1. Што ако ме фатат со дрога?
Законот предвидува одземање на дрогата, но не предвидува казна за поседување дрога која не е наменета за продажба или промет.
1.1. Прекршочно ќе одговарам, односно ќе платам парична казна ако уживам дроги на јавно место (парична казна од 200 до 500 евра).
- Поседувам лек кој содржи психотропни супстанции без медицинска документација и во количина поголема од утврдената (парична казна од 3 000 до 5 000 евра).
- Ако не си изведен пред судија, може во рок од 30 дена од денот на пуштањето на слобода да бараш од надлежниот суд да ја испита законитоста.
- Мора да ти биде даден на потпис записник за часот и за датумот на лишувањето, часот и датумот на пуштањето на слобода и поуката за правото на бранител, како и целосниот записник.
- Ако си неосновано или незаконито лишен од слобода имаш право на надоместок на штета од буџетските средства.
1.2. Кривично ќе одговарам, односно можам да одам во затвор ако произведувам, преработувам, организирам производство и промет на дрога.
- Забранета е продажба, нудење за продажба и купување заради продажба, поседување или пренесување заради продажба, посредување во продажба или купување, пуштање во промет (затвор од 3 до 10 години или од 6 месеци до 3 години за помало количество на дрога, член 215).
- Наведувам друг да ужива дроги, давам на друг да ужива дрога, отстапувам простории на другарите да уживаат дрога или на друг начин овозможувам на друг да ужива дрога (затвор од 1 до 5 години, член 216).
2. Што треба да знам при преминување на граница ако сум на третман со метадон/бупренорфин?
- Смееш да поседуваш лек (метадон или бупренорфин) врз основа на медицинска документација и во количина неопходна за лична употреба во траење најмногу до 15 дена. Должен си името и количината на лекот да ги пријавиш на царинскиот службеник при преминување на државната граница со приложување на медицинска документација.
3. Дали судот може да ме принуди на лекување?
- Судот може да ти изрече задолжително лекување ако си сторил кривично дело поради зависност од дроги и кога постои опасност поради зависноста и натаму да вршиш кривични дела. Времето поминато на лекување се пресметува во казната.
4. Дали полицијата може да ме повика на разговор и дали мора да се појавам?
- Полицијата може да те повика со писмена покана во која треба да бидат наведени и причините за повикувањето, поука за правото на бранител во полициската постапка, како и последиците доколку не се јавиш на поканата. Не си должен да му ги дадеш бараните информации на полицаецот! Присилно може да бидеш доведен само со судска наредба.
5. Дали полицаец смее да ми го одземе метадонот/бупренорфинот?
- Полицаец не смее да ти го одземе метадонот/бупренорфинот за кој имаш медицинска документација. Полицаец не смее да те испрашува за време на апстиненцијални кризи со цел да изнуди признание. Во тој случај пријави го на некој од контактите во прашање бр. 18!
6. Кога полицијата може да ме претресе?
- Кога е веројатно дека кај тебе ќе се пронајдат траги или предмети важни за кривичната постапка. Претресот го врши лице од ист пол. За претрес на интимните делови на телото или телесните отвори е неопходно писмено одобрение на судот. Интимните претреси ги врши медицинско лице.
7. Кога полицијата може да го претресе мојот дом?
- Кога има веројатност дека ќе те пронајдат ако си баран заради приведување, дека ќе се пронајдат траги на кривичното дело или дека ќе се пронајдат предмети важни за кривичната постапка. Полицијата може да го претресе твојот дом само ако има писмена судска наредба. Полицаецот треба да ти ја покаже пред да започне со претрес. При претрес на твојот дом, полицијата треба да те поучи дека имаш право да земеш бранител кој може да присуствува на претресот ако дојде во рок од два часа од повикот.
8. Дали мора да се потпишам на записник при претрес?
- За секој твој претрес или претрес на твојот дом/возило се изготвува записник кој треба да го потпишеш ти и оној кој го врши претресот (најчесто полицаец). Ако при претресот ти се одземени исправи или предмети, тие треба да бидат внесени во записникот. За одземените предмети веднаш треба да ти биде издадена писмена потврда.
- Ако при претресот не се почитувани твоите права, погрешно се наведени одземените предмети, не се согласуваш и не разбираш што е напишано во записникот, не се потпишувај!
9. Кога можам да бидам приведен?
- Полицијата може со писмена судска наредба да те приведе како обвинет за кривично дело:
а) ако постојат основи за притвор кој е неопходен за непречено водење на кривична постапка; б) ако веќе е донесено решение за притвор;
в) ако си бил уредно повикан, а не си дошол или својот изостанок не си го оправдал;
г) ако не можело да се изврши уредно доставување на поканата, а од околностите очигледно произлегува дека си го одбегнувал приемот на поканата.
10. Што мора да содржи судската наредба за приведување?
