На 30.9.2014 година, во Скопје, се одржа Првата Национална конференција за политики за дроги „Од закони до јавно здравје“ во организација на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Во предлог-агендата беше предвидено Конференцијата да ја отвори министерот за здравство Никола Тодоров заедно со извршниот директор на ХОПС Христијан Јанкулоски. Бидејќи Никола Тодоров не дојде на Конференцијата, ниту пак други претставници од Министерството за здравство, остана да замислуваме какви би биле ставовите и активностите на една од клучните институции кога се работи за политиките за дроги во Македонија. Така остана неразјаснето што се случува со Националната стратегија за дроги, што била усвоена во јуни 2014 година, во чие изготвување учествувале и членови од граѓанскиот сектор, вклучително и членови од ХОПС во работната група, но никој од нив не го видел финалниот документ што е веќе усвоен. Истовремено остана неразјаснето што се случува со позицијата национален координатор за дроги на Република Македонија, која е нефункционална повеќе од една година бидејќи нема назначено лице како координатор. Затоа, пак, на Конференцијата беше присутен Јинджрих Воборжил, кој е национален координатор за дроги на Република Чешка, инаку член на конзервативна партија, кој сепак останал на оваа функција 4 години и покрај промената на власта во Чешка. Овој податок сам по себе е „егзотичен“ кога ќе се спореди со македонската приказна имајќи ги предвид вредностите што ревносно ги промовира македонската конзервативна Влада, а во чии рамки не влегуваат корисниците на дроги или, пак, другите маргинализирани заедници. Секако дека оваа констатација може да се должи на моите предрасуди, но отсуството на министерот или на претставници од Министерството за здравство не придонесува во коригирањето на ваквите „предрасуди“. Затоа Христијан Јанкуловски, извршниот директор на ХОПС, со право не ги извини претставниците од Министерството за здравство бидејќи секцијата насловена како „Национални политики за дроги, искуства од Европа и Македонија“ остана ограничена на некои официјални претставници од Европа. Искуствата од Македонија беа презентирани од перспективата на граѓанските организации, главно на ХОПС, најпрво преку исклучително информативното излагање на Наташа Бошкова, адвокатка во ХОПС. Наспроти потребата од хуманизирање на политиката за дроги во Македонија, декриминализирање и социјална и здравствена поддршка (бидејќи освен што се хумани, тие се и економски поефикасни стратегии според искуствата на Чешка), Македонија избира сузбивање, казнена политика, криминализирање на употребата на дрога. Ова повторно ги полни „предрасудите“ од погоре поради актуелната пракса Законот да се толкува на построг начин од она што е пропишано, во случајов кога станува збор за корисниците на дроги. Во тој контекст оди и овој илустративен пример: и покрај фактот дека држење и пренесување дрога за лична употреба не е санкционирано според Кривичниот законик, сепак од октомври 2012 до декември 2013 година 600 поединци се кривично гонети наспроти само деветмина кои се гонети прекршочно, што посочува на една чудна логика според која во Македонија има повеќе дилери отколку корисници на дрога. Иронично утешително во смисла „секогаш има и пострашни ситуации од нашата“ беше излагањето на Иван Варенцов од Фондацијата Андреј Рилков од Русија. Според ваквата строга казнена политика важи констатацијата на Христијан Јанкулоски дека за хуманата и ефективна политика за дроги многу повеќе придонесуваат меѓународните организации отколку националните институции. Според Влатко Деков оваа политика на изолација, на дискриминација, на казнување, што треба да подразбира превоспитување, придонесува кон дополнително стигматизирање на корисниците на дрога.
