите добиени од оваа студија. Малите разлики во демографските карактеристики меѓу двете групи одат во прилог на добивање јасна слика за најчестите мотиви.
Според резултатите, микродозирањето најчесто се практикува заради терапевтски цели, а кај оние кои немаат историја на какви било психички состојби или грижа за нив – за подобрување на когнитивните способности. Исто така фактот дека во главните мотиви се вбројува личната употреба на психоделиците со цел подобрување на психичкото здравје ни кажува многу за тоа зошто луѓето најчесто се впуштаат во ваквата пракса. Впрочем, во оваа студија се детектирани значајно помали вредности кај микродозерите во интензитетот на симптомите на стрес, на анксиозност и на депресија за разлика од испитаниците немикродозери. Фактот што информациите доаѓаат од значаен број на испитаници, тие се прибавени со метод подготвен во соработка со експерти во полето, имаат транспарентна обработка и евалуација соодветна на научната пракса, се мотив за стекнување на попозитивна слика за самите супстанции, но и за луѓето кои практикуваат микродозирање. Ваквите истражувања отвораат пат за поекстензивно детално испитување на овие практики, особено поради индикациите дека преку нив може да се дојде до подобрување на состојбите со психичкото здравје.
Најверодостојни и темелни податоци секако може да добиеме кај лабораториските испитувања на ефектот на микродозирањето каде што објективно може да се следат сите релевантни испитувани параметри од страна на истражувачите и каде што самата доза и начинот на администрација би биле строго контролирани. Ова е многу важно поради тоа што подготовката на дозите, односно формата на користената супстанција може да игра улога во самиот ефект на третманот. Студијата „Ефектите од микродозирање со псилоцибин врз чувството на восхит и естетските искуства: теренско и лабораториско истражување со предрегистрација“ (2021) на Мишиел ван Елк (и други) е од овој тип. Оваа студија се фокусира конкретно на ефектот на микродозирањето врз перцепцијата на уметничките дела и чувството на восхит како една од главните карактеристики на психоделиците, што се познати по способноста да предизвикаат состојби на „губиток на его“, чувство на длабок увид и восхит. Резултатите од овој труд покажуваат значајна промена, односно зголемено чувство на возвишеност при восприемање на искористените т.н. „позитивни“ и „неутрални“ видеа и уметнички дела кај учесниците кои микродозирале.
По првата сесија, истражувањето забележува пад на чувството на возвишеност или доживување на восхит само кон одредени визуелни стимули. Дополнително, повеќето од учесниците забележале одредени странични ефекти и погодиле дека земаат псилоцибин, а не плацебо, што нè спречува да изведеме општ заклучок за добиените резултати од студијата. Тоа е затоа што самите иницијални ефекти во првата сесија може да биле последица на самоубедувањето на испитаниците, односно на нивните очекувања. И кај двете студии еден од проблемите е и самата пристрасност во изборот на учесниците. Кај првата спомената студија на Жозеф М. Рутман (и др.) испитаниците се избрани поради нивниот интерес за темата, односно се упатени кон апликацијата за прибавување на податоци откако имале интеракција со информации за поткасти и онлајн конференции за микродозирање.
Во втората спомената студија на Мишиел ван Елк и др. испитаниците се избрани откако учествувале во работилница за практикување на микродозирање. И во двете ситуации самиот интерес за праксата, како и мотивот да се започне со неа, имајќи предвид дека повеќето испитаници кај втората студија точно погодиле дека не се на плацебо, може да влијае на самото искуство. Со исти проблеми се соочува и студијата на Џозефин Маршал (и др.) „Микродозирањето со псилоцибин не влијае врз симптомите врзани со емоциите и нивното процесирање: теренско и лабораториско истражување со предрегистрација“ (декември, 2021). Слично, и овде, дадената доза била доволно интензивна за испитаниците да погодат кога не се на плацебо, што може да влијае на добиените резултати. Предизвик овде за истражувачите е одредување на доза која нема да предизвика сомнежи кај учесниците дека не се на плацебо, но и ќе биде доволно висока за испитување на потенцијалните позитивни ефекти од микродозирањето. Дополнително важен аспект на проценката на ефектот на микродозирањето кој ни го потенцира оваа студија е и наклонетоста да се испитуваат луѓе кои немаат какви било психолошки попречености. Учесниците уште од самиот почеток немале значајни симптоми на анксиозност и на депресија, надвор од воспоставената норма поради принципот на нивна селекција.
Кај некои студии, пак, каде што се добиваат значајни разлики во симптомите на анксиозност и на депресија меѓу микродозерите и немикродозерите, нема ограничување на учесниците по овој основ. Затоа начинот на селекција е предуслов за истражување на микродозирањето како практика за третман на веќе детектирана психолошка состојба кај одредени лица или испитување на ефектите кај општата популација. По краток преглед на три од најновите студии на оваа тема, во период кога микродозирањето станува сè попопуларно, може да видиме дека еден од главните предизвици е процесот на селекција на испитаниците, односно добивањето на релевантни и проверени информации од што поголем број на индивидуи. Потребата од анонимност, особено кога сакаме да прибавиме податоци од голем број на испитаници кои веќе го практикуваат микродозирањето, е пречка за директна интеракција и следење на учесниците од самиот тим на истражувачи. Дополнително, селекцијата на учесници од популација која веќе практикува или е заинтересирана за микродозирање може да влијае врз перципираното искуство.
Донесувањето на каков било заклучок во однос на ефектите од микродозирањето би подразбирало извршување на повеќе различни студии и засебна евалуација на сите психоделици, на големината на дозите и на начините на подготовка и на администрација. Сите споменати автори се едногласни во потребата од дополнителни поопширни и подетални студии кои ќе ги надминат слабостите на досегашните. Овие студии евентуално, при потенцијално утврдување на позитивните ефекти, би биле и чекор кон оптимизација на каква било хипотетичка клиничка терапија со микродози на психоделици или нивна употреба во подобрувањето на свесното искуство како дел од стремежот за самоподобрување. Отвореноста на политичките системи и институции за прекин на прогонот на индивидуи кои употребуваат психоделици, особено во микродози со цел подобрување на сопственото здравје и психичка состојба, е еден од најважните предуслови за слободно планирање и дизајнирање на истражувања во кои би можеле да дојдеме до што поголем број податоци за конечна проценка на постоењето на позитивните ефекти на микродозите од различни супстанции.
Литература Joseph M. Rootman, Pamela Kryskow, Kalin Harvey, Paul Stamets, Eesmyal Santos- Brault, Kim P. C. Kuypers, Vince Polito, Francoise Bourzat & Zach Walsh. Adults who microdose psychedelics report health related motivations and lower levels of anxiety and depression compared to non-microdosers. Scientific Reports, Article number: 22479, 2021. Michiel van Elk, George Fejer, Pascal Lempe, Luisa Prochazckova, Martin Kuchar, Katerina Hajkova & Josephine Marschall al. Effects of psilocybin microdosing on awe5 and aesthetic experiences: a preregistered field and lab-based study. Psychopharmacology, 2021. <https://doi.org/10.1007/s00213-021-05857-0> Josephine Marschall, George Fejer, Pascal Lempe, Luisa Prochazkova, Martin Kuchar, Katerina Hajkova, Michiel van Elk. Psilocybin microdosing does not affect emotion- related symptoms and processing: A preregistered field and lab-based study. Journal of Psychopharmacology, Vol. 36, 1: pp. 97-113., First Published December 17, 2021.