Прес конференција и протест пред Собранието на Р.С. Македонија

0

Во среда 27.11.2019 година во 10 часот, пред Собранието на Република Северна Македонија (влезот од страната на Дом на АРМ), десет мрежи на здруженија на граѓани ќе одржат прес конференција на која ќе повикаат на итен избор и именување на кадар во повеќе институции и тела од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Изборот и именувањето на повеќе тела е закочен во Комисија за прашања на изборите и именувањата, со што овие институции не можат да ги исполнуваат своите надлежности, да ги спроведуваат реформите во своите области и соодветно да ги промовираат и заштитуваат правата на граѓаните, да ја мониторираат работата на извршната власт и да ги спроведуваат новите законски решенија.

Се работи за институции кои се од исклучителна важност за демократизацијата на нашето општество како: Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Агенција за слободен пристап до информации од јавен карактер, Државниот завод за ревизија, програмски совет на МРТВ, Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, Судскиот совет на Република Северна Македонија и надворешниот механизам за граѓанска контрола врз полицијата при Народниот правобранител.
Сметаме дека функционалноста на овие институции е од заеднички интерес на сите граѓани и здруженија на граѓани.

Поради ова ве покануваме да дојдете и со вашето присуство да ни помогнете да го свртиме вниманието на јавноста и на донесувачите на одлуки кон овие исклучително значајни прашања за благосостојбата на граѓаните, одговорноста и отчетноста на властите.

Позади оваа иницијатива стојат десет мрежи на здруженија на граѓани кои заедно обединуваат околу 100 здруженија и иницијативи кои активно работат на унапредувањето и заштитата на човековите права:

  • Мрежа за заштита од дискриминација
  • Платформа за борба против корупцијата
  • Блупринт група за реформи во правосудство
  • Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата
  • Платформа за родова еднаквост
  • Мрежа 23
  • Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство- Глас против насилство
  • Мрежа за застапување на интересите на Ромите
  • Македонска платформа против сиромаштија
  • Платформа за одржливост на програмите за превенција, грижа и поддршка за ХИВ

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.