ПрЕП програма

0

Започна пилот-програмата за предекспозициска профилакса. Дознај повеќе и пријави се за учество

Што е ПрЕП?

ПрЕП или предекспозициска профилакса е алатка за превенција на ХИВ. Таа претставува таблета која содржи две антиретровирусни активни состојки и може да ја зема ХИВ-негативно лице, во период на ризик, за да се заштити од инфицирање со ХИВ.

Во 2015 година Светската здравствена организација (СЗО) објави силна препорака дека ПрЕП треба да се направи достапна како дополнителен избор на превенција на ХИВ за лицата што се наоѓаат во значителен ризик од вирусот, како дел од комбиниран пакет на опции за превенција.

Повеќе за правилниот начин на употреба на ПрЕП може да се прочита во нашиот водич „Моето сексуално здравје и ХИВ“.

ПрЕП во Македонија: пилот-програма во текот на 2021 г.

ПрЕП за прв пат почна да се нуди како услуга за превенција на ХИВ во февруари 2021 година во рамките на пилот-програма (PrEP-MKD) што ја спроведуваат во партнерство Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, која ќе трае до декември 2021 г.

Пилотирањето на услугите за ПрЕП е предвидено и со Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2021 година, а се спроведува во соработка со Министерството за здравство и други организации од граѓанскиот сектор.

Техничка поддршка во развивањето на протоколот и подготовките за пилот-програмата беше обезбедена од Канцеларијата на Светската здравствена организација и Алијансата за јавно здравје од Киев, Украина. Конфинансирање на пилот-програмата е обезбедено преку регионалниот проект „Одржливост на услугите за клучните популации во Источна Европа и Централна Азија“ раководен од Алијансата за јавно здравје, а финансиран од Глобалниот Фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.

ПрЕП во контекстот на сексуалното здравје

Со пилот-програмата PrEP-MKD, ПрЕП се нуди како дел од поширок пакет на услуги за сексуалното здравје, кој вклучува и скрининг за сексуално преносливи инфекции. Заинтересираните лица засегнати од ХИВ имаат можност да ги користат овие услуги и да добиваат ПрЕП целосно бесплатно, доколку се утврди дека ПрЕП е соодветна алатка за нив.

Програмата е дизајнирана во вид на истражување што ќе ни покаже како услугите за ПрЕП би можеле да функционираат во домашниот контекст и ќе обезбеди податоци што ќе помогнат овие услуги да останат достапни и во иднина и да се зголеми нивниот опфат. Планирано е да бидат опфатени најмалку 100 лица во текот на годината, но доколку постои интерес има можност да се вклучат повеќе лица.

Услугите за ПрЕП се даваат во Советувалиштето за ХИВ при Клиниката за инфективни болести, секој вторник и четврток од 14:00 до 18:00 часот.

Кои услуги се нудат во ПрЕП програмата?

Учесниците во пилотот поминуваат стандарден процес на проценка за да проверат дали ПрЕП е соодветно решение за нив. Доколку се потврди соодветноста, за време на спроведувањето на програмата тие ќе добиваат бесплатен пакет на услуги за сексуално здравје, кој ќе вклучи:

  • редовно снабдување со таблети ПрЕП
  • редовно ХИВ-тестирање
  • тестирање за хепатит Б и хепатит Ц
  • тестирање за други сексуално преносливи инфекции: сифилис, гонореа, и хламидија
  • вакцина против хепатит Б (доколку лицето нема претходно стекнати антитела)
  • редовен медицински преглед
  • кондоми и лубриканти
  • советување за прашања од областа на сексуалното здравје и информативни материјали.

 

Дали е ПрЕП за мене?

ПрЕП е наменета за лица кои се наоѓаат или може да се најдат под зголемен ризик од ХИВ инфекција. Ако сметаш дека си под зголемен ризик од ХИВ или ако припаѓаш на заедница или група во која е познато дека стапката на ХИВ е повисока, тогаш би можел да размислиш за земање ПрЕП. Следниве насоки може да бидат од помош да одлучиш.