Во втората секција насловена „Човекови права на корисниците на дроги“ говореа Јака Битенц од Социјалниот клуб за канабис од Словенија, Жарко Трајаноски од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Вања Димитриевски, програмски асистент во ХОПС. Одредени излагања, како на пример она на Наташа Бошкова и на Жарко Трајаноски, предизвикаа реакции од некои претставници на јавните институции кои се соочуваат со корисниците на дроги, судството и Полицијата. Во овие дебати „спротивставени страни“ беа претставниците на граѓанскиот сектор, кои се во секојдневен контакт со корисниците на дроги и поради оваа нивна целна група зборуваа за нивните проблеми, и од другата страна – претставниците на јавните институции кои исто така се соочуваат со корисниците на дроги, но токму оваа група која всушност беше предмет на дискусија кај нив беше заменета со трговците со дрога. Поради тоа останува нерешена дилемата дали ова поистоветување на корисниците на дроги со трговците со дроги е последица на недоразбирање или пак е последица на стереотипното поистоветување на сите оние кои имаат некаква врска со дрогата и нивното сместување под категоријата – криминалци. Така се добива впечаток дека постои сериозен недостаток на капацитет за соодветно третирање на маргинализираните заедници од страна на јавните институции и тоа најчесто се должи на лаичкиот пристап кон корисниците на дроги. Повторно овој лаички пристап веројатно се должи на сериозниот недостаток на капацитет за разбирање и за толерирање на разликите, односно неподготвеноста да се преиспитаат сопствените стеротипи евентуално преку едукација, што се покажа како многу типично за одредени професионалци од јавните институции на оваа Конференција. Оваа претпоставка најочигледно се наметна поради употребената терминологија во дискусиите каде што речиси задолжително отсуствуваше терминот корисници на дроги кај претставниците од јавните институции. Нивните анализи главно се однесуваа на трговците со дрога (според изјавите дека на таквите луѓе местото им е во затвор или дека општеството треба да се заштити од поттикнувачи) или, пак, кога требаше некако да се именуваат, а тоа да не биде некој навредлив популарен термин заради политичка коректност, изнаоѓањето на соодветен термин никако не им одеше од рака: „ваши… како да ги наречам… интервју што сте вршеле“ … „одредени изјави на овие…“ … „некои од тие…“. Иако звучи романтичарски да се зборува за капацитет за разбирање и за толерирање на разликите или за преиспитување на сопствените стеротипи за некој професионалец кој се занимава со една „егзактна“ материја како што е правото, сепак токму на судиите кои им пресудуваат на корисниците на дроги, а според наведениот податок погоре дури 600 наспроти 9 биле прилично строго осудени, можеби им е потребно да внесат малку „поетичност“ во сопствената пракса. Материјата на оваа „егзактна“ наука секако дека е подложна на различни интерпретации. Најпосле пресудите секако дека зависат, покрај егзактните методи, и од субјективните аспекти, односно од субјектот ставен во позиција на судија. Тука мислам на неговиот карактер, на неговите лични ставови, емоции, искуства, предзнаења, образование или едукација за конкретниот проблем, личните предрасуди… (листата е речиси неисцрпна), односно од сето она што го сочинува неговиот референтен систем. Колку и да звучат банално наведениве елементи на субјективниот референтен систем, тие неизбежно се мешаат и секако ја комплицираат строгата егзактност на науката (и тоа е така и кај физичарите, математичарите и другите „природњаци“ како најегзактни меѓу егзактните), а особено кога луѓе се ставени во позиција да пресудуваат за други луѓе. Бранењето на сопствената фела (судството и Полицијата) во стилот „…во Скопје такви ситуации немало, ниту пак ќе има“ во овој контекст изгледа малку наивно.
Во последната секција насловена како „Модели за регулирање на дрогите. Кој модел е најсоодветен за Македонија?“ свои искуства презентираа Влатко Деков, програмски менаџер во ХОПС, Никола Тупанчевски, Правен факултет и Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ, Институт за брак и семејство. Заклучоците одат во правец на неопходно хуманизирање на политиката за дроги во Македонија, но за имплементирање на хуманата пракса се чини дека сè уште нема расположение ниту капацитет од соодветните институции.
