Појавата на деца и млади со искуство на улица во државите од Западен Балкан (ДЗБ) претставува огромен општествен проблем што бара апсолутна вклученост и на владините и на граѓанските организации. Со оглед на тоа дека ниедна од ДЗБ нема развиено систематска структурна поддршка на оваа популација на деца и дека досега граѓанските организации (ГО) беа признати како важен партнер во давањето услуги на децата изложени на ризик и на нивните родители, целта на овој материјал е да им даде водство на ГО во обезбедувањето услуги на децата и младите со искуство на улица.
ГО се одговорни за организирање теренски активности, координација и надзор за да се осигурат во квалитетот на услугите, да ја извршуваат работата на квалитетен начин и да се осигурат дека секоја институција во мрежата ги исполнува своите обврски во согласност со својот домен на работа. Прегледот на меѓународните и националните документи ги содржи обврските на државите поврзани со борбата против експлоатацијата на деца, насилството и трговијата со луѓе, како и обезбедувањето максимална поддршка во остварувањето на фундаменталните права во најдобар интерес на децата.
Покрај општите принципи, вредности и кодексот на однесување, Прирачникот ги дефинира идентификацијата, третманот и дополнителните услуги што може да се даваат на децата со искуство на улица. Тие имаат потреба од посебни интервенции што се разликуваат од интервенциите за другите ранливи деца и младинци. Досега не постои координирана и континуирана соработка меѓу чинителите вклучени во процесот на заштитата. Давателите на услугите дејствуваат во сопствените јурисдикции и не придонесуваат кон систематските решенија што би им помогнале на децата и младите со искуство на улица. Во Прирачникот се придава особената важност на учеството на секоја од засегнатите страни и нивниот придонес кон меѓуинституционалната соработка со цел да се обезбеди адекватна заштита на децата, а се нагласува и важноста на потпишувањето на формална спогодба за соработка меѓу нив (протокол, меморандум на разбирање итн.).