ПрЕП може да биде опција за тебе, ако е точно најмалку едно од овие нешта:

  • не употребуваш кондом при секој сексуален однос и со секој сексуален партнер
  • си имал или имаш секс со повеќе од еден сексуален партнер во изминатите 6 месеци
  • имаш сексуален партнер кој има други сексуални партнери или е под значителен ризик да добие ХИВ
  • имаш незаштитен секс со некој што инјектира дроги или користи заедничка опрема за инјектирање со други лица
  • самиот инјектираш дроги или користиш заедничка опрема за инјектирање со други лица
  • имаш сексуални односи под дејство на алкохол или рекреативни дроги
  • си имал некоја сексуално пренослива инфекција (на пример, гонореа, хламидија, сифилис или херпес) во изминатите 6 месеци
  • имаш сексуален партнер кој неодамна дознал дека има некоја сексуално пренослива инфекција, вклучително и ХИВ
  • имаш секс со партнер кој е ХИВ-позитивен и не е на антиретровирусна терапија, или прима антиретровирусна терапија, но сè уште нема постигнато целосно потиснување на вирусот во крвта (нема достигнато недетектабилен вирусен товар)
  • ти и твојот партнер не го дискутирате прашањето за ХИВ и не си го знаете својот ХИВ статус.

Секој од овие ризици е поголем во средина со поголема стапка на ХИВ-инфекција. Во Македонија, геј и би мажите, како и воопшто мажите што имаат секс со мажи се несразмерно повеќе засегнати од ХИВ во споредба со општата популација. Врз основа на последните истражувања од 2018 година беше проценето дека 1 во 20 лица од оваа популација има ХИВ. Врз основа на искуствата во поширокиот регион, транс-луѓето во Македонија исто така се сметаат за популација изложена на висок ризик од ХИВ-инфекцијата.

Во рамките на ПрЕП-пилотот на лицата заинтересирани да користат ПрЕП ќе им биде направена стандардизирана проценка, со која ќе се провери дали ПрЕП е соодветно решение за нив. Прочитај повеќе овде.

Како да добијам ПрЕП?

Заинтересираните лица може да се јават на телефонскиот број 078 235 632 и да закажат термин за појдовна проценка, во рамките на редовните смени:

Секој вторник и четврток од 14:00 до 18:00 часот
Советувалиште за ХИВ при Клиниката за инфективни болести
Закажување на телефон: 078 235 632

Дополнително, заинтересираните лица може да направат регистрација за учество во програмата и во просториите на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, секоја среда од 17:00 до 20:00 часот, каде што може да се помине и поголемиот дел од процедурата за првична проценка.

За колку време ќе можам да добијам ПрЕП?

Оваа пилот-програмата се стреми максимално да ги поедностави неопходните чекори до почнувањето со ПрЕП. Се очекува за тоа да бидат неопходни 2 до најмногу 5 дена од првичната посета на заинтересираното лице, односно времето до првата следна редовна смена на ПрЕП-пунктот (вторник или четврток) – веднаш штом ќе бидат изработени лабораториските тестови за кои ќе се земе крв при првичната посета.

Кои услуги ќе ги добијам?

Доколку се потврди дека ПрЕП е соодветно решение за вас ќе добиете целосно бесплатен пакет на услуги за вашето сексуално здравје, кој ќе вклучи:

  • редовно снабдување со таблети ПрЕП
  • редовно ХИВ-тестирање
  • тестирање за хепатит Б и хепатит Ц
  • тестирање за други сексуално преносливи инфекции: сифилис, гонореа, и хламидија
  • вакцина против хепатит Б (доколку немате претходно стекнати антитела)
  • редовен медицински преглед
  • кондоми и лубриканти
  • советување за прашања од областа на сексуалното здравје, и
  • информативни материјали

Појдовна посета и проценка на соодветноста

Во договорениот термин (вашата прва посета), обучен ПрЕП-навигатор најпрвин ќе ви ги даде сите неопходни информации во врска со ПрЕП и со учеството во програмата.

