Во ниедна земја каде што личната употреба на психоактивни супстанции е декриминализирана или системот ја толерира не само што нема зголемена употреба на психоактивни супстанции туку и сосема спротивно има генерално намалување на нивна консумација независно дали е тоа Португалија, Чешка или трета земја. Наспроти стереотипите, токму тоа е водење на мудра државна политика со бенефити на повеќе полиња.
За мене како граѓанин кој повеќе од половина живот консумира канабис на редовна основа, дополнително и како човек кој се залага за декриминализација на употребата на сите психоактивни супстанции и крајно како адвокат кој практикува кривично право, не е лесно да направам дистинкција и дадам јасна дефиниција за тоа што е рекреативна употреба на дроги. Да го земемe за пример канабисот како најупотребувана „дрога“ во светот која со задоволство ја консумирам. Дали секојдневното консумирање канабис може да се нарече рекреативно или можеме да говориме за адикција?
Најчестиот синоним за рекреативна е ретка или повремена употреба на дроги. Во поглед на канабисот тоа ретко е случаj, а кога се во прашање потешки психоактивни супстанции, на пример хероинот и кокаинот (т.н. hard drugs), препорачлива е ретка употреба, пред сè од здравствени причини. Но, факт е дека употребата на потешки психоактивни супстанции создава сериозна зависност која порано или подоцна се манифестира како секојдневна (зло)употреба со сериозни последици по здравјето, од кои причини и кривичните дела поврзани со дроги се сместени во главата на кривични дела против здравјето на луѓето во Кривичниот законик. Затоа овој простор ќе го искористам за анализа на злоупотребата на системот за принуда во насока на гонење на уживатели на психоактивни супстанции без правен основ.
Фамозниот член 215 од Кривичниот законик кој таргетира психоактивни супстанции како инкриминирачки предвидел цела палета дејствија кои може да му се стават на товар на еден граѓанин: неовластено произведување, преработување, продавање или нудење на продажба или заради продажба купување, држење или пренесување или посредување во продажба или купување на друг начин, неовластено пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори. И ваквата законска норма е сосема во ред и е во смисла на меѓународно правните обврски преземени од државава со ратификување на сите три големи конвенции на ОН кои се однесуваат на дроги.
Но, во пракса постои сериозен проблем на толкување на инкриминирачкото дејство – „држење заради продажба“ или „заради продажба купување“. Самиот проблем настана во 2009 година кога КЗ беше менуван по којзнае кој пат, но овојпат со навидум квалитетна измена – воведување на привилегиран став во член 215 – помало количество дрога. Оваа навидум позитивна измена на КЗ е измена со која државава ја имплементира меѓународно преземената обврска, а тоа е препораката на конвенциите висината на санкцијата inter alia да зависи и од видот на дрога воден по два критериума – можност на психоактивната супстанција да создаде адикција и опасноста која ја носи по животот и здравјето.
Но, наместо оваа одредба да им помогне во пракса на обвинителите да можат да разликуваат случаи во кои се работи за уживатели наспроти дилери, овој член доведе до конфузија и прогон на уживатели бидејќи ЈО на РМ во 2009 година донесе Задолжително упатство во кое, небаре е законодавец, сам, без никаква консултација со експерти од ова поле, психијатри, адиктолози, медицински лица, активисти и сл. си одреди кои количини ќе се сметаат за помали – пет грама за канабис, два грама за кокаин и хероин, без да ги третира и останатите психоактивни супстанции, на пример екстази. Секоја заплена над оваа количина по автоматизам носи обвинение поради „држење заради продажба“.
За жал, првостепените судови ги прифаќаат овие обвиненија и постојат илјадници кривично-правни предмети во Македонија во кои уживатели на психоактивни супстанции се обвинети и се осудени без никаков доказ за намера за продажба при што треба да се има на ум дека намерата за продажба е умислено дејствие кое треба да се докажува, односно недопустливо е само да се наведе една злокобна реченица дека од количеството е јасно дека се работи за намера за продажба. Секако, посочувам примери каде што количината на запленети психоактивни супстанции не е значителна, иако ја надминува имагинарната на јавниот обвинител, бидејќи ќе се согласите тешко ќе го убедите и најлибералниот судија дека килограм канабис ви се за лична употреба.
