Книга:
Јохан Хари
Ловејќи го крикот
Johann Hari
Chasing the scream
Измешанa социологија, историја и репортажа со новелистички детали, Хари ги користи наративите на првиот американски цар на дрогата Хари Aнслингер, џез-
-пејачката и зависничка Били Холидеј, и дилерот Арнолд Ротштајн како архетипови да се истакне како војната постојано се зацврстува со шокантен интензитет и противречност. Тој смета дека основната причина за забрана на дрогите не беше алтруистичката желба да се заштитат луѓето од штетните хемиски супстанции и зависност, туку страв дека „црнците, Мексиканците, како и Кинезите, со користење на овие хемикалии го забораваат своето место и се закана за белците“. Расната дискриминација продолжува да доминира, дискусиите за ефикасноста на војната против дрогите продолжуваат, мнозинство од ненасилните престапници за дрога се црнци, а сепак статистиките покажуваат дека употребата на дрога кај сите расите е еднаква. Хари со неговите патувања низ целиот свет, со различни приказни ни ги доловува последиците од неуспешната војна против дрогата. Иако авторот e сконцентриран на негативните последици од забраната на дрогите, тој го потенцира случајот со Португалија каде што сите дроги се декриминализирани од 2001 година. Таму просечната употреба на дроги сега е помала од која било друга земја во Европа. Книгата сама по себе е внимателен и хуман аргумент за укинување и за промени на драконските политики за дроги.
Филм:
Марија исполнета со благодет
Maria Full of Grace
Џошуа Марстон во овој филм одлучува да претстави еден светски проблем – дрогата, транспортот и препродажбатa преку жените „мазги“. Моќна приказна која ја открива реалноста на животот за оние кои се само пиони во суровиот свет на трговија со дрога. Портретот на Марија ќе ве натера да подзастанете и да ја согледате и другата страна на овој валкан бизнис. Сиромашните девојки од Колумбија често се одлучуваат да бидат „мазги“ за да им овозможат на своите фамилии подобар, посигурен живот, во овој случај на своето неродено дете. Во самата експлоатацијата на жените, тие не се третираат како човечки суштества, туку како амбалажа за вредни супстанции наменети за уживатели и за профит на дилерите. Факт е дека дилерите „мазгите“ ги гледаат како потрошна стока која им носи милиони долари. Филмот Марија исполнета со благодет е фасцинантен благодарение на одмерената глума на хероината на филмот која го претставува третманот на луѓето од работ на финансиската глобализација. Иако е експлицитен, морализираторскиот став е целосно отсутен.
http://www.imdb.com/title/tt0390221/
Ирена Јовановска