Доколку сте заинтересиран/-а да се вклучите ќе биде побарано да дадете писмена согласност и да поминете низ проценката на соодветноста. Оваа проценка ќе биде спроведена веднаш преку краток разговор со ПрЕП-навигаторот и со лекар и таа ќе ни покаже дали ПрЕП е соодветна како средство за заштита од ХИВ лично за вас.

Покрај тоа, за време на појдовната посета ќе ви биде земена крв за неопходните појдовни испитувања. Резултатите од овие тестови ќе бидат готови за 2 до 5 дена (во зависност од денот на појдовната посета), и доколку е сè во ред, веднаш ќе ја добиете првата количина таблети за ПрЕП (tenofovir disoproxil + emtricitabine) доволна за првиот месец. Со други зборови, ако вашата прва закажана посета е во вторник, веќе во четврток ќе можете да ја подигнете својата прва залиха на таблети ПрЕП.

Како ќе се процени дали ПрЕП е соодветна опција за мене?

Соодветноста на ПрЕП во оваа пилот-програма се проценува врз основа на протокол кој е во согласност со последно ажурираните препораки на Светската здравствена организација за ПрЕП.

Соодветност на ПрЕП ќе се утврди доколку:

  • лицето има навршено 18 години,
  • во можност е да се појавува на последователни контролни посети (1 месец по првичната посета и на секои 3 месеци),
  • има документиран ХИВ-негативен статус при регистрацијата или не порано од 7 дена пред започнувањето со ПрЕП (ХИВ-статусот ќе се проверува на првичната и на секоја последователна посета)
  • има ГФР ≥ 60, пресметана според клиренсот на креатинин
  • се наоѓа во висок ризик од добивање ХИВ преку сексуално изложување (што ќе се провери преку соодветен прашалник).

ПрЕП нема да може да користат лица коишто:

  • веќе се инфицирани со ХИВ или имаат симптоми што укажуваат на акутна ХИВ-инфекција, а притоа имале неодамнешен ризик од инфицирање;
  • имаат индикации за постекспозициска профилакса за ХИВ;
  • имаат алергија или контраиндикација на некој од двата лека во комбинацијата за ПрЕП.

Лицата кај кои не постои медицинска пречка да користат ПрЕП, но каде што бихејвиоралната проценка ќе покаже дека оваа алатка за превенција не е соодветна за нив, ќе бидат советувани за најдобрите начини да останат здрави и заштитени од ХИВ.

Контролни посети

Корисниците на ПрЕП-програмата ќе треба да доаѓаат на контролни посети во текот на годината: еден месец откако ќе почнат да користат ПрЕП и потоа на секои три месеци. Во зависност од посетата, повторно ќе се прават прашалници, ќе се прави медицинско следење со доктор и ќе се зема крв. Контролните посети иако се задолжителни, сепак подлежат на одредена флексибилност, колку тоа го дозволува начинот на земање на ПрЕП. Доколку, од било која причина, сте спречени да дојдете на некоја последователна посета, тимот на пилотот ќе ви излезе во пресрет за да се договори најсоодветниот термин.

Учеството во пилот-програмата е доброволно, доверливо и бесплатно!

Документацијата и формуларите за анализа за секој учесник ќе бидат означени само со анонимна шифра и третирани строго доверливо. Личните податоци поврзани со учеството во пилот-програмата се заштитени во согласност со законите (Закон за заштита на личните податоци, Закон за здравствена заштита и Закон за заштита на правата на пациентите).

Здравствениот преглед и потребните лабораториски анализи ќе бидат вршени во рамките на задолжителното здравствено осигурување, при што учесниците во овој пилот ќе бидат ослободени од плаќање на партиципацијата.

Доколку некој од учесниците нема активно здравствено осигурување, трошоците за првичната и последователните посети ќе бидат целосно покриени, сè до решавање на проблемот со здравственото осигурување, за коешто ќе биде обезбедена соодветна стручна поддршка.

Учеството во програмата е доброволно, а учесниците може во секој момент да се откажат од него.

 

 

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.