Како студент на институтот за социјална работа и политика, дојде на ред посета на невладините организации. Не знам точно како т.е. не се сеќавам ама јас се најдов во Капиштец, во дроп-ин центарот за размена на опрема за инјектирање на лица кои употребуваат дроги. Морам да признам дека немав речиси никаква претстава што ме чека таму, но имав големи очекувања. Нешто како, невладин сектор е права ствар. И следува предавање на тогашна програма Марија и програмата за намалување на штети со Марија Тошева и Влатко Деков. Не да ги надмина моите очекувања, туку се воодушевив луѓе, WOW, си реков „овде сакам да работам и точка“. Прашав дали може да волонтирам ама добив корпа како студентка, морав да завршам па да волонтирам. Желбата за волонтирање сигурно длабоко остана врежана во мојата потсвест.
Така си беше тогаш за тогаш, но после завршувањето некако патот ме однесе по кафичи и продавници за компјутери. Каде ми избледе ХОПС, верувајте појма немам. Си поработив јас наваму натаму кога повторно ни се спои патот. Во ХОПС имаат потреба за волонтер, а јас пак речиси без работа. Имам време за волонтирање си реков, преку ден во кафич, навечер на терен.
Договоривме сѐ, во колку часот ќе се чекаме пред МАНУ, за да ја посетам теренската смена на Отворена сцена, поточно пред МРТ. Возбуда не можам да ви опишам, неизвесност што ме чека, сцени во глава како на филм. Срцево си го чувствувам насекаде во телото, леле си викам што е ова. Ме пречекуваат колешките со цело упатство со предавање за проблемите со кои се соочуваат сексуалните работници и што е улогата на ХОПС, но пред сѐ ме предупредуваат да не се опуштам многу со муабет за да не направам некоја каша. Предупредување на место, арно ама јас тогаш не сфатив најточно зошто и уште толку се скаменив. Тргнавме. Луѓе мои, се сеќавам на првата сексуална работничка што ја запознав, се сеќавам како точно беше облечена, мислам дека ги измерив сите коцки пред телевизија, додека Кате ми раскажуваше а јас се трудев да запаметам се до збор. Помина првиот терен, вториот, третиот…Јас се трудам да ги запаметам имињата на сексуалните работници, во тефтер пишувам описи кои кога ги читам и до ден денес се смејам. Како на пример А…. со зелен краток фустан, како и утре да ќе го носи фустанчето па ќе ја препознам.
Поминаа неколку терени, а луѓе како луѓе прашуваат се нешто. Па кај волонтираше, со кој работиш?…чекај чекај со кој??? И следат еден куп стигма муабети со кој јас тогаш не можев да се справам, па ме надвладеа масата и почнав да размислувам дали навистина треба да продолжам, дали е толку опасно како што сите ми зборуваат. Се редеа еден куп прашања во главата и така јас замислена во Кастом на работа пијам кафе и опа еден културен дечко, драг пријател, ми го поставува истото прашање како сите останати, ама неговата реакција ми го отвори сите чакри и ми го освести точно оној дел од мене кој што беше клучен за да сфатам дека тоа е тоа што го сакам. Откако му кажав каде волонтирам и каква помош им се нуди на сексуалните работници, Никола рече „ WOW не сум ни помислил дека има луѓе кои им помагаат на сексуалните работници, тоа е фасцинантно, сигурно си пресреќна што си една од ретките која може да работи со нив“. Молим? Па зар сум? Зар сум привилегирана што можам да работам со сексуалните работници? Зар може секој социјален работник или друг стручен кадар да работи со сексуални работници? И да драги мои, тогаш сфатив дека сум привилегирана и сеуште мислам исто.
Привилегирана сум затоа што ме научија како да расчистам со моите предрасуди кои до тогаш ги имав, привилегирана сум затоа што запознав нови пријатели и другари, привилегирана сум затоа што нивната борба за своите права стана и моја, привилегирана сум затоа што ме пуштија да влезам во нивните животи…и да не должам повеќе, ЕДНОСТАВНО СУМ ПРИВИЛЕГИРАНА.
Ивана А.