Прирачникот е наменет главно за граѓанските организации (ГО) кои работат со децата и младите Роми и Египќани изложени на ризик, но исто така наменет е и за другите организации, институции или личности кои работат со децата и младите Роми и Египќани и го споделуваат чувството на одговорност за нивната интеграција и заштита од: дискриминација, насилство, злоупотреба, запуштеност и експлоатација.
Прирачникот може да служи како инструмент на оние кои нудат или даваат услуги со тоа што ќе им покаже како да им помогнат и да ги поддржат децата и младите Роми и Египќани. Овој документ дава препораки за добрите стандарди, техники и процедури што треба да се применат во работата на ГО или слични организации со што би се овозможила подобра заштита на децата/младите Роми и Египќани преку обезбедување висок квалитет и стандард на услугите.
Прирачникот има цел да ги развие овие стандарди и процедури и препорачливо е тие да бидат прифатени, следени и применувани од страна на ГО кои даваат услуги на децата и младите Роми и Египќани и на други деца и млади кои треба да бидат заштитени и интегрирани во општеството. Прирачникот става акцент врз оние добри практики што веќе се применуваат од страна на ГО и други организации на Ромите чија цел е да обезбедат заштита за децата и младите Роми и Египќани под ризик од социјално исклучување. Централниот принцип на овој Прирачник всушност е најдобриот интерес во корист на децата и на младите. Визијата на документот е да се создаде поволна средина за безбедно и здраво одгледување на децата и на младите, поттикнување на нивниот полн потенцијал за физички и психосоцијален развој, нивно активно учество во сите области од општеството што влијаат на нивните животи и загарантирана евалуација на напредокот во почитувањето на човековите права во главните области на јавните служби за услуги за деца/младинци.
1 Прирачникот ја добива својата вредност во рамките на проектот „Социјално зајакнување на млади под ризик“ (ARYSE) поддржан од Европската Унија и спроведен од страна на мрежата на ГО во Западен Балкан, која работи со деца и со млади изложени на ризик од социјално исклучување веќе со години.
Проектот е координиран од страна на ГО Јувентас (Црна Гора), а партнерите во проектот се: АРСИС (Албанија), Асоцијација Маргина (Босна и Херцеговина), ХОПС (Македонија), Лавиринт (Косово), Превент (Србија) и Фондацијата СХЛ од Германија.
Проектот се справува со проблематичните прашања што влијаат на децата и на младите кои се во контакт/конфликт со законите и со регулативите, кои употребуваат дроги, живеат во семејства што се во контакт/конфликт со правниот систем и/или употребуваат дроги, со деца со улично искуство, со децата и младите Роми и Египќани и со децата и младите без родителска грижа.
Прирачникот е составен од 8 поглавја кои ги дефинираат сите проблематични аспекти поврзани со децата и младите Роми и Египќани во регионот, како и иницијативите преземени од властите за нивно учество и интеграција во општеството.
Прирачникот препорачува одредени процедури и техники при постапките и интервенциите што ГО можат да ги спроведат за да ги намалат дискриминацијата, нееднаквоста, експлоатацијата и социјалното исклучување на децата и младите Роми и Египќани.
Прирачникот е производ на континуиран процес на советување и консултации со партнерите во рамките на мрежата и ги земаат предвид сите меѓународни документи, извештаи, студии, испитувања во регионот и националната легислатива за заштитата на децата и младите Роми и Египќани. Заснован е на најдобрите регионални и меѓународни практики за инклузија, за развој и за интеграција во општеството на децата и младите Роми и Египќани.
Документот не ги исцрпува сите различни методи, техники и начини што различните ГО ги имаат развиено со тек на времето за да ја обезбедат заштитата на оние на кои им е потребна, особено на децата и младите Роми и Египќани.
Овој документ дава одредени упатства што може да се користат од ГО за лесно да може да биде остварлива нивната мисија за заштита, за развој и за социјална инклузија на децата и младите Роми и Египќани и нивните еднакви права без да подлежат на каква било дискриминација, сегрегација или етикетирање.