Предавање на Томислав Османли „Стрип и ангажман“

0

Во среда, 29 мај со почеток во 20 часот, во кино салата на Музејот на современа уметност во Скопје ќе се одржи предавањето „Стрип и ангажман“ на писателот, новинар и есеист Томислав Османли.

Во своето предавање Османли ќе се осврне на разните аспекти на општествено-културно влијание на стрипот и графичката литература. Низ примери од класичното и современо стрип творештво, Османли ќе говори и полемизира за стрипот како медиум низ кој авторите се обидуваат да покренат важни политички, социјални и општествени прашања како и за тоа каде е границата помеѓу стрип уметноста со ангажирана тематика и неговото влијание наспроти површниот памфлетизам.

Предавањето на Османли се реализира во рамките на „ Школата за ангажиран стрип“ која што се одржува во периодот април- ноември 2019 година.

Во фокусот на Школата за стрип е социјално ангажираниот стрип. Ќе се изучуваат уметничките практики со кои се промовира стрипот како медиум, кој придонесува кон социјално ангажираните практики и цели кон зајакнување на правата на маргилизираните заедници , вклучувањето на исклучените и осветлување на бројните животни приказни на поединците и заедниците, приказни што не можеме често да ги видиме во делата на стрип авторите, ликовните уметници или пак во традиционалните медиуми.

Проектот „Социјално ангажиран стрип – уметнички практики за општествени промени“ е финансиски подржан од Министерството за Култура, Општина Центар и Културен Центар Јадро.

Томислав Османли (Битола, 1956) е писател, колумнист, есеист, драматург и теоретичар на медиуми. Диломирал право на Правниот факултет во Скопје, четири децении работи како новинар, уредник во доменот на културата и уметностa, а уште подолго време се занимава со уметничко творештво.

Автор е на дваесет и четири книги: проза, теорија, публицистика, драмски текстови, сценарија. Неговата студија „Филмот и политичкото” (1981) е првата македонска теоретска книга посветена на Седмата уметност, a „Стрип, запис со човечки лик” (1987, 2002) првата македонска теоретска книга посветена на Деветтата уметност. Книгата јудео-балкански раскази и новели „Светилка за Ханука“ (2008) стана лауреат на наградата „Прозни мајстори“. Романот „Дваесет и првиот“ беше прогласен за Роман на годината за 2009, а потоа и избран за македонски претставник во книжевниот натпревар за наградата „Балканика“.

Играниот филм „Ангели на отпад” (Angels of the Dumps, 1995) работен според неговото оригинално сценарио, беше прикажуван на меѓународните фестивали во Каиро, Сан Диего, Белград, Пула, Подгорица, Рим; а, посебно, на специјална, дводневна програма на Американскиот филмски институт (AFI) во Националната кино сала на Кенеди центарот во Вашингтон, САД.

 

Извор

Share.

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.