Книга
Учењето на Дон Хуан од Карлос Кастанеда
The Teachings of Don Juan by Carlos Castaneda
Карлос Кастанеда (1925 – 1998) е перуанско-американски антрополог и писател, кој докторирал на Универзитетот за антропологија во Калифорнија.
Тој се прославува со серија романи, дванаесет од нив, започнувајќи со првиот Учењето на Дон Хуан во 1968 година. Романите се пишувани во прво лице затоа што ги претставуваат негови лични искуства како ученик на индијанскиот шаман (брухо) дон Хуан Матус од племето Јаки кого го сретнал во 1960 година.
Сакајќи да дознае повеќе за ефектите на халуциногените габи, кактуси и треви што ги користат мексиканските Индијанци, Кастанеда доаѓа во контакт со старите Индијанци, поточно со учителот Дон Хуан кој постепено го воведува во истражувачкиот чудесен свет што постои зад халуциногените растенија: пејотл (Lophophora williamsu), татула (Datura inoxia) и од царството на халуциногените габи (Psilocybe mexicana).
Дон Хуан го воведува Кастанеда во светот на индијанската традиција и во реалноста на магијата и водејќи го низ разновидни спиритуални искуства влијае на менување на неговите верувања за „чудата“, за задоволствата и за лекувањето преку доживување на изменети состојби на свест.
Дон Хуан е неговата врска со непознатото. Кастанеда честопати ова непознато го нарекува „невообичаена реалност“ исполнета со внатрешна сила, задоволство, екстаза, моќ и самодоверба.
Оваа книга е приказна за бескрајно духовно патување кое остави многу силен впечаток на милиони читатели во светот и која влијеаше на многу општествени движења и супкултури, како што е на пример хипи движењето.
Филм
Дорс во режија на Оливер Стоун
„The Doors“, directed by Oliver Stone
Во филмот Дорс (The Doors, 1991) Оливер Стоун го опишува животот на познатиот американски музичар и секс-симбол Џим Морисон и култниот музички бенд Дорс во славните шеесетти години. Ова се годините на зачудувачката експанзија на рокенролот и на желбата за лична слобода. Тоа се времиња кога Дорс и нивната релаксирана, истовремено опојна музика, стануваат симбол на генерацијата.
Фронтменот на Дорс – Џим Морисон е опишан како еден од највлијателните луѓе во историјата на рокенролот. Со право го носел статусот на жива икона, прославена во светот на рокенролот и во хипи движењето кое во тоа време се залагало за мир во светот и за слободна љубов. Како и многу други музички ѕвезди, по неговата смрт во Париз во 1971 година тој прераснува во легенда.
Филмот повеќе говори за Џим Морисон, за неговото детство, за неговата интимна врска со Памела Курсон, за неговите филозофски инспирации, за формирањето на бендот, за употребата на алкохол и на дроги, за сексот, за спиритуализмот (шаманизмот) и за неговата опсесија со болката и со смртта кои го обликуваат неговиот карактер, а преку него создаваат нови културни обрасци кои влијаат на тогашната младина во САД и во светот.
Ова не е типичен биографски филм, но може да се види како збир на искуства прикажани преку песните на Дорс, комбинирани со одлични аудио-визуелни решенија кои постојано ги напаѓаат нашите сетила, со што Оливер Стоун нуди увид во психоделичниот свет на Џим Морисон полн со идеи и со визии кои и денес се инспирација за многумина.
П. С. Вал Килмер одлично се снаоѓа во улогата на Џим Морисон, но морам да кажам дека насловот можеби требаше и да биде „Џим Морисон“ затоа што неговиот лик доминира во филмот.
Подготвува: Ирена Јовановска
2 коментари
Каде може да се најде книгата
Повелете: https://kupikniga.mk/product/ucheneto-na-don-huan/?lang=en