Под мерки на превенција се подразбираат ‘мерки и активности на државни и други институции и органи со цел спречување на негативни општествени појави, како и забранети последици кои произлегуваат од овие појави’. Основните фактори кои ја одредуваат безбедноста на сообраќајот се човекот, возилото и патиштата, но со тоа и мерките за превентивно дејствување мора да бидат насочени кон нив.
Една од причините што придонесува до загрозување на безбедноста во сообраќајот е возењето под дејство на психотропни супстанции. За да се намалат собраќајните незгоди по однос на ова прашање се воведуваат низа превентивни мерки од страна на законодавните органи во државава.
Психотропна супстанција е ‘секоја супстанција од природно или вештачко потекло, која е распоредена во листата на психотропни супстанции во согласност со меѓународните конвенции за контрола на опојните дроги и/или врз основа на одлука на надлежен орган (Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, < http://zdravstvo.gov.mk/zakon-za-kontrola-na-opojni-drogi-i-psihotropni- supstancii/ >)’.
Опојна дрога опфаќа и психотропни супстанции кои се распоредени во листата на психотропни супстанции, ако не се посебно споменати. Постои листа на опојни дроги и психотропни супстанции каде што точно се одделени едните од другите (< https://malmed.gov.mk/wp-content/uploads/2.8-Listi-za-klasifikacija-na- supstancii-opojni-drogi_Sl_vesnik-br.112-od-2009.pdf >). Сите супстанции вклучувајќи ги тука и алкохолот, седативите, лековите според нашата законодавна класификација имаат негативно влијание на психосоматските способности на организмот, па следствено на ова и на безбедноста во управувањето на моторно возило под нивно дејство.
Возачите под влијание на дрога имаат различни нарушувања на ниво на свеста, на однесувањето, на вниманието и на останатите психофизички функции или реакции и следствено на ова не реагираат во склад со научените возачки вештини и поседуваат непримерни реакции дадени за оваа ситуација, а што може да доведе до предизвикување на сообраќајна несреќа со фатални последици. Употребата на алкохолот сè уште претставува прв негативен причинител кој го доведува во опасност животот на учесниците во сообраќајот, но сè поголем е и бројот на возачите кои возат под влијание и на други психотропни супстанции.
Според статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, во 2017 година дури 300 сообраќајни незгоди биле предизвикани под дејство на алкохол, од нив 155 биле со фатален исход по живот (< https://mvr.gov.mk/analiza/soobrakjaj/56 >).
Превенција за обезбедување безбедност во сообраќајот
Превенцијата за обезбедување безбедност во сообраќајот ги опфаќа сите мерки со кои се намалува или на друг начин се придонесува до квантитативно и квалитативно намалување на сообраќајните незгоди и чувството на несигурност кај граѓаните било преку директно одвраќање од ваквите активности или преку донесување политики и интервенции со цел намалување на сообраќајните незгоди и нивните причини.
Сообраќајните деликти според законодавната рамка на нашава држава се посебен облик на прекршочно и кривично дело кои се тесно поврзани со урбанизацијата и развојот на сообраќајот. Ваквите сторени дела во зависност од нивниот вид предизвикуваат разновидни општествени последици, а особено се значајни големата стапка на морталитет, уништување на материјални добра и предизвикување на сериозни здравствени последици со утврден траен инвалидитет.
Некои психоактивни супстанции како што се екстазите и синтетичките дроги ги доведуваат возачите во состојба на хиперактивност и тие имаат поразителни последици во сообраќајот. Случајно спроведената анализа покажува дека 2 % од возачите кои се подложени на тестирање на примероци од плунка се под влијание на некаков вид лекови.
Европскиот центар за надзор на дрога и зависност на дрога (EMCDDA) предупреди на податокот според кој на патиштата во земјите на ЕУ има сѐ повеќе возачи кои користат дрога или лекови со чие консумирање не се препорачува возење и ја повикаа ЕУ да реагира во однос на ова прашање преку донесување на посебни политики за безбедноста на сообраќајот при употреба на психотропни супстанции и строго не се препорачува возење под нивно дејство (Извештај од Европскиот центар за надзор на дрога и зависност од дрога [EMCDDA], 2012 год.).
Употреба на психотропни супстанции и безбедноста во сообраќајот
Причините и последиците за појавата на консумирање на дроги се различни и имаат социјална подлога, т. е. треба да се разберат од гледна точка на поширок социјален контекст. Сите кои возат под дејство на психоактивна супстанција не реагираат во склад со научените вештини и имаат непримерни реакции во дадена ситуација, некритични се кон сопствената состојба во која се наоѓаат, немаат адекватно критично расудување за вклучување во сообраќајот, имаат лоши психофизички карактеристики, нарушена им е координацијата и времето на реагирање, погрешно ја проценуваат оддалеченоста, имаат нарушена перцепција на видот и на слухот, немаат добра ориентација во просторот и времето, а сето тоа заедно го зголемува ризикот на возење.
Законодавството на нашава држава има заземено јасен став по прашањето за дрогите и управувањето со моторно возило под нивно дејство и исклучува постоење на какви било видови или количина на дроги и по нивната употреба да се управува со моторно возило.
Една од превентивните мерки за користење дроги во сообраќајот е и зачестената полициска контрола на патиштата. Контролата како превентивно средство има цел однесувањето на учесниците во сообраќајот да го задржи во одредена нормативна дозволена рамка.
Според Националната стратегија за дроги 2014–2020 година, проблемот за безбедноста на сообраќајот и употребата на дроги е ставен како еден од предизвиците со кои треба да се бори нашава држава поради високата инциденца на смртни случаи од сообраќајни несреќи и можна употреба на психоактивни средства како ризик фактор (Национална стратегија за дроги 2014–2020, < http://zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2018/03/mkd-strategija-za- opojni-drogi-2014-2020.pdf >).
За да се надмине овој предизвик, државава заедно со Полицијата и граѓанскиот сектор спроведува низа активности на оваа тема: превентивни медиумски јавни кампањи за безбедноста во сообраќајот и употреба на дрога, разновидни едукативни предавања во образованието за подигнување на свеста, особено кај младите за безбедно возење и многу други.
Ваквите кампањи се спроведуваат низ светот и даваат добри резултати, како на пример кампањата „Не пиј додека возиш“ (DON’T DRINK AND DRIVE). Спроведувањето на превентивни активности во сегментот на безбедноста на сообраќајот треба да овозможи соработка, координација и размена на информации на сите учесници во спроведувањето на овие активности. За таа цел, Полицијата и Министерството за внатрешни работи се битни во креирањето на политиките за превенција на ваквите појави, но исто така и спроведувачи на многу превентивни кампањи кои користат за подигнување на јавната свест за безбедно возење без употреба на психоактивни супстанции.
Авторка: Јасмина Пијанманова
Јасмина Пијанманова е дипломиран етнолог и магистер по културен менаџмент. Магистерските студии ги има завршено на Универзитет за уметности во Белград на Унеско катедрата за културен менаџмент и интеркултурен дијалог. Долги години работи во граѓанскиот сектор во областа на социјалните политики, превенција од дрога и алкохол, како и во областа на културата и уметноста и развој на културните политики. Денес е вработена како етнолог кустос во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј во Струмица.