Поседувањето и употребата на психоактивни супстанции, освен ако тоа не е на јавно место, НЕ СЕ ЗАБРАНЕТИ во Македонија. Дури и Законот за прекршоци против јавниот ред и мир предвидел прекршок ако на јавно место се оддавате на психоактивни супстанции, иако и овој член консеквентно се злоупотребува бидејќи се глобат и граѓани кои само поседуваат дрога на јавно место, а не ја консумираат. Застарените сфаќања за употреба на канабис кај нас сè уште се актуелни и најголемиот дел од постарата популација сè уште се противи на либерализација на законските одредби поврзани со употребата на наркотици. И тоа воопшто не е нелегитимен став, но барањето на казнени мерки без акцентирање на останатите фактори е контрапродуктивно, непотребно ги стигматизира уживателите и ги оптоварува и онака тенките ресурси на органите на прогонот.
Тврдите противници на рекреативната употреба на дроги и особено нивната декриминализација потенцираат дека ваквиот пристап ќе доведе до експлозија на употреба на психоактивни супстанции притоа посочувајќи земји каде што се практикува строг пристап по ова прашање, особено фалејќи ја ниската преваленца на употреба на психоактивни супстанции во тие земји. Неспорно е дека постојат такви авторитативни земји, но како граѓани треба да се запрашаме дали сме подготени да се откажеме или да си ги ограничиме сопствените права и слободи на име на некаква си пропадната војна против дрога. Воедно сосема е неточно тврдењето дека декриминализацијата на употреба на психоактивни супстанции би довело до експлозија на нивната употреба и ова може егзактно да се потврди.
Во ниедна земја каде што личната употреба на психоактивни супстанции е декриминализирана или системот ја толерира не само што нема зголемена употреба на психоактивни супстанции туку и сосема спротивно има генерално намалување на нивна консумација независно дали е тоа Португалија, Чешка или трета земја. Наспроти стереотипите, токму тоа е водење на мудра државна политика со бенефити на повеќе полиња. Секако тврдите противници на декриминализацијата на личната употреба на психоактивни супстанции немаат против ако се опивате до смрт бидејќи тоа е во согласност со закон.
Рекреативната употреба на психоактивни супстанции имало и ќе има без разлика на тоа колку ќе врескаат луѓето со предрасуди. Да не бидам погрешно разбран, воопшто не охрабрувам кого било да употребува психоактивни супстанции, тоа е пред сè личен избор. Но, апсолутно се залагам за тоа употребата на психоактивни супстанции да биде декриминализирана во Македонија, но не на начин на кој си го замислува оваа извршна власт преку монополизирање, на пример, на канабисот и отворање (во 2020 година) на три пилот-локации за слободно консумирање канабис во Битола, во Скопје и во Струмица. Нема да е тешко да се претпостави кој ќе ги добие тие локации.
Модели има многу, а оној кој сметам дека е најсоодветен е државно детерминирање која количина на психоактивни супстанции е за лична употреба преку соодветно законско решение, едукација на органите на прогонот, соодветна помош во форма на правни и лекарски совети за уживатели. Средствата за овие нови трошоци ќе се добијат со паметно менаџирање на постоечките средства и пренасочување на ресурсите кои ги троши државава за овластени службени лица при МВР, обвинители, судии и казнено-поправни установи, и на среден и долг рок оваа политика без сомнение ќе доведе до намалување на употребата на психоактивни супстанции без изложување на прогон на корисниците, но и соодветна помош за нив кога ќе се процени дека е потребна.
Неможно е и од казнено-правен, но и медицински аспект државава да го преземе овој пазар преку легализација на психоактивните супстанции. Пречката е пред сè правна, но и медицинска – факт е дека сите психоактивни супстанции, освен канабисот, носат ризици по животот и здравјето на корисниците, а државата презела обврска дека ќе го заштитува здравјето на луѓето преку прогон. Корисниците, како и претходно, ќе се снабдуваат од црниот пазар со сите ризици кои ги носи тој.
Автор:
Јанаки Митровски
Јанаки Митровски работи како адвокат од 2012 година. Има магистерска теза со наслов „Легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е жесток поддржувач на легализацијата/декриминализацијата на сите психоактивни супстанции за лична употреба. Автор е во правните списанија „Правник“ и „Правоматика“. Еден е од основачите на Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА, Скопје.