* Истиов текст е предаден и ќе биде објавен во списанието ЕтноАнтропоЗум бр. 11 во издание на Институтот за етнологија и антропологија, ПМФ, УКИМ. (http://iea.pmf.ukim.edu.mk/MKD/EtnoAntropoZum.html)
Додатоци
Прва Национална конференција за политики за дроги „Од закони до јавно здравје“
На 30 септември 2014 година во Скопје, во организација на ХОПС, се одржа првата Национална конференција за политики за дроги. На Конференцијата околу 50 учесници од земјава и од странство, меѓу кои и националниот координатор за дроги на Република Чешка Јинджрих Воборжил, дискутираа за тоа дали репресивните политики за дроги даваат резултати, дали декриминализацијата на дрогите е поефикасна политика и какви се искуствата на Македонија, на Чешка, на Русија и на Словенија. Клучен заклучок на Конференцијата беше дека репресивните политики се нехумани, не ја намалуваат употребата на дроги и не даваат резултати. На Конференцијата беа донесени следниве заклучоци.
Заклучоци од првата Национална конференција за политики за дроги „Од закони до јавно здравје“
1. Репресивните политики кон прашањето на употреба на дроги не даваат резултати. Пример е Русија која води ваква политика и се соочува со значителен број на проблеми во насока на висока инциденца и преваленца на ХИВ, посебно кај лицата кои инјектираат дроги, мал број на лица на третман за зависност од дроги, сериозни повреди на човекови права, големи финансиски трошоци, пред сѐ, во здравствениот, во социјалниот и во правниот систем итн.
2. Националната стратегија за дроги на Република Македонија и акциските планови мора да бидат усвоени со соодветни буџети за нивна реализација. Пред нивното усвојување, документите треба да поминат широка јавна расправа.
3. Постои неусогласеност во описот на обележјата на кривичните дела 215 и 216 од Кривичниот законик и случаите во кои тие се применуваат од страна на судиите при изрекување на пресудите поврзани со овие членови.
4. Потребно е законско разграничување која употреба на дроги ќе се смета за прекршок, а која ќе го опфати кривичното дело овозможување на употреба на дроги.
5. Да се допрецизираат членовите 215, 216 и 217 од Поглавјето 21 од Кривичниот законик во насока на утврдување на малата количина на дроги и правење на сериозна дистинкција меѓу прекршочните и кривичните дела. Прецизираната одредба јасно да ги разликува лицата кои поседуваат и произведуваат дроги за продажба од оние кои поседуваат и произведуваат за лична употреба. Описот на овие членови треба да биде поедноставен и одделен во посебни ставови.
6. Да се измени речникот на законите што содржат членови поврзани со регулирање на дрогите во согласност со меѓународно прифатената употреба на термините.
7. Алтернативните законски казни за дела поврзани со дрога да се употребуваат во поголема мерка како замена на затворските казни.
8. Да се воведе систем на анализа и евалуација на законската регулатива и нејзината примена.
9. Во некои градови постои подобрување на полициската пракса и односот на Полицијата кон лицата кои употребуваат дроги, сепак, на национално ниво не е задоволителна и е потребна нејзина промена.
10. Националната политика за дроги треба да се базира на прагматизам и на почитување на човековите права. Во таа насока е потребен консензус меѓу сите чинители на политиката зашто прашањата поврзани со употребата на дроги се, пред сѐ, прашања на јавното здравство и на социјалната политика.
11. Сите организации и институции од областа активно да работат против стигмата и дискриминацијата кон лицата кои употребуваат дроги. Ваквите промени треба да нè водат во прагматични политики што ќе го зачуваат јавното здравје.
В.Д.
Ана Ашталковска Гајтаноска
Ана Ашталковска Гајтаноска е доцент на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, УКИМ, Скопје. Во последно време работи на теми поврзани со методолошките аспекти на хуманистичките истражувања.