Полскиот Уставен суд одлучи дека прекинувањето на бременоста во случај на фетусна малформација е противуставно, со што ја забрани најчестата од неколку законски основи за прекинување на бременоста во Полска.
Кога пресудата ќе стапи во сила, абортусот во Полска ќе биде дозволен единствено во случај на силување, инцест или поради закана за здравјето и животот на мајката, што претходните години беа причина за низок процент на легални прекинувања на бременоста во Полска. Во 2019 на пример, околу 98% од сите легални абортуси во Полска, според податоци на Министерството за здравство во Полска, беа извршени токму поради аномалија на фетусот. Оваа одлука, значи, е практично целосна забрана на безбеден и легален абортус.
Оваа пресуда има тектонско значење во Полска, бидејќи го поништува полскиот „компромис околу абортус“, закон донесен во 1993 година, кој речиси 20 години не доживеал никакви значителни промени.
Неколку стотици луѓе се собраа во Варшава и покрај забраната за собирање на повеќе од 10 лица, наметнати поради пандемијата на коронавирус, а протестите започнаа уште во четвртокот вечер со собир пред седиштето на Уставниот суд.
Активистките за женски права и неколку илјади луѓе кои ги поддржуваат, и завчера, петти ден по ред протестираа ширум Полска поради измените на законот за абортус.