Од глобален аспект, заштитата и грижата за деца и млади кои употребуваат дрога привлекува многу малку внимание. Се работи за контроверзно и често погрешно толкувано прашање со екстремен недостиг на финансии. Глобалните истражувања4 посочуваат на шокантни бројки и докази за рестриктивни закони со кои на младите им се попречува пристапот до програмите за намалување на штети. Речиси и да не постојат сервиси наменети за лица под 18 години, додека пак организациите често немаат капацитет неопходен да дадат услуга на оваа мошне ранлива група. Според изјавите на младите, тие често се соочуваат со значителни препреки при пристапот до услугите за намалување на штети на возраст под 18 години како резултат на бројни фактори, меѓу кои и ставовите на персоналот, како и политиките и праксата на организациите.
Употребата на дрога кај деца и млади на Балканот станува забележително видлив проблем кој налага сериозен пристап и брза реакција од страна на професионалците кои работат на оваа тематика и на носителите на одлуки со цел воведување промени во системот за здравствена и социјална заштита. Таквите промени, од историски аспект, бараат политичка волја и финансирање. Поради ова Прирачникот има цел да послужи како почетна точка за реализација на посакуваните промени. Во моментов, од суштинско значење за граѓанските организации се обуки на тимовите и изработка на програми за деца и млади кои употребуваат дроги во најкраток рок, додека надлежните министерства во секоја земја, главно Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика, треба заеднички да работат на отворање на програми за лекување и грижа за деца кои употребуваат дроги. Во согласност со член 33 од Конвенцијата за правата на децата, државата е должна да ги преземе сите соодветни мерки, вклучително и правни, административни, општествени и образовни мерки за заштита на децата од нелегална употреба на наркотични дроги и психотропни супстанции (ОН, 1989).
Прирачникот првично е наменет за здруженија на граѓани што работат со лица кои употребуваат дроги, како и за професионалци вклучени во третманот и грижата за деца кои употребуваат дроги. Изработен е со цел да им помогне на вашата организација и персонал безбедно да започнете со оваа работа и да ја понуди неопходната поддршка во справувањето со тешките ситуации и одлуки со кои ќе се соочите. Во одредени случаи може да си помислите дека сè уште не сте подготвени да почнете со работа. Сепак, Прирачникот исто така нуди насоки за создавање политики во поглед на третмани, намалување на штети и грижа за деца и млади кои употребуваат дроги, при што носителите на одлуки исто така можат да го применуваат.
Децата употребуваат дроги од различни причини при што сите деца не стануваат зависници. Сепак, постојаната употреба на дрога може да го попречи детскиот развој, да предизвика проблем со семејството, пријателите и средината, конфликт со законот итн. Затоа неопходно е со програмите да се покрие поширок спектар на активности: од универзална и селективна превенција за специфични групи и/или групи изложени на ризик, рано откривање со кратки интервенции, долгорочни интервенции, подоцнежна грижа, реинтеграција и рехабилитација. Здравствените и социјалните ризици за лицата зависни од дроги можат да се намалат преку сервисите за намалување на штети, лекување засновано на докази, социјална грижа и реинтеграција. Здруженијата на граѓани можат да ги имплементираат следниве програми за деца и млади кои употребуваат дроги: програми за намалување на штети, програми за третмани, програми за социјализација и грижа. Секако, здруженијата на граѓани исто така можат да имплементираат и други помали програми базирани на советување и образовни активности, но бидејќи таквите активности ги делат истите цели со погореспоменатите програми, тие ќе бидат разработени во рамките на останатите програми во Прирачникот.
Прирачникот можете да го прочитате на: