Книга: Кристијане Ф. Фелшеринов и Соња Вуковиќ
„Кристијане Ф. – Мојот втор живот: Автобиографија“
Christiane V. Felscherinow und Sonja Vukovic
Christiane F. – Mein zweites Leben: Autobiografie
Кристијане Ф. денес е 53-годишна жена, која по обемниот материјал за книгата „Кристијане Ф. – Ние децата од станицата ЗОО“ стана позната по истоимените книга и филм „Кристијана Ф. – Ние децата од станицата ЗОО“ инспирирани од нејзините искуства со дрогите во доцните седумдесетти години од ХХ век. „Мојот втор живот“ е продолжение во кое се опишува нејзиниот живот по настаните опишани во првата книга. Така, во раните осумдесетти години на ХХ век, заедно со нејзиното тогашно момче Александер Хаке, инаку член на музичката група „Ајнштирценде нојбаутен“ (Einstürzende Neubauten), започнале музичка кариера. Се дружела и со Ник Кејв, „Депеш мод“ и Били Ајдол. Одела на кокаински журки со Ван Хален. Летала над Берлин со Дејвид Боуви во приватниот авион на „Ролинг стоунс“. Во триесет и петте години по Станицата ЗОО таа постојано се справувала со зависноста од хероин. Во 2008 година го изгубила старателството над нејзиниот сега веќе возрасен син. Еден интересен дел од нејзината приказна е дека и покрај целиот тој метеж таа била финансиски постабилна од многуте славни личности, внимателно заштедувајќи ги парите заработени од нејзината прва книга. Сè на сè, изгледа како многу интересно четиво. Засега книгата е достапна само на германски јазик, но веќе се преведува на дванаесет други јазици. Можеме да се надеваме дека ќе добиеме можност да ја прочитаме и на македонски.
http://www.amazon.de/Christiane-F-zweites-Leben-Autobiografie/dp/3943737128
Филм
„Кристијане Ф. – Ние децата од станицата ЗОО“
Christiane F. – Wir kinder vom Banhof ZOO
„Кристијане Ф. – Ние децата од станицата ЗОО“ е германски филм од 1981 година, во режија на Ули Едел, кој ја отсликува сцената со дрога во Западен Берлин во седумдесеттите години на ХХ век. Се работи за вистинска приказна за една млада девојка која станува дел од сцената со дрога во Берлин на возраст од 13 години, a на 14 веќе е зависничка од хероин и сексуална работничка. Филмот е снимен според истоимената книга и од многубројните часови снимен разговор со Кристијане Ф. Култниот статус што филмот веднаш го стекнува сè уште се одржува. А со појавата на Дејвид Боуви, лично и како композитор на музиката, се контекстуализира дејствието. Преку приказната за Кристијане се опишува животот на повоените генерации израснати во Западен Берлин и неподготвеноста на општеството да одговори на потребите на младите. Трагите кои ги оставаат на нејзиното семејство, исто како и на многу други семејства, војната и процесот на повоена реконструкција на Западна Германија во тоа време ја принудуваат Кристијане сама да си го најде патот до сопственото созревање.