Осетното зголемување на товарот на ХЦВ во Европа одвај се рефлектира во свесноста за проблемот и вниманието што се посветува на ова прашање. Сепак, наскоро се очекуваат промени во однос на ваквата ситуација. Веќе се воведуваат високо ефективни нови третмани и се поголемо е разбирањето дека проблемот постои и дека итно се потребни инклузивни политики што ќе обезбедат лесен пристап до тестирање и лекување.
За таа цел, во октомври оваа година, во Берлин ќе се оддржи “Првата Европска конференција за хепатит Ц и употребата на дроги”, на која ќе учествуваат клучните актери од областа на ХЦВ, вклучувајќи ги и претставниците од заедницата на корисници на дрога, експертите за намалување на штети, здравствените работници, фармацевтските компании, истражувачите и креаторите на политиките, се со цел изнаоѓање на нови патишта и ефективни одговори за обезбедување лесен пристап до лекување за сите оние на кои тоа им е потребно.
Еден од најважните моменти за време на конференцијата ќе биде претставувањето на “Берлинската декларација”, која има за цел да ги повика националните и европските креатори на политики неодложно да обезбедат подобар пристап и квалитетно лекување за најмаргинализираните групи и поединци во општеството.