Поднаслов: Книга: „Кралеви од улиците“ на Александар Ковилоски, Издавач: Просоцијал, 2020
Се работи за деби-роман на Александар Ковилоски. Приказната во него изобилува со дрога, маалски живот, емоционални односи, македонски затвори и осуденички живот, погрешни размислувања, и сите оние глупости во кои може младиот човек да западне. Преку дејствијата на главниот лик романот ги доловува вредностите во животот и ги преиспитува, а приказните во него се сосема приземјени и сведени на реалниот живот. Романот се состои од три дела: првиот е запознавање со ликовите и нивниот начин на живот, вториот навлегува подлабоко во приказната и на некој начин е кулминација на дејствијата, додека третиот го опишува животот во затворите и ја појаснува кулминацијата од вториот дел.
Поднаслов: Филм: „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески
Исцелител — македонски филм во режија на Ѓорче Ставрески кој е истовремено и сценарист и продуцент на филмот, како и монтажер на звукот. Камерман е Дејан Димески, а монтажата е дело на Мартин Иванов. За меѓународната дистрибуција на филмот била задолжена француската агенција „Вајд“ (Wide). Главните улоги ги играат: Благој Веселинов и Анастас Тановски.
Блескава рецензија за #Исцелител од Амбер Вилкинсон (Amber Wilkinson) за „Око за филм“ (Eye For Film):
„Односот на таткото и синот е освежувачки автентичен, со врвна изведба од двајцата актери. Саздо (Анастас Тановски) можеби умира, но тоа не го спречува да биде иритантен дури и кога Веле (Благој Веселинов) со сета сила се обидува да не дозволи да го изнервира. Ставрески внимателно ја зачинува заднинската приказна во добро реализирана комбинација на љубов, фрустрација, вина и тага, осигурувајќи се дека постојано го држи гледачот закачен на емотивната јадица.
Овој филм можеби е делумно драма, делумно крими трилер и делумно социјален коментар, но Ставрески сите ги спојува заедно на убав начин во кој подеднакво се грижи за секој лик, а не само за централните. Дури и споредниот лик на Џем (Аксел Мехмет) има мала, но задоволителна и заокружена приказна. Истото ова може да се каже и за краткиот упад во љубовниот живот на Веле кој, на прв поглед, е како наддаден, но сепак си наоѓа пат до емотивен климакс.“
Исцелител е филм што балансира меѓу семејна драма, црна комедија и социјален коментар. Најголем шарм на филмот се непретенциозноста и искреноста кои ги покриваат недостатоците и несигурноста во некои делови