Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје има чест да ве покани на промоција на наодите од истражувањето „Децата и младите во ризик во Република Македонија – рамноправни членови на социјалната држава или категорија за креирање фиктивни политики?“.
Настанот ќе се одржи на 24.01.2017 година (вторник) во ЕУ Инфо центарот, со почеток во 11:00 часот.
Истражувањето се спроведе во втората половина од 2016 година и содржи анализа на достапните сервиси и националните политики поврзани со социјална и здравствена заштита, образование, вработување и безбедност за следните групи:
– деца и млади без родители и родителска грижа,
– деца и млади Роми,
– деца и млади во конфликт со законот,
– деца и млади кои употребувале или сè уште употребуваат психоактивни супстанции,
– деца и млади од улица
– млади кои потекнуваат од семејства кои имаат историја на користење психоактивни супстанции и/или се во конфликт со законот.
За време на настанот, посебен акцент ќе биде ставен на состојбата и предизвиците со кои се соочуваат малолетниците кои употребуваат психоактивни супстанции во системите за здравствена и социјална заштита во Македонија, како и искуствата од теренската работа на ХОПС со овие деца.
Утврдувањето на фактичката состојба на децата и на младите кои се во посебен ризик од социјално исклучување е помеѓу првите активности на Региoналната мрежа за социјално зајакнување на младите во ризик – ARYSEN (At-Risk Youth Social Empowenment Network). Мрежата ја сочинуваат организации од шест земји од западен Балкан и е поддржана од Европската унија.
Бидејќи јавната дебата и споделувањето на искуства се значајни елементи од креирањето на соодветни и долготрајни решенија за децата и младите во ризик од социјално ислучување, ќе ни биде задоволство доколку можете да присуствувате на овој настан и да придонесете со вашите гледишта.
Линк до Фејсбук ивентот.