Регето се поврзува со растафаријанското движење кое поттикнувало враќање на афричката дијаспора во Африка, обожавање на етиопскиот цар Хајле Селасие како божество (неговото вистинско име било Тафари Маконен, а титулата пред да стане цар му била „рас“ – принц), како и со ритуалното користење „ганџа“ (марихуана).
Светот за растафаријанството дозна благодарение на реге-музиката. Растафаријанството е верска секта од Јамајка која верува во божeствената природа на покојниот етиопски цар Хајле Селасие. Духовниот и верскиот систем на растафаријанизмот се развил за време на суптилното и субверзивно дејствување против наметнувањето на белите господари (црнците на Карипските Острови се потомци на робовите кои се донесени од Африка). Со други зборови, растафаријанците наизглед ја прифатиле верата која им е наметната, но Библијата и целокупното христијанство ги „прочитале“ на свој начин. Имено, во прогонството на еврејскиот народ се препознале себе си, додека Вавилон – како симбол на еврејското прогонство – во него го препознале белиот човек. Еврејскиот сон за нивно враќање во родниот Цион тие го имаат протолкувано како нивниот сон за враќање во Африка, односно во Етиопија, под закрилата на тогашниот сè уште жив Хајле Селасие. Растафаријанството не е високо организирана религија. Многу растафаријанци сметаат дека тоа воопшто не претставува религија, туку „начин на живот“.
Името на ова движење потекнува од првобитното име на Хајле Селасие – Рас Тафари Маконен. Тафари означува создател, додека Маконен значи ангел.
Марихуаната во религијата и културата на растафаријанците има статус на „света билка“. Друго е да се зборува за употребата на марихуаната меѓу исчезнатите Скити, а друго е да се соочите со неа во една жива, општествена заедница во денешницата. Многуте имиња кои ги имаат растафаријанците само за марихуаната укажуваат на нејзиното значење во нивниот живот. Најпознатото име е секако „ганџа“, додека квалитетниот вид се нарекува „кали“. Растафаријанците веруваат дека оваа билка била првата која израснала на гробот на кралот Соломон (чија лоза ја наследува Хајле Селасие), па затоа ова билка уште се нарекува и „билка на мудроста“ (Wisdom Weed). Лулето од кое растите пушат марихуана има иста улога и значење како путирот во христијанството.
Марихуаната меѓу растафаријанците се употребува на три начина: се пуши, се пие и се трие на кожата. „Ганџата“ обично се пуши во глинено луле или од луле направено од рог од крава. Јамајканците се познати по своите големи џоинти кои ги нарекуваат „сплиф“. Од марихуаната исто така се прави силен чај кој се пие како лек или за освежување. Лековитите својства на марихуаната исто така доаѓаат до израз кога нејзината пепел се истрива на кожата.
Иако повеќето расти пушат марихуана во голема количина, тоа не претставува задолжителна обврска, со други зборови има растафаријанци кои не „дуваат“.
Растафаријанците сметаат дека самата Библија им наложува да пушат марихуана и како доказ наведуваат низа стихови од речиси сите библиски книги, од Создавањето до Откровението. На тој начин самиот чин пушење станува облик на религиски чин, општење со Бога. Пред да го запали своето луле, растафаријанецот ќе ја симне капата со традиционална јамајканска боја (зелена, жолта, црвена), цитира краток благослов за себе и за сите присутни, како и упатува благодарност до богот Растафари.
Растафаријанците го споредуваат пушењето на марихуаната со причестување и палење темјан во црква. Растафаријанците меѓутоа сметаат дека вистинската црква не е самата градба, туку телото на самиот верник – кога растата пуши марихуана, тој ја запалува светата билка и со самото присуство на мирисот во себе самиот станува „црква“, односно „дом божји“. Споредбата е занимлива затоа што Етиопската православна црква на неколку наврати направила обид да влијае меѓу растафаријанците на Јамајка, но не успеала. Темјанот е дел од нивните обреди, а примерот со марихуаната покажува дека местото за богослужење кај растафаријанците е неодредено, дека неговото тело е негова црква – дека човекот е со Бог на кое било место и во кое било време, додека „светата билка“ го проширува неговото присуство во целата природа.
Растите сметаат дека ганџата ја продлабочува нивната способност за разбирање, дека им дава поголема мудрост и дека им помага во медитацијата и молитвата. Поради овие причини, тие сметаат дека марихуаната е „опасна дрога“ која власта сака да ја искорени за да гo сокријат својот начин на владеење и угнетување. Еден од позначајните истражувачи на растафаријанството Берет (L. Berret, The Rastafarians, Heinemann, London, 1982, 70, Interpreta) го нагласува растафаријанскиот однос кон марихуаната: „Нејзиното користење произведува психички и спиритуални ефекти, а својата социорелигиска функција ја има посебно во ослободувањето на луѓето од различен вид напнатост. Тоа создава визија, произведува ’повеќе‘ единство и чувство за заедништво, ја ублажува потиштеноста и стравовите и донесува мир во умот. Така марихуаната станува доминантен симбол меѓу растите и така останала до ден денес“.
Mарихуаната има влезено и во реге-музиката која растафаријанците ја имаат искористено како медиум за пренесување пред сè на своите социјални пораки. Се разбира, не сите реге-музичари се растафаријанци, но оние кои се – Боб Марли, Питер Тош, Денис Браун, групата „Калчар“, „Блек Ухуру“ и многу други – не пропуштиле да ги забележат своето искуство и ставовите за марихуаната. Питер Тош отворено пеел (и пушел на сцена): „Легализирајте ја“, додека Марли ја има напишано прекрасната реге-песна „Каја“. Групата „Калчар“ (Culture) го има издадено албумот кој се нарекува „Меѓународна трева“, украсен со знамињата на многу земји, од САД преку Јапонија до Советскиот Сојуз во тоа време.
Погрешни се заклучоците дека реге-музиката пропагира пушење марихуана бидејќи таа само ги пренесува основните ставови на растафаријанското уверување – дека марихуаната не продуцира насилство и неред, дека не е штетна по здравјето и дека слободата на избор во основа е избор на целокупната човечка слобода. Затоа во многу држави во светот се организираат разновидни маршеви за легализирање на марихуаната. Денешната „цивилизација“ се обидува да ги криминализира растафаријанците како поддржувачи на индискиот коноп, додека во исто време заговараат „здравје“ и поттикнуваат производство и продажба на алкохолна деструкција. Наспроти тоа, регето стана дел од нематеријалното културно наследство на Унеско и се придружи на списокот на повеќе од 300 други културни традиции, како што се фламенгото и јогата. До денес ова движење е присутно во повеќе делови од светот, во поголемиот дел е присутно благодарение на реге-музиката.
Автор:
Јасмина Пијанманова
Јасмина Пијанманова е дипломиран етнолог и магистер по културен менаџмент. Магистерските студии ги има завршено на Универзитетот за уметност во Белград на Унеско катедрата за културен менаџмент и интеркултурен дијалог. Долги години работи во граѓанскиот сектор во областа на социјалните политики, превенција од дрога и алкохол, како и во областа на културата и уметноста и развој на културните политики. Денес е вработена како етнолог кустос во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј во Струмица.