Овој текст претставува извршно резиме од студијата за проценката на потребата за адекватно вклучување на родовата перспектива во националниот одговор на ХИВ/СИДА во Р. Македонија.1 Тргнувајќи од првичната оценка дека родовите аспекти не се доволно присутни во националниот одговор2 и дека е потребно родовата димензија да стане негов интегрален дел, целта на студијата е да ги претстави и да ги прикаже главните претпоставки на еден родово интегриран пристап на ХИВ/СИДА.
Од перспектива на експертизата што е присутна во студијата, класичните пристапи3 на проценките на ризиците или ранливоста на ХИВ се несоодветни за третманот и разбирањето на темата родова ранливост и ХИВ/СИДА. За разбирање на влијанието на родот и родовите релации на преносливоста на ХИВ потребно е да се земат предвид структурните карактеристики што го обликуваат и го детерминираат тоа влијание, што се од социјална, економска и политичка природа и вклучуваат аналитички категории што го надминуваат индивидуалистичкиот пристап на бихејвиоралната анализа.
Она што за стандардните гледишта на општествениот пристап на ХИВ/ СИДА претставува ранливост, за родовата перспектива во студијата претставува само аспект на еден ист процес, поаѓајќи од стојалиштето според кое родовите релации се конституирани од општествен процес, што истовремено се однесува на социјалните и биолошките карактеристики на луѓето, креирајќи идентитети жени/мажи поставени во меѓусебни потчинувачки и надредени позиции. Изразено со правнички вокабулар тоа значи дека дискриминацијата, потенцијалот за социјална и политичка нерамноправност и економска нееднаквост веќе се содржи во категориите жени/мажи. Според оваа перспектива, ранливоста на жените и мажите на ХИВ се сите оние фактори што го конституираат нивниот идентитет како жени и мажи во даден контекст, а влијанието на тие фактори е такво што ја имплицираат нивната изложеност на ХИВ-трансмисијата. Значи, природата на ранливоста на ХИВ е таква што факторите на ранливост не треба да се разберат единствено како чинители што ја зголемуваат/намалуваат подложноста на ХИВ преку ризично однесување на поединец, туку директно влијаат на појавата на изложеноста на ХИВ.
Оттука, студијата ја аргументира потребата од воведување на оваа премиса како принцип не само во идни истражувања, креирање мерки и политики, туку и во структурата и процесите на организација на државните институции и организации од цивилниот сектор што дејствуваат на полето на ХИВ/СИДА.
Прочитајте го целото извршно резиме: Проценка на родово поврзаните прашања со ризикот од ХИВ/СИДА и на пречките што го условуваат рамноправниот пристап до соодветни услуги за превенција и лекување на ХИВ/СИДА