Темплум и ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, ве покануваат на промоцијата на графичката новела „Хашиш“од едицијата Лифт. Автор на графичката новела според текстот на Анри Мишо е Ѓорѓе Јовановиќ. Промоцијата ќе се одржи во МКЦ на 12 Октомври, петок со почеток од 20 часот.
Анри Мишо е еден од најуникатните творци на 20-от век кој покрај пишувањето поезија, проза и патеписи долги години се занимавал со сликарство. Мишо се занимава со “внатрешниот свет” на човечките соништа и кошмари. Во еден период од неговото творештво, тој користел дроги, особено мескалин, за да достигне состојба на поголема чувствителност што би влијаела врз неговата уметност.
Светот во графичката новела ‘Хашиш” изобилува со ситуации кои претставуваат огромен предизивк да бидат преточени во слика или пак графичка новела. Исто така и фактот дека текстот нема класична наративна линија туку претставува збир на фрагменти- записи или пак дневник што тој го водел додека експериментирал со хашишот. Таквата фрагментирана структура ми даде огромен простор за “ маневрирање“.”- Ѓорѓе Јовановиќ.
На 12 октомври во галеријата на Младинскиот културен центар, публиката ќе има можност да го види целиотпроцес на изработка на графичката новела. Селекција на цртежи, развојните фази на книгата, неколку решенија за корица како и фонтот што специјално е изработен за потребите на оваа графичка новела.
Издавањето на оваа графичка новела е дел од проектот “Стрип Едиција Лифт” кој е финансиски подржан од Фондацијата Отворено Општество Македонија.