- Твое име и презиме, кривичното дело што ти се става на товар со наведување на законска одредба, основот поради кој се наредува приведувањето, службен печат и потпис од судијата кој го наредува приведувањето. Полицаецот треба да ти ја предаде наредбата и да те повика доброволно да појдеш со него. Ако одбиеш доброволно да појдеш, може да те приведе присилно. Само по исклучок, кога се очекува активен отпор, приведувањето се врши без претходно предавање на наредбата.
11. Кога и колку може полицијата да ме задржи во станица?
- Ако си лишен од слобода без налог од суд, полиција може да те задржи: поради утврдување на идентитетот, за проверување на алиби или пак ако од други причини е потребно да се соберат нужни податоци за водење на постапката. Во рок од најмалку шест часа треба да бидеш доведен пред службеникот за прифат во посебно определените полициски станици, кој со решение ќе одлучи и ќе образложи дали ќе бидеш задржан или ќе бидеш пуштен на слобода.
12. Колку најдолго можам да бидам задржан/задржана во полициска станица?
- Задржувањето може да трае најмногу 24 часа. По истекот на 24 часа мора да те пуштат на слобода. Никако не е дозволено наместо да те пуштат на слобода да те префрлат во друга полициска станица.
- Имаш право веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од моментот на лишување од слобода да бидеш изведен пред суд кој веднаш ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода.
13. Кои се моите права ако сум задржан, приведен или лишен од слобода?
1. Право веднаш да бидеш известен, на јазик што го разбираш, зошто си повикан, приведен или лишен од слобода,
2. право да молчиш и да не даваш никаква изјава,
3. право на адвокат,
4. право да известиш член на твоето семејство или некое блиско лице,
5. право на лекарска помош,
6. право веднаш да бидеш известен за твоите права и дека од тебе не може да
се бара изјава.
На правата може да се повикаш веднаш или во кое било време додека си задржан од страна на полицијата!
14. Како да го оствариш правото на бранител (адвокат)?
- Имаш право насамо да се советуваш со адвокат по свој избор за време на испитувањето и во секое време, било да е дење или ноќе. Ако немаш свој адвокат или не можеш да стапиш во контакт со него, може да побараш да ја видиш листата на дежурните адвокати. Во времето од 20,00 часот навечер до 8,00 часот наутро имаш право да добиеш адвокат од листата на дежурни адвокати, чии трошоци паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија. Секогаш потруди се да контактираш адвокат кој ти е познат!
15. Дали можат да ме задржат во станица за прекршок?
- Ако си затечен при сторување на прекршок и под дејство на психоактивни материи може да бидеш задржан најмногу 8 часа ако постои опасност дека и во иднина ќе вршиш прекршоци, а не постојат услови за веднаш да бидеш пренесен во здравствена установа.
16. Што ако полицаец ми се заканува или ме присилува нешто да кажам или направам?
- Полицаец нема право, со сила или сериозна закана, да те присилува да сториш нешто, да не сториш или да трпиш нешто. Во спротивно, полицаецот врши кривично дело „присилба“ кое се казнува со затвор од 6 месеци до 5 години.
- Пријави го на еден од контактите во прашање бр. 18!
17. Кога полиција може да употреби физичка сила?
- Полицијата може да употреби физичка сила против тебе (различни зафати, боречки вештини или на нив слични постапки врз твоето тело) само со цел да одбие напад, спречи бегство или да го совлада твојот отпор. Полицијата не смее да користи полициска палка, средства за врзување и други средства за присилба заради изнудување на признание или изјава. Во тој случај пријави го на некој од контактите во прашање бр. 18!
18. Каде да се обратам во случај на прекршување на моите права од страна на полиција?
- Народен правобранител (ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 2, Скопје; тел.: 02 3129 335 лок. 118; веб-страница: ombudsman.mk; e-пошта: npm@ombudsman.mk ;
Народниот правобранител има подрачни канцеларии во: Тетово, Куманово, Кичево, Битола, Штип и Струмица.)
1. Сектор за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, има во секоја полициска станица на територијата на Република Македонија или пријави непосредно до Секторот при МВР.
2. Основен Суд Скопје 1 Скопје, судија на претходна постапка или во судот на територија на полициската станица каде што е сторена повредата.
19. Кои организации можат да ми помогнат?
- Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ (бул. „Климент Охридски“ 66-1/3, Скопје, тел.: 02 3214 269, e-пошта: koalicijaszpmz@gmail.com , веб-страница: coalition.org.mk)
- ХОПС – Опции за здрав живот Скопје (ул. „Христо Смирненски“ бр. 48/1-6, Скопје, тел.: 02 3246 205, e-пошта: hops@hops.org.mk , веб-страница: hops.org.mk)
Контактирај нè за да се информираш за организации кои ги штитат правата на корисниците на дроги и во други градови низ Македонија.
Преземено од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, Скопје.