Магични печурки (magic mushrooms, shrooms), се габи кои во себе содржат психоактивни триптамински алкалоиди како псилоцибин, псилоцин и беоцистин – активни супстанции на кој се должи примарното дејство. Во природата постојат повеќе од 180 видови печурки кои содржат псилоцибин и/или псилоцин.
Се претпоставува дека се користат уште од праисторијата и прикажани се во античката карпеста уметност. Во современата западна цивилизација се користат рекреативно, во научни и медицински цели и спиритуално поради психоделичните ефекти. Во денешно време актуелни се научни и медицински истражувањата за терапевтска примена на псилоцибинот кај лекување депресија, анксиозност, зависност од никотин и алкохол, обсесивно-компулсивни растројство, мигрена и кај пациенти со канцер кои страдаат од анксиозност и депресија поради болеста.
Псилоцибинот и псилоцинот се изолирани и синтетизирани во 1958 година од страна на д-р Алберт Хофман. Псилоцинот е примарна активна состојка содржана во халуциногени печурки додека, псилоцибинот е проформа на псилоцинот. Халуциногени печурки содржат 1 до 1,5% псилоцин и псилоцибин.
Псилоцибинот е супстанција со ниска токсичност во однос на дозата и исклучително низок потенцијал за создавање психичка зависност. Иако не постојат точни податоци се претпоставува дека смртоносна доза би можела да изнесува 6 грама псилоцибин или количина од неколку килограми суви х. печурки што е 1000 пати повеќе од ефективната доза од 6 милиграми псилоцибин. Дозата за рекреативна употреба се движи од 0,5 до 5 грама суви печурки, додека дозата за свежите печурки е приближно 10 пати поголема и изнесува 10 до 50 грама.
Почетокот на дејството се карактеризира со специфично чувство на исчекување или благ немир, и наплив на енергија кој се чуствува како пријатна телесна сензација. Халуциногени печурки подигаат расположение, создаваат еуфорија и налети на смеење. Со интензивирање на дејството се потенцираат ефектите како промени во перцепцијата и сетилата, ментална стимулација, изменети состојби на свест, визуелизации, засилена емотивна осетливост и интензивни спиритуални доживувања.
Од несаканите дејства и реакции особено во повисоки дози можат да се појават мачнина, гадење, повраќање. Чувство на страв, блага до сериозна вознемиреност, параноја, напади на паника, повторувачки мисли, збунетост, застрашувачки мисли и визии, психотична епизода и губиток на свест.
Физички или психички вознемирувачки настани во деновите пред користењето можат да влијаат за развивање на тешки и непријатни искуства. Психо-физичка подготовка пред самото искуство може да помогне за полесно справување со можни тешки или непријатни доживувања за време на дејството.
Честото користење во неколку последователни денови ќе влијае на помалку интензивно искуство и дејство поради толераниција која брзо се развива. При пауза од користење толеранцијата се враќа во нормални граници веќе за 5-7 дена. Не е препорачливо да се се конзумираат почесто од еднаш неделно поради токсичните ефекти кои можат да произлезат од некои состојки содржани во печурките.
Халуциногени печурки се илегални во Рeпублика Македонија и нивно поседување е казниво со закон.
Совети
- Ако решиш да користиш халуциногени печурки подготви се добро за искуството, секогаш почни со помалку и биди со некој близок кој ќе може да ти помогне ако притреба;
- Не се препорачува управување со моторно возило или работа под дејство на халуциногени печурки;
- Не се препорачува користење печурки истовремено со лекови како MAO-Инхибитори (антидепресиви) поради ризикот од настанување на серотонински синдром;
- Лица кои се наоѓаат во тежок емотивен или психолошки животен момент треба да се внимателни при изборот да користат психоделици како халуциногени печурки поради ризик од појавување непријатни и тешки искуства;
- Лица со семејна историја на шизофренија или друго ментално заболување треба да се исклучително внимателни со користење печурки затоа што можат да активираат латентни психички и ментални состојби;
- Сите печурки во природата имаат отровни клонови, затоа берење и јадење на своја рака е ризично.
Изјава за одрекување од одговорност !!
Инфографиките се од едукативна природа, базирани на докази и немаат за цел потикнување на употреба на психоактивни супстанции (ПАС). Користењето на ПАС секогаш со себе носи ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се решиш да ги користиш информирај се добро пред што и да правиш и едуцирај се како безбедно да ги употребуваш. Најдобар начин да се заштитиш од можните ризици и штетни последици од нивна употреба, а воедно да ги потенцираш бенефитите е инфомирањето за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење како и мешањето и интеракција со други ПАС и лекови.
*ПАС – психоактивни супстанци